Јован Димитријевиќ, кој во паравоената единица на Аркан бил задолжен за логистика, на судењето на Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали во Хаг, изјави дека оружјето за воените активности на единицата, го снабдувала ЈНА, а не СДБ на Србија.
Тој сведочеше дека парите за борците на Аркан доаѓале од донации од српски компании и богати лица, а не од СДБ, и оти Аркан никогаш не се сретнал со никого од оваа служба.
Димитријевиќ, своето сведочење како сведок на одбраната, на повторното судење на поранешните високи функционери на СДБ, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ Френки, го започна во вторник.
Тие се обвинети дека биле протагонисти на здружен злосторнички потфат, предводен од српскиот претседател, Слободан Милошевиќ, чија цел била отстранување на Хрватите и на Бошњаците од големи делови на Хрватска и на БиХ, заради воспоставување на етнички чиста српска држава.
Обвинението ги товари дека организирале формирање на специјални единици на СДБ и на други сили, за војување во Хрватска и во БиХ, меѓу 1991 и 1995 година. Според обвинението, една од тие единици била и Српската доброволна гарда, предводена од Ражнатовиќ, позната како „Тигрите на Аркан“.
Димитријевиќ рече дека одговорно лице на ЈНА за испорака на оружје на Српската доброволна гарда, бил генералот Томислав Симовиќ, кој од јули до декември 1991, бил министер за одбрана на Србија
Обвинителот истакна дека Симовиќ ја напуштил министерската функција во декември 1991 година, но Димитријевиќ одговори оти тоа не прави разлика.
„Не знам кога престана да биде министер, но додека беше министер, тој ни помагаше. Лично одев да се видам со него, кога Аркан не можеше или кога беше во (кампот за обука на Српската доброволна гарда во) Ердут (во Хрватска)“, рече Димитријевиќ.
„Тој не умре дента кога ја напушти функцијата, во 1991 година, тој не умре. Тој сè уште беше во улица ‘Немањина’ (зградата на Владата), тој беше мојот директен контакт и тој и понатаму помагаше“, додаде тој.
Сведокот истакна оти е многу веројатно дека ќе знаел доколку Аркан се сретнал со некој од СДБ.
„Јас тврдам дека немало такви состаноци. Дали имало такви состаноци или не, не знам. Сега кога ќе поставите такво прашање со кое наведувате, тогаш почнувам да се прашувам дали можеби имало такви состаноци. Но, колку што знам, такви состаноци немаше“, нагласи тој.
Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, го обвини Аркан за воени злосторства, но тој во 2000 година беше убиена во Белград, без да се соочи со обвиненијата.
Станишиќ и Симатовиќ првично беа ослободени во 2013 година, но оваа одлука беше поништена во жалбена постапка и беше наложено ново судење. Обајцата повторно се изјаснија за невини, кога во декември 2015 година започна обновениот судски процес против нив.
Станишиќ се наоѓа на привремена слобода од јули 2017 година, поради здравствени причини.
Судскиот процес продолжува.