Регион

Бугарскиот Врховен суд пресуди против правата на трансродовите луѓе

Трансродовите лица нема да можат да го менуваат полот во личните документи

Активистите предвидуваат дека ќе бидат покренати повеќе случаи против Бугарија во Европскиот суд за човекови права, откако Врховниот суд во Софија, во понеделникот донесе одлука трансродовите лица повеќе да немаат право да ги менуваат документите во согласност со нивниот идентитет.

„Уставот и бугарското законодавство се изградени врз разбирањето на бинарното постоење на човечкиот вид“, се вели во пресудата.

Дваесет и осум судии гласаа за таквата одлука, но 21 изразија спротивставени мислења. Според интернет-страницата за правосудство lex.bg, ретки се вакви случаи што доведуваат до толку силни поделби во судот.

Судиите што имале спротивно мислење наведуваат дека одлуката на судот наметнува „општа, автоматска и унифицирана забрана за законска промена на полот“.

Тие тврдат дека „правната промена на полот не е во спротивност со „бинарното постоење на човечкиот вид“, бидејќи не се однесува на „трет пол““.

Адела Катчаунова, програмски директор за правна одбрана во бугарскиот Хелсиншки комитет, ја критикуваше одлуката, нарекувајќи ја популистичка пресуда „во корист на имагинарен јавен интерес“.

„Тоа ја покажува јасната линија на уназадување во судското размислување, во Бугарија. Европскиот суд за човекови права и претходно зборуваше против таквата тврда линија на бугарските судови, кои често ги игнорираат личните чувства“, изјави Катчаунова за БИРН.

Катчаунова рече дека мнозинството судии во Врховниот суд го навеле недостигот од детална легислатива за тоа што, всушност, претставува промената на полот, и затоа одлучиле дека сите барања за промени во матичните книги мора да бидат одбиени.

„Тоа ќе предизвика бран нови случаи против земјата во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, можеби и во Европскиот суд на правдата“, предупредува таа.

Катчаунова вели и дека стравува оти ваквиот развој ќе предизвика лични трагедии за луѓето што се засегнати, а, од друга страна, со неа не се презема ништо за да се заштитат традиционалните вредности или семејните структури како што би сакале конзервативците.

„Промената на полот на едно лице не влијае врз правата на трети лица и ова е неточна линија на размислување и не се заснова на факти“, тврди таа.

Таа истакна дека одлуката на судот е донесена по пресудата на Уставниот суд во 2021 година, според која Истанбулската конвенција за човекови права на Советот на Европа наменета за борба против насилството врз жените и семејното насилство, ја смета за противуставна од слични причини.

„Сега имаме уште еден случај, во кој бугарскиот закон се става над меѓународното право“, рече таа.

Активистите и невладините организации водат кампања во Бугарија за јасни процедури за транс луѓето да знаат под кои услови можат да ги променат своите лични документи.

Недостигот од јасни процедури резултираше со долга низа нерешени судски случаи.

„Сегашната ситуација значи дека многу од овие случаи ќе бидат проследени до Европскиот суд“, рече Катчаунова.

На 12 февруари, проруската Бугарска социјалистичка партија повика на „референдум за родовата идеологија“ и тврдеше дека нацрт-законот со амандмани насочени кон справување со семејното насилство може да ги запознае децата со идеи што се во спротивност со христијанските вредности.

Во вторникот, Бугарската социјалистичка партија му честиташе на Врховниот суд за пресудата против правата на транс лицата.

„За нас, Бугарите, децата и семејството се од голема вредност, а Уставот и владеењето на правото стојат над сѐ“, рече лидерката на партијата, Корнелија Нинова.

Svetoslav Todorov