Анализи

Тешко со Договорот, потешко без него!

Добро е што лидерската четворка постигна договор, но најважното прашање е дали има искрена политичка волја тој доследно да се спроведе, односно дали неговата процедурална легитимност ќе води кон достигнување легитимни вредности, укажуваат политиколозите.

Договорот што по полноќ го постигна македонската лидерска четворка е одбележан со ново квалитатативно ниво: во македонскиот случај, компромис е кога двете страни се подеднакво задоволни / Фото: МИА

Компромис е кога двете страни се подеднакво незадоволни, рече во една прилика германската канцеларка Ангела Меркел. Договорот што по полноќ го постигна македонската лидерска четворка е одбележан со ново квалитатативно ниво: во македонскиот случај, компромис е кога двете страни се подеднакво задоволни. Таков е впечатокот што лутите политички опоненти Никола Груевски и Зоран Заев го презентираа на ноќните прес-конференции, по маратонската средба на која постигнаа договор за решенијата што треба да ја извлечат земјата од длабоката политичка криза. Двајцата се исклучително задоволни: едниот што Груевски нема да биде на чело на Владата што ќе ги организира изборите, другиот – што не ѝ оставил простор на опозицијата да избега од избори.

Меѓу тие две вредносни коти се предвидени решенија кои го потврдуваат правилото дека „ѓаволот се крие во деталите“. Иако деталите засега имаат различна партиска интерпретација, извесно е дека од земјата од криза треба да излезе преку следиве решенија: предвремени избори на 24 април 2016 година; во септември враќање на опозицијата во Собранието; до 15 септември да се именува специјален јавен обвинител кој ќе отвори истрага околу предметот „Прислушување“, избран со согласност на четирите партии; актуелната Влада да поднесе оставка, новата влада да биде инаугурирана на 15 јануари 2016 година, сто дена пред изборите; СДСМ влегува во 5 министерства: опозицијата ќе ги предложи министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, а заменици-министри со право на вето ќе има во министерствата за финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација.

Конфликт и соработка

Денко Малески: Премногу е да се очекува дека партиите искрено ќе се посветат на демократската трансформација на системот

Денко Малески: Премногу е да се очекува дека партиите искрено ќе се посветат на демократската трансформација на системот

Политиколозите со доза на воздржаност ги анализираат клучните решенија, кои преточени во реформски планови мониторирани од ЕУ, ќе бидат главната есенција на транзицискиот период до изборите на 24 април 2016 година.

Целата идеја на демократската јавност беше да се напушти овој систем кој на сите нивоа на политичко одлучување е вон демократска контрола, вели професорот Денко Малески.

„Влегувањето на опозицијата во Владата и парламентот е еден неопходен чекор за да се воспостави таква контрола врз власта и да заживее партискиот плурализам. Премногу е да се очекува дека партиите искрено ќе се посветат на демократската трансформација на системот. Но, фактот дека се ставени во ситуација на конфликт и на соработка, внатре во политичкиот систем, е многу подобро од она што досега го имавме“, констатира Малески.

Ако се има предвид дека конфликот и соработката се двете страни на медалот, според него, договорот навестува дека потенцијалниот конфликт сега ќе се извади од улиците и ќе се пренесе во институциите, каде што му е местото. Но, скептичен е во однос на капацитетите за соработка, што е исклучително важно за воспоставување „нормална демократија“.

„Партиите преку соработка се повикани да ги постават темелите на демократскиот систем и да ги отстранат сериозните ексцеси во него. Ако двете страни беа посветени на идејата за демократија, а не на избори, ќе сфатеа дека треба повеќе време за демократска трансформација на системот. За жал, во случајов преовлада партиската логика“, констатира Малески.

Тој, но и други соговорници на БИРН, се скептици дека постојат гаранции оти планираното може да се спроведе во утврдените рокови, кои се кратки за темелни реформи, а доволни само за поставување на контурите на демократскиот систем.

Според политикологот Горан Јовановски, иако договорот има процедурална легитимност, останува сомнежот дали тој навистина ќе води кон достигнување легитимни вредности.

„Под меѓународен притисок, политичките елити се приклонија кон нешто што се нарекува ‘ад хок стратегија за управување со кризи’. Иако со овој договор не се заобиколува институционалната архитектура туку се потенцира, можно е да се појави еден вид институционален дефицит на доверба. Фактот дека опозицијата преку заменици – министри со право на вето ќе ја ‘надгледува’ или ‘контролира’ работата во неколку министерства, е сигнал дека никој не верува оти соработката ќе биде на ниво кое ќе гарантира ралаксирана оперативност на патот до зацртаните цели“, оценува Јовановски.

Се враќа парламентарната дебата

Дилемата што ја отвора договорот е – во практика што ќе биде неговиот супстанцијален фокус: суштинската

Марјан Ѓорчев: Добро е што е партиите ги доближија дијаметрално спротивставените ставови и што постигнаа консензуален договор за излез од кризата, со поддршка од меѓународната заедница

Марјан Ѓорчев: Добро е што е партиите ги доближија дијаметрално спротивставените ставови и што постигнаа консензуален договор за излез од кризата, со поддршка од меѓународната заедница

посветеност на системските императиви кои ги наметна кризата или комбинација од активности кои се насочени само кон обезбедување за рамноправна изборна игра за сите?

Во фокусот ќе биде целиот корпус планирани активности, уверен е Марјан Ѓорчев, претседател на Паневропска унија на Македонија и поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ.

„Добро е што е партиите ги доближија дијаметрално спротивставените ставови и што постигнаа консензуален договор за излез од кризата, со поддршка од меѓународната заедница. Опозицијата се враќа во Собранието, што значи дека таму се враќа парламентарната дебата, дека ќе се подготвува корпус законски решенија што ги тангираат и изборите и реформите, и што е постигнат тој баран еквилибриум: следните избори да ги спроведе нова влада, со што ќе се исполнат гаранциите дека изборниот процес ќе биде признаен како легитимен, односно дека ја изразува волјата на гласачите“, вели Ѓорчев.

Граѓаните кои ноќеска сонот ги совладал пред еврокомесарот Хан да ги совлада партиските суети и нивните непопустливи ставови, денес со интерес се обидуваат да разберат што договориле партиските лидери. Дебатите се најбучни во фреквентните градски „агори“ – зелените пазарчиња, каде што флуктуираат и луѓе и информации. Оценките за договореното таму се доживуваат многу симплифицирано.

„Ноќеска не дочекав да слушнам што се договориле, но еве муштерии кажуваат дека Груевски ќе си дал оставка до Нова година“, вели продавачка на еден од скопските маалски пазари.

„Не е точно. Вистината е СДСМ ќе мора да се врати во парламентот од септември. Груевски си останува премиер. По закон мора да се повлече само пред избори“, ѝ реплицира купувач. Дискусијата набрзо добива „партиски манири“, во кој секој истакнува што добил неговиот фаворит, но речиси никој не знае што со договорот добива Македонија.

Ефикасност наместо демократија

Артан Садику: Сметам дека сега граѓанското движење повторно е на потег. Само нова мобилизација може да го врати процесот на демократски колосек. За мене сѐ уште ништо не е завршено

Артан Садику: Сметам дека сега граѓанското движење повторно е на потег. Само нова мобилизација може да го врати процесот на демократски колосек. За мене сѐ уште ништо не е завршено

Во дел од граѓанските организации владее евидентна разочараност од постигнатиот договор, бидејќи во него не гледаат излез туку ново поларизирање на кризата.

Артан Садику од левичарско движење „Солидарност“ смета дека договорот потврдува оти во приоритетите на ЕУ не преовладува демократијата туку ефикасноста како главен принцип.

„Од перспектива на граѓанското мобилизирање против корумпираната власт на Груевски, на барањата за одговорност и оставка се одговори со договарање нови избори. Вака поставениот договор условува продолжена и уште пополаризирана политичка криза, токму поради точките од договорот кои бараат консензус во одлучување. Моделот на врзани потписи, исто така претставува модел со кој може да се блокира целосната работа на новата влада. Сметам дека сега граѓанското движење повторно е на потег. Само нова мобилизација може да го врати процесот на демократски колосек. За мене сѐ уште ништо не е завршено“, дециден е Садику.

Дипломатски извори, кои посредно беа вклучени во преговарачкиот процес, велат дека јавноста мора да има трпение, бидејќи ништо не може да се смени преку ноќ.

„Не треба да се заборави дека претходно двајца министри и еден директор во МВР си поднесоа оставки. Со овој договор ќе се рекомпонираат и други министерски позиции и заменички места. Промените допрва ќе следат. Никој не треба да се фрустрира туку сите да се фокусираат на основната цел – подобра иднина на земјата“, велат дипломати.

Аналитичарите се согласуваат дека „од нешто“ мора да се почне, но стравуваат дека поради недостиг на волја, Договорот може да биде спроведен само „технички“, на сличен и нејасен начин, како што тоа е предвидено за новиот министер за внатрешни работи: „да биде технички поставен“!

Предупредуваат дека објаснувањата на ваквата „матна терминологија“ не смее да се сведе на различни партиски интерпретации за еден ист договор заснован на некодифициран збир од решенија.