Регион

Хрватска потврди казна за воено силување

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Врховниот суд на Хрватска,  соопшти дека ја потврдил пресудата со која, Перо Јекиќ, поранешен член на српска паравоена единица, беше осуден на 8 години затвор, за воени злосторства над цивили.

Тој ги извршил наведените злосторствата во јули 1991 година, кога припадници на српски паравоени единици влегле во Хрватски Чунтиќ, село во централна Хрватска, во близина на градот Петриња.

Според обвинението, Јекиќ силувал 54-годишна жена и се обидел да силува уште една.

„Вооружен со автоматска пушка, заедно со уште двајца мажи, влегол во дом на цивили, во кој затекол две постари лица; маж и жена. Тој ја однел жената на катот и ѝ наредил да се соблече и да легне, а потоа ја силувал“, соопшти судот.

Жената била силувана и од другите двајца мажи.

За тоа време, мажот бил тепан во кујната, се додава во соопштението. Набрзо Јекиќ ја напуштил куќата. На улица видел друга жена, на која ѝ наредил да влезе во двор на една зграда, каде се обидел да ја силува.

„Врховниот суд на Република Хрватска смета дека казната затвор од 8 години ќе ја исполни целта на казнувањето … казната содржи и доволна количина на општествена и морална осуда, за злото што обвинетиот ѝ го предизвикал на жртвата“, соопшти судот.

Јекиќ првично беше осуден со првостепена пресуда од Окружниот суд во Загреб минатиот јуни.

Тој беше суден во отсуство, бидејќи не е достапен за хрватското судство. Сепак, тој беше сослушан во Србија, при што го негираше злосторството.

Јекиќ изјави дека бил погрешно идентификуван и дека самиот познава најмалку 11 луѓе, кои имаат исто презиме како неговото.

Но, судот забележа дека оштетената страна, покрај другите инкриминирачки докази, го препознала.

Вториот маж, што наводно учествувал во силувањето, Саво Караица, во меѓувреме почина. Идентитетот на третиот маж, не е познат.