Зад недовршената црква „Св. Константин и Елена“ и спомен-куќата на Мајка Тереза, во срцето на Скопје сокриен е Домот на армијата. Овие визуелно гласни објекти од бранот на „Скопје 2014“ ja затскриваат модернaта бетонска зграда, заборавена од постарите, а речиси непозната за помладите скопјани. Меѓутоа, домот, сепак, живее.
Просториите и салите ги употребуваат Министерството за одбрана и Армијата, а по потреба ги користат и скромни културни друштва, крводарители и по некоја државна институција.
Редовно работи и ресторанот во домот, кој го посетуваат пензионираните генерали и нивните другари, гладни за чорба и за квалитетен муабет.
Случајните минувачи би претпоставиле дека Домот на АРМ е затворен. На јарболите пред влезот нема знамиња. Околу дел од објектот има отпад, а белата фасада е прошарана со графити и потемнета по аглите.
Иако однадвор личи дека објектов полека „умира“, внатрешноста раскажува малку поинаква приказна.
Добар оброк и богата библиотека
Посетителите на влезот ги дочекува портирот, кој таму работи уште од 1980-тите. Разочарано вели дека нема настани следниот месец и дека чека пензија.
„Порано, во време на Југославија, дворот го чистеа војници. Не можеше да дојдеш на работа ако имаш дамка на униформата“, зборуваше тој како да не може да ја прифати сегашната реалност на овој објект.
Проектиран од архитектките Горица Мандичева и Милка Мицевска, Домот на армијата бил изграден во 1972 година, првично како Дом на Југословенската народна армија. Дваесет години подоцна, на 19 април 1992 година, на настанот што го отворил претседателот Киро Глигоров, домот го добива своето ново име во знак на военото осамостојување на државата.
„По многу нешта ова е свечен, величествен, но и историски чин“, изјавил началникот на Генералштабот за настанот, Митре Арсовски, кога се преименувала оваа институција.
Во концертната сала со капацитет од 500 гости, со години беше вдомена и Македонската филхармонија, пред да добие своја зграда во 2017
Просторот во кој живеат ликовни дела на великани, како Петар Лубарда и Владимир Георгиевски, некогаш претставувал значајна точка за среќавање, место каде што се одржувале манифестации и свечености. Имало куглана, летно кино, редовни сликарски активности и бројни концерти.
Денес, во зградата не се чувствува тоа. Останат е по некој постер од настани пред години и сè уште стои избледеното пано на Филхармонија со најава за сезоната 2012/2013.
Првиот впечаток е како ништо друго да не се случувало во меѓувреме. Внатрешното уредување изгледа застарено. Теписите распространети во некои од ходниците ја изгубиле бојата, а дрвените гелендери носат видливи траги од 50-годишната историја.
Минатото посебно може да се почувствува во библиотеката на домот. Сместена на крајот на ходник со светлосини ѕидови, оваа просторија има мало богатство книги со стари, дебели корици.
Библиотекарот нè внесе во собата со високи рафтови полни со книги, како и архивски примероци од југословенскиот весник „Борба“. Само воени лица и нивните семејства смеат да станат членови и да изнесуваат книги, но читалницата може да ја користи кој било.
Библиотеката располага со фонд од 50.000 книги, но се добива впечаток дека ретко кој ги чита. Во двата наврати кога го посетивме овој дел од домот, читалницата беше празна.
Од сите простории, преку ден, најживиот дел е ресторанот. На светловиолетовите ѕидови се закачени пејзажни слики, кои асоцираат на типично македонски сцени. Таму работат неколку келнери, формално облечени во бели кошули и сакоа, кои служат околу 70 оброци дневно.
За време на една од нашите посети, околу пладне ручаа триесетина гости. Се чувствуваа мириси на добро приготвена храна, а дента се служеше шницла. Џагорот на гостите и ѕвецкањето на есцајгот се слушаа во ходникот што водеше до ресторанот, каде што келнерите ефикасно ги распоредуваа јадењата по масите.
Пред неколку години биле украдени телевизор, кафемат и други предмети од домот, а лани некој провалил во канцеларијата што тогаш ја користела ДИК
Таму го сретнавме Зоран Димов, генерал во пензија. Дента тој ручаше заедно со неколку пријатели, исто така пензионирани воени лица, а на нивната маса едно време беше и пратеникот од Партијата на пензионерите, Илија Николовски.
„Домот е отворен за сите, не само за униформираниот дел (н.з. војската). Но, за жал, ако ја погледнеме старосната структура тука, сите имаат по 60 или по повеќе години. Млади нема“, констатираше тој, гестикулирајќи кон гостите на ресторанот.
Всушност, овој дел од домот е најчесто посетуван бидејќи нуди вкусна храна по поволна цена: за 200 денари се добива оброк со предјадење и со десерт.
„Доаѓаат и доста луѓе што немаат допирни точки со армијата. Зошто? Храната тука можеби е најевтината во централното градско подрачје“, додаде Димов.
Често доаѓаат и луѓе од неформалниот факултет за постари лица „Трето доба“. При посетата на домот сретнавме тројца од оваа организација во ресторанот, каде што тие се собираат кога не можат да одат на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
„Доаѓаме за празници, како 8 Март, за веселби, но и за состаноци бидејќи просториите се одлични и многу добро сме пречекани од персоналот“, рече Муса Идризи, постар господин, кој слуша предавања по филозофија на неформалниот факултет.
Изгубен сјај
Сепак, малкумина знаат дека Домот на армијата, всушност, работи. Освен што е физички затскриен, оваа институција е практично непостоечка во онлајн-просторот. Просториите се издаваат, но никаде не може да се најде оваа информација на интернет.
Од разговори со помлади скопјани дознаваме дека ретко кој од нив бил во домот, во последниве години. Некои се присетуваат дека лани биле таму на студентска изложба на Факултет за дизајн и мултимедија при универзитетот ФОН. Но, повеќето од прашаните беа изненадени кога им кажавме дека објектот сè уште функционира.
Јоана Благадуша, студентка по модерен танц, се сеќава дека паднал дел од покривот во концертната сала додека се подготвувале за детска приредба. Лани го санирале и сега почесто се користи за фестивали и се издава
Домот нема веб-страница, ниту, пак, акаунти на социјалните мрежи. Постои само неофицијален фејсбук-профил, кој е често „тагиран“ од луѓе што оделе на настани. Ова е практично единствениот начин да се дознае што се случува во Домот на армијата.
Ваквото отсуство од интернет ја „остарува“ институцијата и веројатно затоа многумина мислат дека таму ништо не се случува. А, всушност, просториите ги користат бројни здруженија и често се одржуваат настани.
Од 2018 година, со одлука на владата се издадени простории за период од 10 години без надомест на Друштвото за ликовни уметности и Сојузот на борците. Простории се издадени на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ за студентите по модерен танц, Здружението на воени пензионери, Ансамблот на албански народни ора и песни и на други здруженија.
Лани се одржал фолклорниот фестивал „Роса“, а во декември, македонскиот воен оркестар имал новогодишен концерт, заедно со оркестрите на три други држави од регионот.
Холовите се чисти и уредни, а добар дел од просториите се и реновирани. Најугледна е прес-салата, од која известуваа десетици домашни и странски новинари за време на историската посета на папата Франциск во 2019 година. Тука, пред десетина години, партиите ги поместуваа своите партиски штабови за да ги чекаат резултатите од изборите.
Но, дури и со вакви услови, домот е генерално празен, а младите се видно отсутни. Освен пензионираните генерали и нивните пријатели, ретко на кои скопјани им текнува да ја посетат оваа институција, па макар и за чорба.