Насилниот упад во Собранието, три години подоцна, и натаму е резервоар на поделби и политички пресметки, платформа врз која се гради или се урива идејата за иднината на земјава, незатворена рак-рана на длабоко поделеното општество.
Една од причините за тоа е и фактот дека за настаните од 27 април сè уште нема целосна судска разврска што е на линија со правната максима дека „задоцнетата правда е неправда“.
Анализата на БИРН за обвинителско-судските постапки, за овој настан покажа дека беа отворени неколку различни судски процеси, во кои кривично одговараат најмалку триесетина лица за различни кривични дела.
Но, три години од тогаш, за двата најголеми случаи, за организаторите и за најмногу од извршителите сè уште нема правосилна пресуда.
Дамка врз прокламираните пароли за расчистување на овој настан неповратно фрли и амнестијата за некои од обвинетите што беа ослободени од кривична одговорност. Меѓу нив беа и пратениците што ги отворија вратите на Собранието и ги пуштија насилниците.
За разлика од некои што го демолираа законодавниот дом и физички се пресметаа со пратениците, поранешните шарени револуционери уште се влечкаат низ судовите обвинети дека ја демолирале канцеларијата на експретседателот Ѓорге Иванов, која патем одамна е затворена.
Најмалку седум судски постапки за крвавиот четврток
Тековни постапки, но без правосилни пресуди за организаторите и за сите извршители на крвавиот упад во Собранието. Ова е најкраткиот опис за брзината на правдата за собраниските настани од 2017 година, три години подоцна.
На 15 април, во Кривичниот суд во Скопје беше одложено судењето за предметот, кој доби неформално кодно име „организаторите на 27 април“, а во кој се обвинети Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски.
„Коалицијата Сите за правично судење“, која го мониторира овој предмет, соопшти дека адвокатите на обвинетите побарале одлагање поради „користење на мерките од Владата за намалување на ризикот од ширење на вирусот Ковид-19“.
Корона вирусот и вонредната состојба беа причините поради кои и скопскиот Апелационен суд во март ги откажа седниците на кои требаше да ги разгледува жалбите на ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чаков, и останатите обвинети во предметот познат како „извршителите на 27 април“.
Ова судење, во кое 15-тина лица добија вкупна затворска казна од 211 години, сè уште не може да добие завршница, бидејќи пресудата не е правосилна. Обвинетите ја чекаат правдата во притвор додека не се изјасни второстепениот суд.
За упадот во Собранието, во различно време се водеа најмалку седум различни судски постапки, во кои, во различни стадиуми на постапката, осудени се четириесетина лица.
Различни беа и квалификациите на делата, па така обвинетите одговараа од „учество во толпа“, до „насилство“ и „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Правдата е најбавна за организаторите
А различна беше и брзината на постапување. Најбрзо или веднаш по настанот (во мај 2017 година) беше отворена истрагата за учество во толпа, во која првично условно, а потоа со ефективни затворски казни беа осудени девет обвинети.
Веднаш по оваа постапка, на почетокот на мај 2017 година беше отворена уште една истрага, а тоа е за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села. И овој втор предмет заврши со правосилна пресуда и со вкупна затворска казна од над 80 години за 10 обвинети.
За третиот и предмет со најмногу обвинети, истрагата и првите апсења за т.н. „извршители“, односно за Митко Чаков, пратениците и останатите обвинети полициски службеници и членови на движењето „За заедничка Македонија“, беа спроведени во ноември 2017 година. Судијката Добрила Кацарска наметна сконцентрирана динамика и рочиштата траеја речиси до пред полноќ, па пресудата беше донесена за половина година.
Освен за обвинетите, санкции нема ниту за тројца обвинители што беа дисциплински казнети половина година да добиваат за 30 отсто пониска плата, бидејќи не постапиле навремено за собраниските настани. Советот на јавните обвинители им ги прифати жалбите на обвинителите и постапката ја врати од почеток.
Петнаесет обвинети добија високи затворски казни, а ослободен беше само оперскиот певец Игор Дурловски.
Но, она на што јавноста бурно реагираше беше Законот за амнестија, со кој во 2018 година, од високите затворски казни се спасија обвинетите пратеници и членови на патриотските здруженија. Сега, сите овие обвинети чекаат да пресече Апелациониот суд во Скопје.
Судејќи според динамиката на постапувањето, изгледа дека правдата најбавно ќе ги стигне тие што се обвинети дека го организирале упадот, бидејќи судењето за нив почнува точно три години по настанот. Станува збор за последниот предмет за овој настан, кој штотуку започна да се суди.
Истрагата за него беше отворена дури во февруари 2019, а првото судење се одржа пред два месеца.
Во затвор, за сите овие процеси досега завршија дваесетина лица, кои беа правосилно осудени.
Избегаа четворица осомничени за 27 април
Во делот „Потраги“, на веб-страницата на МВР, сè уште има четворица осомничени и обвинети за крвавиот четврток што се недостапни за органите на прогонот.
Еден од нив е експремиерот Никола Груевски. По сè изгледа, клопчето на правдата за него почна предоцна да се одмотува, бидејќи пред да биде обвинет, тој избега во Унгарија.
„Груевски, исто така, ја ангажирал и партиската структура, но обезбедил и материјални средства за насилниот упад во Собранието на „крвавиот четврток“, пишува во обвинителниот акт за поранешниот пример.
Во обвинението се споменува и телефонскиот разговор што телохранителот на Груевски, критичниот ден, 27 април, го имал со неговиот брат, како и размена на пораки меѓу Груевски и тогашниот претседавач Трајко Вељаноски.
Освен поголемите групни случаи, затворски казни добија и поединци што ги обвини скопското обвинителство. Такви примери се лицата што ги нападнаа телохранителот на Оливер Спасовски и Радмила Шекеринска, како и други обвинети, кои признаа вина и добија или затворски или условни казни.
Од кривичен прогон засега се спаси и Никола Бошкоски, за кого, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција тврди дека со возило во сопственост на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање, спроти паркот „Жена борец“ донел оружје и панцири, кои требало да им ги подели на лицата што протестирале и кои имале искуство со ракување со оружје. Никола Бошкоски избега и сè уште е во Грција.
Уште еден Никола не одговара за овој настан. Станува збор за Никола Војминоски, кој беше осуден на 13,5 години затвор, но избега од домашен притвор. За него МВР распиша меѓународна потерница, но до денеска нема информација до каде е потрагата.
На оваа листа се наоѓа и Дејан Давидовски, кој беше обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, но избега во Шведска, а земјата одби да го екстрадира во Македонија.
Шарената револуција четврта година е на oбвинителна клупа
Паралелно со процесите што се водат за крвавиот четврток, во судот, речиси четири години се влечат судењата за учесниците во Шарената револуција, Мариглен Демири, Здравко Савески и Владимир Куновски, за протестите пред канцеларијата на Ѓорге Иванов во април 2016 година.
Кривичниот суд, двапати ги ослободи од вина, но скопското Обвинителство се жалеше, па предметот сè уште е без епилог. Требало да сведочи вработен во канцеларијата на Иванов, која беше демолирана, но како што за БИРН посочија обвинетите во предметот, досега ниту судот, ниту обвинителството не можат да го обезбедат, а добиле допис од Кабинетот на претседателот дека овој објект е затворен.
Од „шарените“, ослободен од кривично гонење беше пратеникот Павле Богоевски, за кого беше подигнато обвинение. По десетина рочишта, кои траеле повеќе од година, скопското обвинителство се откажа да го гони за „учество во толпа што ќе стори кривично дело“. Клучниот аргумент бил што причинетата штета од околу 15 илјади денари не е доволна за да има кривично дело.
Савески и Куновски чекаат да одлучи Апелација, а за Мариглен Демири во јуни продолжува судењето во кривичниот суд. Во меѓувреме, како што ни кажа Савески, се чувствуваат како да се дел од романот „Процес“ на Кафка, принудени на бесмислена борба со монструозен бирократизиран правен систем, во кој опстојува само селективна и задоцнета правда.