Актуелно

Граѓански активисти бараат проширена улога во иднината на Балканот

Цивилниот сектор од шест држави од Западен Балкан ги повикаа политичките лидери да обезбедат слобода на изразување и независност на медиумите, како и нивна поголема инволвираност во евроинтегративните процеси.

Паралено со втората конференција на т.н. Берлински процес во Виена на лидерите од Западниот Балкан и од ЕУ, околу 200 граѓански активисти и членови на тинк-тенк организации и медиуми дискутираа за нивните предлози и загрижености за регионот.Civil Society forum

Во заедничките препораки што на премиерите на земјите од регионот и високите претставници на ЕУ, германската канцеларка Ангела Меркел и високата претставничка за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини им ги презентираше директорката на БИРН Македонија и одговорен уредник на Балкан Инсајт, Ана Петрушева, земјите од Западен Балкан беа повикани да го продолжат процесот на модернизација, како во нивните држави, така и во поширокиот регион.

Препораките им беа презентирани на западнобалканските лидери и на официјалните претставници на ЕУ, а беа поделени на три сегменти – регионална соработка, слобода на мислење и креирање нови слободни места и просперитет.

Претставниците на граѓанскиот сектор изразија загриженост и упатија конкретни барања, велејќи дека поголема граѓанска инволвираност ќе помогне во евроинтеграцискиот и реформскиот процес.

„Владите од Западниот Балкан треба да го прифатат граѓанското општество како еднаков партнер во евроинтегративниот процес и да пристапат кон финансирање на иницијативите на граѓанското општество што ќе дадат видливи резултати“, стои во заедничката препорака.

Претставниците од граѓанското општество велат дека можат да придонесат кон креирање политики и стратегии за зајакнување на регионалната соработка во областа на социјалниот развој и да помогнат во подобрување на институционалната и правна средина за граѓанското општество на регионално ниво.

Препораките од граѓанското општество ги добија германската канцеларка Ангела Меркел, високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини и сите премиери од земјите од Западен Балкан | Фото: БИРН

Препораките од граѓанското општество ги добија германската канцеларка Ангела Меркел, високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини и сите премиери од земјите од Западен Балкан | Фото: БИРН

Во препораката се вели дека подобрувањето на взаемното разбирање, истражувањето и дискусиите за заедничката историја, остануваат важни аспекти на регионалната соработка во која граѓанското општество може и треба да игра активна улога.

Препораките ја нагласуваат улогата и потенцијалот на граѓанското општество за ЕУ интеграциите, регионалната соработка и енергетските и инфраструктурни проекти.

Балканските лидери беа повикани да обезбедат поголема слобода на изразување, независност на медиумите и поголема правна заштита и работни услови за новинарите.

„Правната заштита на новинарите мора да се зголеми, исто како и условите во кои работат, преку подобрен социјален дијалог со работодавачите, со што ќе се намали несигурноста на работниот статус. Сопствениците на медиумите треба да се придржуваат кон постоечките закони во однос на вработувањето и условите за работа“, стои во документот, и се додава дека јавните радиодифузери мораат да бидат независни, а регулаторните тела треба да бидат ослободени од директно или индиректно влијание од властите.

Во однос на третиот сегмент кој беше предмет на дискусија – зголемувањето на вработеноста и пазарот на труд, граѓанските активисти ги повикаа владите во реагионот да се фокусираат на рестартирање на продуктивноста, модернизацијата, поддршката на земјоделскиот сектор и подобрувањето на заштитата на потрошувачите.

Форумот на граѓанското општество на самитот во Виена за Западен Балкан 2015 е заедничка иницијатива на ЕРСТЕ фондацијата, Фридрих-Еберт-Стифунг, и Институтот Карл Ренер, во тесна соработка со австриското Министерство за Европа, интеграција и надворешни работи.