Истражувањa

Судовите преполни со гневни полицајци, наместо со криминалци

Во Србија и во Македонија, илјадници припадници на полицијата ја тужат државата поради неплатени дневници

Пишуваат: Александар Манасиев во Скопје и Мирко Рудиќ во Србија

Реки од бегалци, вклучувајќи многумина кои бегаат од војната во Сирија, со месеци ги преплавуваат Македонија и Србија на пат кон северот на Европа каде што во нивните очи се наоѓаат ветените земји.

Првите лица кои бегалците ги гледаат на граничниот појас на овие балкански земји се лицата на полицајците, полицајци како што е Благоја. Овој четириесет и нештогодишен Македонец со заморено лице и разочаран поглед има многу причини да биде несреќен.

„Овие бегалци бараат подобар живот за себе и се надевам дека ќе го најдат. Веројатно ќе одат во Германија или во Шведска, бидејќи во нашата земја нема надеж ниту за нас, а не пак за нив“, вели намуртено полицаецот додека ја обезбедува граничната линија со Грција.

Како расте бројот на бегалци, така расте и бројот на полициски припадници на граничниот појас. Истовремено се зголемува и тензијата меѓу двете страни, како и обвинувањата за полициска бруталност.

Благоја кој, во кризни ситуации како оваа, постојано работи прекувремено, вели дека тој и неговите колеги полицајци не ни очекуваат многу симпатии. Но, сепак, се жалат дека горливите проблеми како неплатени часови од прекувремената работа, недостигот на гориво за нивните возила и немањето пристојни униформи или канцеларии до толку ги деморализираат, што сонуваат да си заминат дома и да остават некој друг да ја обезбедува државната граница кога државата не се грижи за нив.

„Работите се толку лоши“, вели Благоја, „што полицајците тука, како и во соседна Србија која е следната станица на бегалците на патот кон север, со години наназад ја тужат државата и нивните работодавци во загрижувачки број за да го добијат тоа што им следува.“ И тој е еден од оние кои тужат и кој го добил случајот на суд.

„Понекогаш се чувствуваме како граѓани од втор ред, бидејќи сме принудени да ја тужиме државата за наши пари, пари кои ги заработуваме чувајќи ја неа, државата“, вели полицаецот.

До него допираат и маките на бегалците, но загрижен е и за сопствената иднина.

„Не е сигурно дали ќе ми платат за 200 часови прекувремена работа и дополнителното обезбедување на границата. Можеби повторно ќе бидам принуден, како илјадници мои колеги, да тужам на суд“, вели тој.

Опстанокот на неговото семејство зависи и од парите што треба да ги добие од прекувремената работа. Како и на повеќето негови колеги, основната плата што ја добива е колку просечната во Македонија, помалку од 400 евра (430 долари) месечно.

Секој втор полицаец тужи?

Полициските синдикати во Србија и во Македонија објаснуваат дека растечкиот број на судски случаи е запрепастувачки.

Тие проценуваат дека околу 25.000 полицајци (од кои две третини се во Србија, поголемата од двете земји) досега тужеле поради неисплатени додатоци на плата, иако никој нема точна бројка. Вкупниот број на припадниците на полицијата е непознат, бидејќи во двете земји таа бројка е државна тајна. Сепак, процената на синдикатите е дека секој втор полицаец во Србија и во Македонија ја тужел државата, бројка што е невидена во друга земја во Европа или пак, во друг јавен сектор во земјите.

Судските процеси по сѐ изгледа започнале пред околу седум години, откако биле воведени промени во пресметките на платите во двете земји. Тогаш на многумина полицајци им станало јасно дека не им биле исплаќани голем број прекувремени часови работа.

Затвореноста на државните институции изгледа како трајно наследство од поранешната социјалистичка Југославија на која двете држави ѝ припаѓаа сѐ до крвавото расцепување во раните 90-ти. Оваа затвореност се менува многу бавно.

Нетранспарентноста излезе на површина и кога Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) се обиде да дојде до коренот на овој проблем.

Македонските истражни органи негираа дека има некаков проблем. Нивните колеги во Србија воопшто не одговорија на нашите барања за информации за тоа колку полицајци ја тужат државата и за колкава сума.

Незадоволните полицајци велат дека двете држави го негираат проблемот и дека долго време се соочуваат со молк од надлежните, што покрај растечкиот гнев е главната причина за масовните тужби. Во Македонија полицајците најчесто ги добиваат тужбите, но во Србија се соочуваат со 50-50 шанса за успех поради, како што го нарекуваат, бизарниот начин на судско одлучување по случаен избор.

Полициските синдикати велат дека овој проблем не еруптирал до овој степен во останатите земји од поранешна Југославија, иако сите делат слична историја и правна рамка.

Изгледаат како кловнови

Миодраг Антониќ, претставник на полицискиот синдикат и еден од српските полицајци кои ја тужат државата на суд, вели дека ја субвенционира државата не само со неплатени работни часови туку и со користење сопствена опрема во извршувањето на полициската работа, иако досега не се обидел да тужи по оваа основа.

Четириесет и осумгодишниот полицаец шета низ Лозница, сиромашен град со околу 20.000 жители, лоциран покрај реката Дрина на самата граничната линија со Босна, регион што преживеа една од најголемите етнички чистки во 90-тите.

Миодраг Антониќ ги прегледува судските документи во канцеларијата на Полицискиот синдикат на Србија во Лозница, јули 2015 / Фото: Мирко Рудиќ

Миодраг Антониќ ги прегледува судските документи во канцеларијата на Полицискиот синдикат на Србија во Лозница, јули 2015 / Фото: Мирко Рудиќ

Со завист покажува кон судската зграда во Лозница. „Погледнете какво е ова место“, вели тој. „Внатре сѐ е ново, од лифтовите па сѐ до мебелот. Од друга страна, полициската станица се распаѓа. Од дома си носиме дури и работни маси и компјутери.“

Антониќ е задолжен од Полицискиот синдикат на Србија, еден од најголемите синдикати во земјата, за судските процеси кои ги покренуваат неговите колеги.

„Дел од нашите панцири се неупотребливи веќе седум или осум години. Одиме на интервенции и се молиме на Бога никој да не пука со оружје во нас“, вели тој. „Во сериозни држави, полицијата е респектирана институција.“

Шестотини километри на југ во македонската престолнина Скопје, Гоце Делчев го води Независниот полициски синдикат, алтернатива на доминантниот полициски синдикат МПС, за кој вели дека е некритичен кон Владата – од каде што исто така не дојде одговор на ниту едно од барањата за информации на БИРН.

„Се соочуваме со апсурдни ситуации. Приморани сме самите да купуваме храна, дури и кога сме стационирани на изолирани места како што се граничните или шумските предели. Како можете да си купите храна во шума?“, прашува тој.

„Имаме полоши возила отколку на отпад”, вели тој. „Нашите униформи се искинати и ги шиеме секој втор ден за да не личиме на кловнови, иако некои луѓе сѐ уште мислат дека сме некаква парамилитарна полиција поради тоа како изгледаме.“

Гоце Делчев го дели името со познатиот македонски револуционер од 19-век, но и тој на некој начин е револуционер, бидејќи е првиот полицаец кој ја тужел државата во 2008 година, поплочувајќи го патот на останатите колеги.

„Досега има преку 8.000 судски процеси против нашиот работодавец – Министерството за внатрешни работи. Ова е прв пат во историјата“, вели тој, „вработени во толкав број да тужат некое министерство или државата.”

Тој ги добил сите шест судски случаи против МВР за неисплатени часови прекувремена работа, неисплатена хранарина или превоз и е еден од ретките кој не се плаши јавно да зборува за тоа. „Проблемите вријат“, вели тој, додавајќи дека со години се обидувал да го предупреди министерот за овој проблем.

„Бидејќи не добив никаков одговор, заклучив дека министерката си игра кошарка со моите писма, фрлајќи ги во кантата за отпадоци.“

Секој полицаец мора да тужи поединечно и нема можност за масовни групни судски тужби. Синдикатите со кои БИРН зборуваше за овој проблем, сметаат дека секоја тужба е во просек за сума околу 1.000 евра и дека со вкалкулирани камати и судски трошоци, Македонија би изгубила од 10 до 12 милиони евра, а Србија овој проблем ја чини двојно повеќе.

Но, на крајот сѐ е добар бизнис, за адвокатите и судските вештаци кои добиваат пари од државниот буџет кој пак е финансиран од даночните обврзници. Ако полицајците го изгубат случајот, тие сами мора да ги покријат овие трошоци.

Пари за Александар

Тогаш зошто се случува сето ова?

Како што рековме, македонското МВР негира дека има ваков проблем. Иво Котевски, Портпаролот на МВР во време кога го правевме истражувањето, ни рече дека сите законски обврски кон своите вработени, вклучувајќи ги и спомнатите додатоци на плата, Министерството ги исполнувало навреме.

„Секој што смета дека е оштетен на кој било начин има законско право да тужи на суд“, вели тој.

Гоце Делчев се обраќа на јавноста за време на протест пред зградата на МРТВ во Скопје, април 2015

Гоце Делчев се обраќа на јавноста за време на протест пред зградата на МРТВ во Скопје, април 2015

Висок официјален претставник на Министерството, кој не сакаше да биде именуван, објаснува дека парите не се исплаќаат од едноставна причина што министерството нема пари. Сепак, некои од неговите колеги објаснуваат дека проблемот се појавил, бидејќи надлежните тивко се надевале оти ќе заштедат со неисплаќањето на парите, очекувајќи дека никој нема да тужи.

Полицајците во Македонија велат дека никогаш не добиле официјално објаснување за ова. Неколкумината кои ги интервјуиравме се исмеваа со тврдењето дека државата е во банкрот во време кога троши огромни суми на претенциозни споменици како оној на Александар Велики во Скопје кој чини околу 10 милиони евра.

Во Србија, ниту од Министерството за внатрешни работи, ниту од Министерството за правда, не ни дадоа коментар на информациите што ги баравме.

Сепак, полицајците тешко се одлучуваат да бараат правда на суд. Многумина кои ги интервјуиравме се плашеа да не го изгубат работното место ако зборуваат со нас, па постојано ни ѕвонеа за да нѐ потсетат дека сакаат нивната изјава да биде анонимна.

Во Србија, синдикалецот Антониќ вели дека Владата се однесува силеџиски со оние на кои им должи пари.

„Со нас водат своевидна психолошка војна“, вели тој.

Никола, полицаец од источна Македонија, со гордост ни ја покажува судската пресуда од 2014 година која е во негова корист, небаре е некаква победа на Давид над Голијат.

„Заедно со уште неколкумина колеги одлучивме да ја бараме правдата на суд за дополнителните 700 евра кои ги заработивме од прекувремена работа, но не ни беа исплатени. Нашите работодавци дознаа за тоа и нѐ предупредија ’немојте да нѐ молите потоа за вашите работни места’.”

Сепак, никој не го отпуштил Никола од работа, но смета дека оттогаш е маргинализиран на работното место.

„Државата е најголемиот работодавец во Македонија и секој знае дека политичката припадност е клучна за унапредување или уназадување на работното место”, вели тој. „Имаме семејства и деца кои ги издржуваме и знаеме дека тужбите против државата се меч со две острици.”

„Постои оправдан страв кај полицајците дека ако се кренат на суд против нивниот работодавец – ќе ја изгубат работата“, вели Делчев, претседател на Независниот полициски синдикат.

„Некои од колегите имаа добиено директни закани и беа принудени да се откажат од тужбите поради страв да не останат на улица. Голем број од нив ги повлекоа тужбите поради вакви притисоци. А некои пак, беа сменети од раководни позиции.”

Адвокатот Огнен Јовановски

Адвокатот Огнен Јовановски

Тој додава дека е очигледно оти голем број отпуштања и уназадувања на работното место во Министерството се своевидна одмазда поради судските процеси, но во помала или поголема мера тоа е невозможно да се докаже.

Портпаролот Котевски вели дека нема чуено за такви случаи:

„Немаме регистрирано закани над кој било од полицајците кои одлучиле да тужат.”

Огнен Јовановски, адвокат од Скопје, за БИРН изјави дека постои одредена доза на несигурност кај полициските припадници, иако овие случаи најчесто завршуваат во нивна корист.

„Ако некој работник во Македонија одлучи на суд да ги бара сопствените права кои му следуваат со закон, тој практично му објавува војна на својот работодавец“, вели тој.

Во Македонија ги добиваат тужбите

Судските документи што БИРН ги разгледуваше покажуваат дека 90 отсто од полициските припадници во Македонија кои ја тужат државата ги добиваат судските случаи, но тоа не секогаш значи дека ги добиваат и парите. Многумина морале да ангажираат извршители за да ги добијат парите од банкарската сметка на Министерството.

Во еден град комбинацијата на активни адвокати и судската наклонетост довела до преседан во бројот на добиени судски предмети што ги охрабрило останатите полицајци на ист начин да ја бараат правдата.

Стојан Михов, најискусниот судија во студентскиот град Штип, вели дека за две години, до септември 2015 година, полициските службеници ги добиле сите 1.912 поднесени судски предмети. Македонија неофицијално има 12.000 вработени во Министерството.

„Овие случаи се јасни и едноставни за пресудување. Главните барања се за исплата на додатоци на плата, хранарина или превоз. Судот ги прифаќа ваквите предмети најчесто во корист на тужителите“, вели судијата од Основниот суд во Штип.

Во Србија, држава која има 7 милиони жители наспроти двата милиона во Македонија, успехот на суд по сѐ изгледа зависи од тоа каде живеат полицајците.

Полицаецот Антониќ попрво би го поминал времето во тренирање на локалниот фудбалски клуб што го менаџира, но сепак во последните пет години постојано е окупиран со правната битка за 1.250 евра што државата му ги должи за прекувремена работа.

„Мојата работа е да ѝ служам на државата, да ги чувам редот и мирот, но Владата нѐ третира како граѓани од втор ред“, вели полицискиот синдикалец.

Негови колеги од други делови од Србија ја тужеле државата и добиле, но Антониќ, како и илјадници други, не успеал во тоа.

„Се чувстуваме како пијаници кои трчаат наоколу, барајќи излез во место каде што сите врати се затворени. Сметам дека сме дискриминирани”, вели тој.

Без официјална статистика, синдикатот може само да претпостави колкав е бројот на оштетени, како и вкупната неисплатена сума, која според многумина достигнува десетици милиони евра.

Точниот број на вработени во полицијата исто така се држи во тајност, како и Правилникот за внатрешна организација и систематизација на работните места на МВР на Србија, најголемиот работодавец во земјата со претпоставени 45.000 вработени.

Сепак, од полицискиот синдикат ни велат дека по смената на еден бирократски пропис пред неколку години се дознало дека државата не им плаќала на полицајците за прекувремена работа уште од 2003 година туку ги базирала сите плати на вкупно 174 работни часови во еден месец. Проблемот излегол на виделина откако се увидело дека оние кои работат само во прва смена земаат исто колку и оние кои имале дополнителни ноќни часови работа. Полицајците велат дека секогаш кога се обудувале да го покренат ова прашање, од надлежните го добивале истиот одговор – дека тие не им должат ништо.

Фактот дека некои од судовите во Србија досудуваат во корист на полицајците, потврдува дека тоа не е точно. Но, се чини дека се работи за вистинска игра на среќа, бидејќи успехот на суд зависи во кој регионален суд ќе заврши тужбата на полицајците.

Во централна Србија, Апелацискиот суд во Крагуевац, град познат по фабриките за оружје и за автомобили, пресудува најчесто во корист на полицајците.

Јулијана Степановиќ Павловиќ, адвокат во родниот град на Антониќ – Лозница, која застапува околу 1.000 полицајци, вели дека со внимание ја следела судската практика.

„Составив тужби на идентичен начин како моите колеги во Крагуевац, баравме пари по истите основи, со истите докази“, вели таа.

Дел од тужбите завршиле кај еден од судиите во Лозница, а другите кај колегата од спротивната судница во истиот суд. Едниот пресудил во корист на полицајците, а другиот ги отфрлил сите тужби.

„Ако е потполно легално да не ни ги исплаќаат парите, тогаш зошто државата не ги тужи оние од Крагуевац кои ги добиле бараните средства? Дали ние сме идиоти?“, гневно прашува Антониќ. „Дали нашите дипломи и полициски униформи вредат помалку отколку на останатите? Зошто сме ние различни од другите?”

Јасминка Вукановиќ, судија во Апелацискиот суд во Крагуевац, ја критикува ваквата дијаметрално спротивна судска практика.

„Со ова има очигледна повреда на основните човекови права на еднаков пристап до правдата”, вели таа.

Во главниот град Белград пак, работите се движат во сосем спротивен правец и судиите за да донесат одлука во ваквите случаи ги споредуваат полициските плати со оние на другите вработени во Министерството.

„Не може дактилографка која седи осум часа во некоја канцеларија во полициска станица да заработува исто колку и јас, кој секојдневно го ризикувам својот живот”, вели Антониќ.

Водата дополнително ја заматила измената на Законот од 2006 година со која е предвидено споровите помеѓу државните службеници и државата да се водат како управни спорови, со што им овозможи на редовните судови да се прогласат за ненадлежни за вакви случаи.

„Некои судови се придржувале до ова, а некои го игнорирале. Некои случаи се движеле како пинг-понг топка меѓу различни судови дури до 15 пати“, вели експертот за работничко право, Велисав Марковиќ.

Адвокатите кои ги застапуваат полицајците обвинуваат дека судовите ги одолговлекуваат процесите со години, а истовремено сметаат дека не е фер што нивните клиенти мораат предвреме да ги платат судските трошоци за поднесување на тужбата. Дури и кога победуваат на суд, понекогаш подоцна дознаваат дека исплатата е блокирана поради судска ревизија на сумата која треба да им се исплати.

„Сето ова е еден голем циркус. Креираа систем кој испраќа јасна порака до сите нас: не тужете ја државата!”, вели Антониќ.

Група адвокати од Србија поднеле тужба и до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, жалејќи се дека во овие случаи има дискриминација, нееднаков пристап до правдата и кршење на правото на судење во разумен рок.

Одговорот допрва се чека. Антониќ вели дека можеби, ако штрајкуваат, работите ќе се решат поскоро, иако засега полицајците работат нормално и не одбиваат да работат прекувремено.

„Владата треба да открие кој е одговорен за овој хаос и тој да одговара за тоа. Треба да ни ги дадат парите што сме ги заработиле. Но, се наоѓаме во маѓепсан круг сега и не знаеме како да излеземе од него”, вели тој.

Во Македонија, неговиот колега Делчев се обидува да охрабри што е можно повеќе полицајци да го кренат гласот, посебно во време кога има зголемен обем на работа поради бегалската криза и растечките безбедносни закани по смртоносните судири со вооружени групи етнички Албанци од регионот кои од надлежните беа окарактеризирани како терористи.

Тој вели дека проблемите во МВР се толку сериозни, што ја доведуваат во прашање и лојалноста на полициските припадници.

„Подготвуваме нов сет на тужби, кои ќе го потресат Министерството уште повеќе отколку претходните. Кој ќе ја штити државата ако државата не се грижи за сопствените деца?”

Сторијата е објавена и на „Балкан инсајт“