Црногорското основно јавно обвинителство во Подгорица отвори истрага против тројца претседателски кандидати поради користење лажни потписи за поддршка.
„Обвинителството отвори истрага откако граѓани и невладини организации поднесоа повеќе од 90 кривични пријави за фалсификување потписи за поддршка на претседателски кандидати. Потписите што се проверуваат не засегаат само еден претседателски кандидат“, изјавиле од обвинителството за дневниот весник „Вијести“.
На 10 март, претседателот на црногорската Централна изборна комисија, Никола Мугоша побара од обвинителството да отвори истрага за злоупотреба на лични податоци откако медиумите објавија дека се користени лажни потписи од некои претседателски кандидати.
Претседателските избори во Црна Гора ќе се одржат в недела на 19 март. Седум кандидати се борат за позицијата, вклучувајќи го и актуелниот претседател Мило Ѓукановиќ.
Според изборниот законик, секој претседателски кандидат треба до комисијата да поднесе најмалку 8.101 потпис за поддршка, заедно со броевите на личните карти на тие што му се потпишале.
Обвинителите во Подгорица отвориле истрага за тројца претседателски кандидати поради наводно користење лажни потписи за поддршка, откако добиле повеќе од 90 жалби од граѓани и од невладини организации
Откако комисијата почна да користи софтвер за проверка на потписите на 8 март и побара од граѓаните да проверат дали нивните лични податоци биле злоупотребени од некој претседателски кандидат, десетици луѓе пријавија прекршувања до комисијата и до граѓански организации.
Обвинителството, наводно, ги проверува потписите за поддршка на тројца кандидати – лидерот на Обединета Црна Гора Горан Даниловиќ, кандидатот на Социјалдемократската партија Драгиња Вуксановиќ Станковиќ и инфлуенсерот од социјалните мрежи Јован Радуловиќ Јоџир.
Кандидатите негираа дека го прекршиле законот.
Претседателот на невладината организација Центар за демократска транзиција, Драган Копривица, денеска рече дека граѓани до неговата организација сѐ уште пријавувале прекршувања во врска со нивните приватни податоци.
„Од 2013 година, методот за собирање потписи е константен проблем. Но, политичките партии избегнуваат да спроведат изборни реформи, па затоа го имаме истиот проблем во секој изборен процес“, изјави Копривица за медиумите.
Црногорскиот закон предвидува казни од три месеци до пет години затвор ако некој се прогласи за виновен за фалсификување потпис во јавен документ, тестамент, сметка или чек.
За време на минатата претседателска кампања, во април 2018 година, повеќе од 300 пријави за лажни потписи беа поднесени до изборната комисија за двајца независни кандидати, Василије Миличковиќ и Хазбија Калач, како и за тогашниот лидер на партијата Права Црна Гора Марко Милачиќ, која беше опозициска во тоа време.
Обвинителството отвори истрага, но немаше обвиненија.