Актуелно

Транзитот на бегалците низ Македонија со ненамалено темпо

Фотографиите на Роберт Атанасовски сведочат за моменталната ситуација на меѓуграничната зона Македонија – Грција, каде што транзитот на мигрантите и понатаму продолжува. Претставниците од невладините организации на теренот велат дека ситуацијата во зоната е мирна.

Бројката на издадени потврди на бегалците кои минуваат низ Македонија достигна 50.268, а во последните 24 часа, 985 мигранти добиле потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање на правото на азил.

Според МВР, најголем број од нив се мажи, а има и 878 деца кои патуваат без родител. Најмногу потврди се издадени на бегалците од Сирија (40.895), а потоа следуваат Авганистан, Ирак, Пакистан, Палестина и други.

Претставниците од невладината организација „Легис“, која им помага на бегалците на теренот, велат дека ситуацијата во меѓуграничната зона кај Гевгелија е мирна. Во меѓувреме, во Гевгелија профункционира новиот прифатен пункт за бегалци каде што почна и електронската евиденција на мигрантите кои пристигнуваат од Грција.

Од невладините организации апелираат дека прифатниот камп има потреба од поголем број активисти, бидејќи бројката на бегалци кои транзитираат низ земјава е голем.

УНИЦЕФ пред неколку дена формираше и простор прилагоден за деца со цел да понуди помош и поддршка за жените и децата што минуваат низ Македонија, преку Турција и Грција, а потоа заминуваат кон европските држави.

Во меѓувреме, трагедии го следат патот на бегалците од војната кон европските држави. Пред неколку дена, во Австрија беше откриен камион во кој беа пронајдени 71 починати бегалци, а вчера австриската полиција соопшти дека бил запрен друг камион на западот на земјата каде што имало 26 бегалци помеѓу кои три мали деца.

Австриската полиција соопшти дека децата биле многу дехидрирани и пренесени во болница во екстремно тешка состојба.

Пред неколку дена потонаа два брода со мигранти во близина на либиското крајбрежје. Повеќе од 100 тела беа извлечени од водите на Средоземно Море, а крајбрежната стража успеала да спаси 200 лица.