Со гласање во парламентот почна процедурата за спроведување на договорот потпишан во Преспа, со кој треба да му се стави крај на спорот за името меѓу Македонија и Грција. Пратениците со 70 гласа „за“ и 40 „против“ изгласаа дека има потреба да се донесе закон за ратификација на договорот меѓу двете земји, а потоа со 69 гласа „за“ и 40 „против“ одлучија конечната спогодба да се ратификува по скратена постапка.
Потребата спогодбата да се ратификува по скратена постапка ја образложи министерот за надворешни работи Никола Димитров, порачувајќи дека ова е потребно да се случи пред Европскиот совет да одлучува во врска со доделувањето датум за почеток на преговорите за пристапување на земјата кон Европската унија. Неговиот говор беше дочекан со негодување од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои му довикуваа дека е предавник.
Коорднаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев рече дека договорот е капитулација и е противуставен. Потоа, откако не добија еден час пауза, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата. Пратеникот Антонио Милошоски изјави дека договорот не е компромис, туку е уцена, како и дека партиските органи ќе одлучат дали опозицијата нема да учествува само во расправата за оваа точка или целосно ќе го бојкотира парламентот.
Предлог-законот за ратификација нема да оди во Комисијата за надворешна политика што ја предводи Милошоски, туку во Комисијата за европски прашања чиј претседател е пратеникот на ДУИ Артан Груби. Неговата комисија ќе има рок до среда на полноќ да го разгледа договорот, а тој потоа ќе оди на пленарна седница за усвојување.
Во меѓувреме продолжија и протестите против договорот со Грција и против промената на името Македонија воопшто, организирани од повеќе граѓански иницијативи и помали политички партии. По насилството и судирот со полицијатавечерта кога беше потпишан договорот, синоќа се одржа двочасовен мирен протест пред Собранието, на кој иако се бараа „бесилки за предавниците“ и можеа да се забележат неколкумина маскирани, сепак немапе никаков инцидент.
Денеска, додека траеше расправата внатре, пред законодавниот дом неколку стотини граѓани повторно побараа поништување на спогодбата и оставка од Владата. Професорот Нестор Огинар, кој заедно со претседателот на организацијата СНС Македониум Страшко Олумчев го предводеше протестот, пред присутните запали неколку листови хартија за, како што рече, да демонстрира што мислат Македонците за договорот меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.
Група демонстранти се упатија и пред зградата на ВМРО-ДПМНЕ, барајќи средба со претставници на партијата и барајќи од нив да го напуштат парламентот и да им се придружат.