Вести

Триесет пратеници евакуирани, кризата продолжува

Тензија и пред и во Собранието

Осуммина повредени лица и целосен хаос во Собранието е досегашниот биланс од вечерашните инциденти, откако Талат Џафери беше избран за претседател на Собранието.

Засега е неизвесен исходот од оваа насилна вечер во законодавниот дом, со оглед на тоа што Собранието буквално е преполно со полиција, но и демонстранти од движењето „За заедничка Македонија“ кои претходно нападнаа неколкумина пратеници. 

Од МВР соопштуваат дека демонстрантите од „За Заедничка Македонија“ насилно влегле во Собранието. 

„Во Оперативниот штаб 20:08 часот, директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, издаде наредба на припадниците на специјалната единица да применат овластување и да создадат услови за безбедна евакуација на пратениците и воспоставување на нарушениот јавен ред и мир. Во 20:27 часот припадниците на специјалната единица влегоа во Собранието на Република Македонија и до 20:43 часот евакуирани се 30 пратеници. Мерки се преземаат и понатаму во Собранието“, се вели во соопштението.

Инцидентите почнаа откако Џафери ја прочита свечената заклетва, со намера да даде изјава на албански јазик, а демонстрантите од движењето „За заедничка Македонија“ влегоа во Собранието, по што настана целосен хаос.

„Едноставно не знаевме што попрво да правиме, дали да се спасуваме себе или да известуваме за јавноста. Влегоа во салата со качунки на главите, ни земаа дел од телевизиските стативи и со нив, колку што видов, беа повредени дел од пратениците“, изјави Боби Христов, уредник во ТВ Телма, на вонредните телевизиски вести.

Повреден лидерот на СДСМ Зоран Заев | Фото: Радио Слободна Европа

Тој лично видел како Зоран Заев, Дамјан Манчевски, Максим Димитриевски и Зијадин Села биле повредени. Според снимките на камерите, можеше да се види и како пратеничката од СДСМ Радмила Шекеринска ја влечат за коса. 

Од Градската болница, пак, изјавија дека седум лица со повреди на главата и едно со повреда на колено се примени вечерва на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ (Градска болница). Од осуммината примени на Клиниката само едно лице кое имало потрес на мозокот е хоспитализирано, но било во добра општа состојба.

Новинарите кои се присутни во Собранието тврдат дека внатре е демолирано, вадени се инсталации и уништуван е инвентар.  

Демонстрантите ги корнат инсталациите во Собранието

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на својот Фејсбук профил повика на смиреност на страстите. Тој се наоѓа во Виена и вечерва на полноќ доаѓа во Скопје. 

„Народот да не подлегнува на провокациите на СДСМ и оние кои сакаат да ја втурнат државата во уште поголема криза. ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на овие антидржавни постапки на СДСМ преку правни и политички демократски средства“.

„Ќе има одговорност за крвавото насилство во Парламентот поттикнато од Груевски, Иванов и Велјаноски! Ќе одговараат за загрозување животи сите кои учествуваа во вечерашното насилство во Парламентот, како и за сите други злодела нарачани и спроведени од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Сериозно се повредени пратеници, претставници на граѓаните што е врв на нецивилизираниот однос на овие луѓе кои се подготвени да жртвуваат се, за да се обидат да избегнат одговорност“, стои во соопштението на СДСМ.

Претседателот Ѓорге Иванов во 22 часот ќе одржи прес-конференција.

Во моментов, полицијата со шок бомби ги вади надвор демонстрантите кои се влезени во Собранието, а внатре е исклучена и струјата, што ја прави атмосферата уште потензична.