Регион

Судот на БиХ бара законско регулирање на медиумското известување

Адмир Муслимовиќ, Сараево

Ранко Дебевец. Фото: БИРН

Судот на Босна и Херцеговина, соопшти дека е потребно законско регулирање на медиумите врзано за кривичните постапки, со цел решавање на непрофесионалното, неточно и прејудицирано известување.

Како што се вели во соопштението на судот, во медиумите сѐ повеќе се пласираат „непрофесионални, тенденциозни и неточни прилози, статии и коментари”, во врска со случаите кои се водат пред овој суд.

Со ова, судот, како што е наведено во соопштението, нема намера да „влијаат врз слободата на медиумите и слободата на изразување”, туку да ја заштити својата независност, да го промовира владеењето на правото и да обезбеди „правилно информирање на јавноста”.

Во него се додава дека непрофесионалното известување за случаите на воени злосторства, ги продлабочува меѓуетничките тензии во земјата и ги навредува жртвите.

„Имајќи ја предвид чувствителноста на случаите на воени злосторства, како и важноста на спроводење на судските постапки за овие дела, особено имајќи обѕир кон жртвите, потребно е да се избегне пристрасното и бомбастичното известување, како и неточното и малициозното коментирање во врска со овие случаи”, се вели во соопштението.

Претседателот на судот, Ранко Дебевец, за БИРН изјави дека е неопходно „воспитување во новинарството”.

„За жал, во нашата земја има многу малку вакво вопитување”, истакна Дебевец.

„Ние знаеме што е слобода на изразувањето и до која мера може да се оди. Но, да се коментираат првостепените пресуди на судиите, како срамни или неточни, што е практика на многу медиуми, е надвор од памет“, додаде тој.

Судот побара од босанските власти со „законски текст да предвидат правила за медиумското известување во врска со кривичната постапка”.

Од Регулаторната агенција за комуникации се бара да ги измени правилата за медиумско покривање на судските постапки и „воочените неправилности во практика соодветно да ги корегира”.

Судот во соопштението ги повика медиумите „фер и чесно, одговорно и транспарентно, без предрасуди и пејоративни алузии, да известуваат за судските постапки, уважувајќи ја презумпцијата на невиност на обвинетите, на достоинството на жртвите и на сведоците”.