Вишиот суд во Подгорица денеска го осуди Змајевиќ на 14 години затвор, за воени злосторства извршени над цивили.
Змајевиќ, кој бил дел од силите на ВЈ кои се бореле во Косово, е прогласен за виновен за убиство на четворица албански цивили од Жегра, село во близина на Гњилане, извршени за време на војната на Косово, во 1999 година.
Објаснувајќи ја пресудата, судијата Драгоје Јововиќ изјави дека доказите презентирани од сведоците, недвосмислено докажуваат дека воените злосторства биле извршени.
Тој додаде дека Змајевиќ и сам го признал ова во текот на истрагата, иако подоцна го негирал тоа.
Адвокатката на Змајевиќ, Љиљана Колџиќ, изјави дека е „шокирана“ од пресудата, бидејќи смета дека нејзиниот клиент е осуден без никакви докази.
Љоро Маркиќ, адвокат на семејствата на жртвите, нагласи оти казната е несоодветна.
Ова е првостепена пресуда и на неа може да се вложи жалба.
Змајевиќ беше уапсен од страна на црногорската полиција во 2016 година во Никшиќ.
Судењето на Змајевиќ е прв судски процес за воени злосторства во оваа држава, во последните неколку години. Имено, Во Црна Гора, до 2013 година, процесирани се вкупно 6 случаи за воени злосторства и повеќето од нив завршиле со ослободителна пресуда.