Канцеларијата на регистарот на ММКС, објави дека неколку дена ќе ги слуша телефонските повици на Радован Караџиќ, откако тој, од притворската единица во Холандија, телефонски се обратил на трибина што се одржувала во Подгорица.
Во одлуката на Канцеларијата на регистарот се наведува дека командантот на притворската единица, претходно не му дозволил на Караџиќ да ги користи просториите за комуникација за „јавно ширење на информации во каква било форма“.
Според одлуката донесена на 6 мај, на командантот на притворската единица му е наредено да ги преслуша и кратко да ги претстави непривелегираните разговори на Караџиќ во претходните пет дена, вклучувајќи ги и оние од 1 мај, како и разговорите што тој ќе ги направи во наредните седум дена, почнувајќи од 6 мај.
„Надгледувањето и слушањето на неодамнешните, на минатите и идните непривилегирани телефонски повици, за одреден временски период, се потребни, за да се истражат можните повреди на правилата и за да се обезбеди сигурност и ред во притворската единица на Обединетите нации, а тоа е и во интерес на спроведувањето на правдата“, се вели во одлуката на Канцеларијата на регистарот.
Караџиќ, кого ММКТ во март го осуди за геноцид и други воени злосторства, во петок по телефон им се обратил на присутните на трибината во Подгорица, а како гостин зборувал и хашкиот осуденик, Момчило Краишник.
Поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, беше санкциониран по сличен инцидент во ноември минатата година, кога во живо, по телефон, се јави во телевизиска емисија на српската Хепи ТВ.
Судот нареди, повиците на Ратко Младиќ, да се слушаат еден месец.
Караџиќ е осуден на казна доживотен затвор за геноцид извршен над Бошњаците од Сребреница, за тероризирање на граѓаните на Сараево со долготрајно гранатирање и снајперски оган, за прогон и истребување на Бошњаците и Хрватите во 20 општини низ цела земја, како и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.
Неговото барање да поднесе жалба на пресудата, минатиот месец беше одбиено, по што Караџиќ побара ревизија на оваа судскиа одлука.