Регион

Властимир Ѓорѓевиќ, српски функционер вмешан во прикривање на злосторствата извршени во Косово

Осудениот за воени злосторства, Властимир Ѓорѓевиќ, наскоро би можел да се најде на слобода, а активистите вклучени во кампањата со која се оспорува неговото ослободување, сметаат дека овој поранешен официјален претставник на Министерството за внатрешни работи (МВР) на Србија, има дополнителни информации кои можат да откријат повеќе детали за убиствата и масовните гробници

Ѓорѓевиќ, дипломиран правник, ѝ се приклучи на полицијата и дојде на позицијата помошник министер во МВР Србија, во септември 1996 година. Веќе следната година, тој стана генерал-полковник, во тоа време, највисок чин.

Откако во еден ресторан во Белград, беше убиен началникот на Ресорот за јавна безбедност на МВР Србија, Радован Стојичиќ Баџа, за негов наследник беше назначен Ѓорѓевиќ, функција која тој почна да ја врши постојано во јануари 1998 година. Ресорот за јавна безбедност имаше широк спектар на задачи, контролираше сè, од операциите на криминалистичката полиција до граничните премини.

Недолго потоа, ситуацијата во Косово, за Белград стана уште попроблематична, бидејќи Ослободителната војска на Косово (ОВК), ја зајакна својата вооружена кампања, за отфрлање на српската власт.

Според пресудата што во жалбена постапка ја донесе Хашкиот трибунал, Ѓорѓевиќ, во 1997 година, формирал штаб за Косово, а потоа, една година подоцна, неговиот претпоставен, тогашниот министер за внатрешни работи на Србија, Влајко Стојиљковиќ, формирал нов штаб за борба против тероризмот, со цел расчистување со герилските сили на ОВК.

Ѓорѓевиќ пред судот тврдеше дека, кога бил формиран вториот штаб, командните синџири на Ресорот за јавна безбедност и на Службата за државна безбедност, се споиле и биле ставени под директен надзор на министерот Стојиљковиќ. (Стојиљковиќ се самоуби во 2002 година, на денот кога српскиот парламент го усвои законот за соработка со Хашкиот трибунал).

Сепак, во гореспоменатата пресуда се наведува дека со спојувањето на синџирите на команда, не се намалила улогата на Ѓорѓевиќ во Косово, дека тој бил директно вклучен во ангажманот на српските полициски сили во Косово во 1998 и 1999 година и дека често и самиот бил присутен на теренот.

Потопени камиони-ладилници, во кои се скриени тела

 

Камионот ладилник во кој биле сокриени 86 тела, најден во реката Дунав во април 1999 година / Фото: Министерство за внатрешни работи на Србија

Додека српските сили се бореа против ОВК, а НАТО ја бомбардираше Југославија со цел да стави крај на воената кампања на Слободан Милошевиќ во Косово, на две различни локации во Србија, во едно езеро и во една река, беа пронајдени два потопни камиони-ладилници.

Дури по завршувањето на војната и соборувањето на Милошевиќ од власт во 2000 година, стана јасно дека во овие камиони се наоѓаат тела на мртви цивили, Албанци од Косово.

Но, во 1999 година, малкумина знаеја за тоа. Еден од нив, според пресудите, бил и Властимир Ѓорѓевиќ.

Кога на почетокот на април 1999 година, еден од камионите испливал на површината на реката Дунав, во близина на местото Текија, источна Србија, Ѓорѓевиќ бил оној кој дал упатства телата да се тргнат, односно да се транспортираат и да се закопаат на теренот за тренинг на специјалната антитерористичка единица на МВР Србија во Батајница, во близина на Белград.

Ова, според одлуката на Жалбениот совет, било обид „да се сокрие фактот дека телата биле откриени, како и да се сокрие националноста и потеклото на жртвите и да се осуети секоја понатамошна истрага за смртта на овие луѓе”.

Ѓорѓевиќ призна дека учествувал во обидот за прикривање, но негираше дека знаел за убиствата.

„Бев вмешан кога пристигнуваа камионите со тела во Батајница, но не знаев кога, каде и на кој начин се извршени злосторствата”, изјави тој.

„Не се спротивставив на прикривањето на злосторствата. Јас не преземав мерки за гонење на сторителите, а тоа требаше да го направам“, додаде тој.

Во април 1999 година, локалната полиција откри уште еден камион со тела, на спротивната страна на земјата, во езерото Перучац, западна Србија.

Телата потоа биле закопани во близина на езерото, под надзор на Ѓорѓевиќ. Тој подоцна призна пред судот дека знаел оти тоа е незаконски, но не покренал истрага за ова злосторство.

Убиство на браќата Битиќи во Србија

Семејството Битиќи. Фото: bytyqibrothers.org

Случајот со тројцата браќа Битиќи, американски државјанин од албанско потекло, е во центарот на кампањата со која се бара Ѓорѓевиќ да биде задржан во затвор, ако не понуди повеќе информации.

Илија, Агрон и Мехмет Битиќи се бореле на страната на ОВК против српските сили, а српската полиција ги уапсила по завршувањето на војната.

По издржувањето на казната поради нелегално преминување на границата, тие повторно биле уапсени и однесени во полицискиот центар за обука во Петрово село, во источна Србија, каде што биле убиени.

Во пресудата на Жалбениот совет во случајот Ѓорѓевиќ, се вели дека браќата „во центарот во Петрово Село биле префрлени по инструкција на Ѓорѓевиќ”.

Семејството Битиќи, исто така, води долготрајната кампања која има за цел да ја принуди Србија да ги предаде убијците пред лицето на правдата, а Ѓорѓевиќ го повика да открие повеќе детали за убиството на браќата, како и за другите локации на кои се наоѓаат масовни гробници од војната во Косово.

Детали и фотографии на камионите-ладилници со телата на воените жртви ѝ станаа достапни на јавноста во Србија во 2001 година, кога беа ексхумирани масовните гробници. А по ова, Ѓорѓевиќ избега.

Тој беше уапсен од страна на црногорската полиција во Будва, во јуни 2007 година. Медиумите шпекулираа дека три години живеел во Будва под лажно име и дека работел како градежник.

Истиот ден кога беше уапсен, тој беше екстрадиран во Хаг, за да се соочи со судење. По 20 години, повторно би можел да се најде на слобода.

Погледнете го документарниот филм на БИРН „Неидентификувани”, за српските команданти, кои се одговорни за некои од најбруталните напади извршени за време на војната во Косово и за прикривање на телата на жртвите.