Регион

Сведок: Луѓето на Аркан ги убиваа Бошњаците во Зворник

Радоша Милутиновиќ, Белград

Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ. Фото: Бета/АП

Заштитениот сведок на обвинителството, РФЈ-019, на судењето на Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг, ги опиша убиствата на бошњачките мажи во Зворник, кои во април 1992 година ги извршиле српските паравоени сили. Таа нагласи оти чула дека овие сили биле под команда на Жељко Ражнатовиќ Аркан.

Станишиќ, поранешен шеф на СДБ на Србија, и неговиот помошник, Симатовиќ, се обвинети за прогон, убиства, депортација и присилен трансфер на цивили, Хрвати и муслимани, за време на војните во Хрватска и во Босна и Херцеговина.

Според обвинението, Српската доброволечка гарда која била под команда на Аркан, била единица на СДБ на Србија.

РФЈ-019 изјави дека на 9 април 1992 година, заедно со други бошњачки цивили, се сокрила во подрумот на една станбена зграда во Зворник.

Тој ден, како што рече, слушнала експлозија, а потоа во подрумот влегле војници со маски, кои ги зеле мажите, додека по жените и децата, дошле други војници.

Кога ја извадиле надвор, таа, заедно со другите жени, поминала покрај мажите од подрумот, кои биле построени покрај ѕид. Набрзо, изјави РФЈ-019, зад себе чула истрели.

Жените и децата биле однесени во локалната библиотека, каде што чуварите им рекле дека се „луѓе на Шешељ и оти тие се добри, а дека оние што убиваат се на Аркан“, сведочеше РФЈ-019.

Сведокот додаде дека пред да ја однесат на друга локација, во библиотеката го видела Аркан.

Кога се вратила во Зворник, РФЈ-019, на местото на кое што биле построени мажите од подрумот, видела крв. Таа никогаш повторно не видела ниту еден од нив.

Хашкиот трибунал го обвини Аркан за злосторства во Хрватска и во БиХ, но тој не се најде пред судот, бидејќи во јануари 2001 година, беше убиен во Белград.

Злосторствата за кои се обвинети Станишиќ и Симатовиќ биле извршени, според обвинителите, во рамките на здружен злосторнички потфат, чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и на муслиманите од големи делови на територијата на Хрватска и на БиХ, со цел припојување во една српска држава.

На чело на тој потфат бил тогашниот српски претседател, Слободан Милошевиќ, а негови протагонисти биле и Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.

Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја отфрли првостепената ослободителна пресуда која што им беше изречена, тие се изјаснија за невини по обвинението.

Советот процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.