Актуелно

Универзалната сала недоправена веќе чини 600.000 евра

Објектот е затворен од 2015 | Фото: Роберт Атанасовски

Новиот изглед на Универзалната сала беше еден од главните адути на бившиот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, во предизборната кампања на последните, а слично беше и на претходните локални избори.

Меѓутоа, јавната установа која со преименувањето се вика „Конгресен центар Александар Македонски“ се соочува со присилна наплата или судска постапка поради неисплатени обврски кон фирмата изработувач на проектот – Градежен институт Македонија АД од 200.000 евра.

Објектот е затворен од 2015, првично требаше да се урне и на негово место да се изгради нова зграда, но подоцна Министерството за култура под тогашно раководство на министерката Елизабета Канческа Милевска решава од економски причини само да се реконструира стариот објект за 15 милиони евра.

Сега, Градежен институт Македонија побарува сума од над 200.000 евра за изработка на основниот архитектонски проект, а спорот треба да се решава помеѓу Конгресниот центар „Александар Македонски“ и Министерството за култура, кое требало да ги исплати средствата.

Овие средства биле предвидени во буџетот на Министерството за 2016 година, а фактурите почнуваат да пристигнуваат во ноември 2017 кога во буџетот на Министерството нема предвидена таква ставка.

Помпезно најавена на стартот на локалните избори 2013, Универзалната сала именувана во „Конгресен центар Александар Македонски“, по локалните во 2017 веќе чини над 600 илјади евра,  со поголема веројатност од блокирана сметка отколку со почеток на градежните работи.

Универзална сала во повеќе наврати ги барала парите за покривање на преземените обврски, но конкретен одговор не добивала.

„Според нашите сознанија, Универзална сала ги нема парите. Таа работи со многу помали буџети за да може вонредно да исплати 200 илјади евра непредвиден трошок“ велат за БИРН од Градот.

Во Министерството за култура пак, не гледаат обврска да ги исплатат парите.

„Средствата предвидени во буџетот во 2016 не биле повлечени од Јавната установа Конгресен центар. Во таа година не се стигнати никакви обврски за наплата, а во 2017 година нема склучено договор ниту со Град Скопје ниту со Конгресен центар за оваа намена“, велат од Министерството.

Никој не презема долгови, но не се откажуваат од објектот

И Градот со новиот градоначалник Петре Шилегов и  Министерството на Роберт Алаѓозовски тврдат дека „не ја напуштаат идејата за реконструкција на Универзална сала“, но немаат конкретен одговор како ќе се надмине заканата од присилна наплата на оваа установа.

Градоначалникот Шилегов вети дека Универзалната сала ќе биде обновена, но прашање е по кој проект ќе биде реновирана/обновувана салата.

„Град Скопје бара начини да ги надмине овие проблеми во соработка со Министерството за култура и Универзална сала, иако веројатно никаде не се предвидени овие пари во програмите на институциите“, велат од Град Скопје.

И од Министерството за култура велат дека не се откажуваат ниту од реконструкцијата на Драмски театар ниту од Универзалната сала, но дека „ќе бараат рационални и сериозни решенија“.

Парите за „јајцето“ од 400.000 евра се веќе исплатени

За Универзалната сала во 2015 година веќе беше склучен договор за изработка на основен проект за сума од над 400.000 евра со Архи Груп План А. Тоа беше во периодот кога беше одлучено Универзалната сала да има форма на јајце.

За помалку од една година, тогашната Влада се премисли и одлучи дека нема да гради нов објект поради економската неоправданост на проектот, туку дека ќе се реконструира и доградува постојниот за 15 милиони евра.

Вака требаше да изгледа новата зграда на Универзалната сала

Задачата да го напише основниот проект ја добива Градежен институт Македонија. Станува збор за   една од компаниите која со изработка на основни проекти учествува во процесот на издигање на 26 објекти од проектот „Скопје 2014“, меѓу кои се и споменикот на Мајка Тереза, Плоштад Пресвета Богородица, Порта Македонија и многу други.

Неизвесно е со колкави долгови ќе се соочи Владата на СДСМ кон фирмите кои работеа на проектот „Скопје 2014“, како што во случајов е Градежниот институт Македонија. Колку за пример, на фирмата Страбаг, Министерството за култура со претходната министерка Елизабета Канческа Милевска, за внатрешното уредување на зградата на Филхармонија должи 15 милиони евра.

Градоначалникот на Скопје, Шилегов, пак, даде усна наредба да се стопираат сите фасади. Станува збор за 95 објекти, а за оваа намена биле предвидени околу 90 милиони денари. Што ќе биде со фасадите на кои веќе се почнати градежните работи, дополнително ќе се прават анализи.