Вести

Успешен бизнис-старт на Груевски во Унгарија

Компанијата која во Унгарија ја основа поранешниот македонски премиер Никола Груевски има успешен бизнис-старт. За нешто повеќе од пет месеци работа, фирмата пријавила нето-добивка од 10.000 евра, пишуваат локалните унгарски медиуми.

Груевски, кој е осуден во Македонија, избега во Унгарија во 2018 година. Таму живее без многу јавни појавувања и малку се знае за тоа со што се занимава, но неговото име се појави минатото лето, кога ја регистрираше фирмата И.Ц.И.Ц. ЛТД.

Малата компанија е основана на 14 јули 2021 година, во село оддалечено 20 километри од Будимпешта. Таа  е регистрирана во напуштена куќа, а Груевски е наведен како единствен сопственик и главен извршен директор.

Главниот фокус на компанијата се деловни консултации, но има лиценца и за широк спектар на други активности, како што се трговија на големо со порцелан, стакларија и производи за чистење, трговија на големо со храна, пијалаци и тутун, управување со средства и рекламирање и односи со јавноста и комуникација.

Иако И.Ц.И.Ц работи само од минатото лето, веќе успеа да стане профитабилна и има приход од пет милиони форинти (13.000 евра), објави унгарската деловна веб-страница mfor.hu. Неговата нето-добивка за периодот од средината на јули до крајот на годината изнесува 3,8 милиони форинти (10.000 евра).

Не се знае од кои активности за кои е регистрирана фирмата се приходите што ги пријавил Груевски, но локалните медиуми шпекулираат дека тие би можеле да бидат поврзани со унгарското Министерство за надворешни работи. Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто не криеше дека има редовни средби со поранешниот македонски премиер.

„Ако сакаме да ги имаме најавтентичните информации за тоа што се случува на Западен Балкан, со кого треба да разговараме, ако не со некој што бил премиер таму 10 години? рече Сијарто во парламентот, во 2019 година, одговарајќи на прашањето за неговиот однос со Груевски.

Минатиот месец, Груевски и поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, беа ставени на црната листа на Соединетите Американски Држави.

Со таа одлука, целиот имот и удели во имотот на Груевски и Мијалков или компании поврзани со нив што се наоѓаат во САД или се контролирани од американски државјани мора да бидат блокирани, додека на двајцата поранешни политичари и на нивните потесни семејства им е забранет влезот на американска територија.