Репортажи

Државен архив: Директори се менуваат, мувлата останува

Речиси единаесет години без решение за загрозената архивска граѓа

„Овде е жива болест да работиш“, ни кажа вработена додека шетавме низ долгиот ходник на Државниот архив на Македонија.

Капиталниот и репрезентативен објект, кој „овозможува современ начин на чување на архивските документи“, како што во 2013 година го опишаа поранешниот премиер Никола Груевски и тогашниот директор на Архивот Зоран Тодоровски, се распаѓа. Најмногу од прокиснувања кога врне дожд или паѓа снег. И тоа е така уште од самото вселување на институцијата во новиот објект покрај Вардар.

Тоа го тврдат вработените со кои разговаравме, но не и директорот.

„Не прокиснува година и пол“, нѐ уверува Емил Крстески додека се правда дека е многу зафатен и затоа не може да нѐ прими и да разговара со нас. Тој наскоро заминува како амбасадор на Македонија во Чешка.

БИРН го посети Архивот. Всушност, таму воопшто не е тешко да се влезе. Условите во кои работат, оставиле трага на луѓето. Малодушни се и како да кренале раце од сѐ.

На вратата ќе ве дочека незаинтересиран чувар, кој нема да ве соочи со прашањата што ви ги поставуваат кога ќе влезете во друга државна институција- кои сте и каде одите. Лесно ја поминувате пријавницата и стигнувате до металниот лифт.

И со него се качувате до Државниот архив, каде што се чуваат сите важни документи за државава од 12 век до денес.

На седмиот кат, каде што е сместена оваа институција, ве дочекува долг тесен ходник, чии ѕидови се прошарани со дупки и со мувла. Некаде водата течела и врз разводни табли за струја.

Ходник како од хорор-филм

Сликата од ходникот е вовед во слични сцени, кои ќе ве дочекаат и во тесните канцеларии. Во над 90 отсто од нив нема ниту прозорец што може да се отвори за да излезе застоениот воздух. Има само мали фиксни покривни прозорчиња низ кои продира малку светлина.

Така е кога ќе погледнете нагоре. Долу, на подот, насекаде има кофи, како неопходна опрема на вработените во случај на нов дожд. Досегашните врнежи, пак, веќе оставиле видливи траги. Покрај мувлата на ѕидовите има и црни дамки од течењето со години.

Со прашањето до вработените кога последен пат прокиснувало, го проверивме тврдењето на директорот.

„Последен пат кога врнеше“, беше кусиот одговор. Ретките вработени што ќе ги сретнете изгледаа помирено со ситуацијата во која се наоѓа зградата во која работат.

Голем дел од нив и не доаѓаат на работа. Двапати кога екипата на БИРН го посети архивот, околу 14 часот во зградата можеа да се сретнат само неколкумина. А таму се вработени речиси 130 луѓе.

Единствено што не е достапно за случајните посетители е депото во кое се чуваат документите. Но, за водата по секој дожд и таму нема пречки.

Фотографии од течење дожд во просторијата во која се чуваат историските документи добивме од вработени во институцијата. Тврдат дека се сликани пред неколку месеци.

Загрозена архивска граѓа

Депото во Државниот архив што е дел од проектот Скопје 2014

Кога врне, врне и во депото | Колаж: БИРН

Архивската граѓа  се чува во метални сефови. Државната комисија, која правела увид во 2018 година по еден голем дожд, заклучила дека тие „ги штитат документите од врнежите“.

Но, за архивата не е закана само водата. Меѓународните критериуми предвидуваат контролирана температура и влажност во депоата зашто во спротивно историски важната хартија може да ја уништат бактерии и габи. Или да ја изедат глодари.

A тие услови, велат вработените во Архивот, се далеку од исполнети.

И не е првпат да се пишуваат новинарски текстови за условите во таа зграда. Во 2018 година, по големиот дожд кој уште еднаш ги покажа недостатоците на најскапата зграда од „Проектот 2014“, која чинеше безмалку 43 милиони евра, се отвораа вести и се пишуваа извештаи.

„Условите за работа се страшни, тука нема прозорци, констатираше во 2017 година тогаш новиот директор Кирил Петров, кој го постави владата на СДСМ на местото на дотогашниот директор Филип Петровски.

Состојбата во Архивот ја натера и владата да се заангажира, па во 2018 година се донесе одлука да се гради нов објект за да не се уништат важните документи оти друг излез, како што беше констатирано, немало.

Многу ветувања – нула промени

Но, ништо од новиот објект. Во јуни 2019 година, истиот директор Петров склучи договор за 24.000 евра, за хидроизолација на покривот и придружни работи. Следниот месец беше разрешен во таканаречената операција „метла“, кога беа разрешени директори на државни институции и јавни претпријатија со која тогашниот премиер Зоран Заев сакаше да покаже ажурност во детектирањето на проблемите по лошите резултати на претседателските избори.

Па така, реконструкцијата на покривот се одвиваше за време на сегашниот директор Крстески, кој на позицијата дојде еден месец по тендерот.

Прокиснува во Државниот Архив којшто е дел од пректот Скопје 2014

Во ходникот тече и врз табли за струја | Фото: БИРН

Поправката не го реши проблемот. Всушност, покривот, како што покажа и анализата, направена пред да биде склучен договорот за реконструкцијата, детектира дека не е единствениот проблем. На пример, проблем е количеството кондензација, кое, како што пишува во анализата, „е големо, а и се зголемува секогаш кога врне“.

Можеби затоа Крстески во 2021 година повторно отишол на средба во Владата за уште еднаш со владините претставници заедно да потврдат дека „има потреба од нов објект, кој ќе ги задоволува европските и светските стандарди за потребите на еден архив“.

Сега тој преку пораки, за БИРН, тврди дека последен пат течело на 30 август 2022 година, кога имаше поројни дождови. Прашањето што се случило по тој датум за да престане да тече, остана неодговорено.

„Навистина сум со големи обврски“, ни рече Крстески, кој нѐ препрати одговори да бараме од Археолошкиот музеј и од Уставниот суд, другите две институции што се сместени на подолните катови во истата зграда.

Во Уставниот суд прокиснувало во неколку канцеларии пред извесен период, а Археолошкиот музеј, кој е сместен на првите три ката, одамна нема таков проблем.

„Заедно, трите институции, доставивме барање до владата да ни дадат пари за реновирање на кровот. Архивот ги бркаше тие работи зашто кај нив најмногу тече“, ни кажа претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска.

Во Археолошкиот музеј, пак, немаат проблем со течење, туку со влага во подрумот.

Крстески брои последни денови на оваа позиција. Указот за неговиот дипломатски ангажман, претседателот Пендаровски го потпиша на 21 декември, десет дена пред истекот на 2023 година.

Архивот останува во иста состојба, прокиснат, мувлосан и заборавен, а вработените одат на состаноци за да се договорат со обвинителството како ќе го користат старото депо.

Поголемиот дел од депото остана во старата зграда, во која од 1969 година до пред 11 години, Архивот беше заедно со Институтот за национална историја. Од неодамна таму се вселува Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Од обвинителството, за БИРН, велат дека веќе се договориле со одговорните од Архивот да имаат непречен пристап до архивската граѓа зашто, како што велат, „свесни се дека депото е срцето и целата историја на државата“.

Барем тоа засега е на суво.