Регион

Хашкиот суд побара Србија да се изјасни дали е подготвена да им суди на радикалите

Радоша Милутиновиќ, Белград

Воислав Шешељ со своите прврзаници на митинг во Белград. Фото: Бета

Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг, побара од властите на Србија, во рок од 30 дена, да се изјаснат за „надлежноста, волјата и подготвеноста да го прифатат судењето во случајот“ против Петар Јојиќ и Вјерица Радета.

Трибуналот ги бара Јовиќ и Радета, поради обвинението дека влијаеле врз сведоците во случајот што се водеше против лидерот на нивната партија, Воислав Шешељ.

Хашкиот трибунал и Србија веќе долго време се спорат во врска со апсењето и екстрадицијата на двајцата радикали, против кои уште во 2012 година беше поднесено обвинение. Белград одбива радикалите да ги уапси и да ги предаде во Хаг, за да им се суди.

Српските власти претходно предлагаа на радикалите да им се суди пред српските судови, но трибуналот ја отфрли таа можност.

Судијата, Ајдин Акај, од Турција, потенцира дека е неопходно Србија да се изјасни, за да може ММКТ да донесе одлука, дали предметот против Јојиќ и Радета, да му го отстапи на српското правосудство, имајќи предвид дека делото за кое се обвинети, е извршено на територијата на Србија.

Трибуналот им го испрати налогот за апсење на радикалите на властите во Белград, во јануари 2015 година.

Меѓутоа, Вишиот суд во Белград, во пролетта 2016 година, донесе одлука дека не постои правна основа за екстрадиција на радикалите, бидејќи законот за соработка со МКТЈ предвидува обврска за екстрадиција на обвинети за воени злосторства, а не и за непочитување на судот.

Трибуналот во октомври 2016 издаде меѓународен налог за апсење на Јојиќ и на Радета, оценувајќи дека Србија, во неколку наврати, одбила да постапи по судскиот налог и да ги уапси и екстрадира во Хаг двајцата радикали.

По нив, потоа, Интерпол издаде „црвена потерница“.

Хашкиот трибунал во неколку наврати ја пријави Србија во Советот за безбедност на ООН, поради несоработка во случајот со членовите на СРС.

Третообвинетиот радикал, Јово Остојиќ, почина минатата година во Србија.

Хашкиот трибунал, во март 2016, во првостепена постапка, го ослободи Шешељ од обвинението за злосторства во Хрватска, Војводина и во Босна и Херцеговина.

Обвинителството поднесе жалба против таа пресуда, а конечната се очекува да биде донесена оваа година.

Во 2014 година, судот го ослободи Шешељ заради лекување и тој се врати во Србија. Оттогаш, тој го одбива секое барање да се врати во Хаг.