Анализи

Уставните измени во втор план

Изборни ветувања: од уставни измени веднаш, преку одложено дејство, до укинување на преговарачката рамка

Во партиските програми може да се прочитаат илјадници ветувања, за економски раст, за борба против корупцијата, за субвенции, за реформи во различни области. Но, никој не кажува како ќе се реализираат тие. Така е и со уставните измени за внесувањето на Бугарите во Уставот, што е услов за македонските европски интеграции.

Тие што се обврзуваат на брзи уставни измени, немаат решение како би го обезбедиле потребното двотретинско мнозинство. Оние, пак, што ветуваат промена на преговарачката рамка, не кажуваат како е тоа возможно.

Новинарските прашања и инсистирањето на политичките противници во дебатите беа единствениот начин во оваа изборна кампања да се извлече став од партиските претставници на ВМРО-ДПМНЕ за внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Ова прашање не е застапено во нивните изборни спотови, ниту, пак, доминира во јавните настапи.

Додека на изборите во 2020 година, ВМРО-ДПМНЕ ставаше силен акцент на отворените историски теми со Бугарија, обврзувајќи се дека ќе ги штити „од предавство“ македонските револуционери, а портретирајќи ја власта како предавничка, сега ова прашање не доминира во кампањата.

Сите други учесници на изборите побрзаа да ги разјаснат своите позиции. Едни заговараат измените да се случат веднаш по изборите, втори се залагаат за уставни измени со одложено дејство, а трети за целосно отфрлање на постоечката преговарачка рамка. Тоа може да се прочита и во нивните програми, но и во јавните настапи, во кои не пропуштаат можност да го наметнат ова прашање.

ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за одложена примена

Партијата организираше протести против францускиот предлог | Принсткрин: ВМРО-ДПМНЕ

Во обемната програма на ВМРО-ДПМНЕ, напишана на 240 страници, поглавјето со наслов „Националните приоритети на македонската надворешна политика“ е на осум страници. Од партијата наведуваат дека се свесни за „тешкиот товар“, но дека остануваат на ставот за наметнување на Уставот под диктат на трета држава.

Како решение нудат одложена примена на уставните измени. ВМРО-ДПМНЕ се повикува на „досегашната практика на сите држави, кои пред самиот чин на нивното пристапување во полноправно членство, вообичаено ги прават неопходните или условени уставни измени, или во таа фаза тие влегуваат во сила“.

За одложеното гласање или примена, партиските претставници, пак, не зборуваат често во јавните дебати. Кога се прашани, се подиректни од она што стои во програмата како диктат од трета држава.

„Бугарски диктат не можеме да прифатиме. Од друга страна ги гледаме дел од претставниците на меѓународната заедница, кои велат ние сме гаранција дека ова ќе се спроведе, а ние велиме во ред од вас сме слушнале многу гаранции“, вели првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој и неговиот заменик во партијата, Александар Николоски, бараат од ЕУ да ја натера Бугарија да ги почитува одлуките на судот во Стразбур за македонското малцинство што живее таму, а инсистираат и на гаранции дека соседната земја нема да има нови барања кога е во прашање евроинтеграцискиот процес.

Овие барања на ВМРО-ДПМНЕ не се нови, но во оваа изборна кампања не може да се насети жестокоста што ја имаа во  Собранието, кога се расправаше за таканаречениот француски предлог, сега преточен во преговарачка рамка со Европската Унија.

Тропањето во Собранието, вувузелите и палењето на предлогот на говорница останаа во сеќавањето за 2022 година. Дури и во изборните спотови, во кои ВМРО-ДПМНЕ потсетува на лошото владеење на СДСМ, нема референци за случувањата околу францускиот предлог.

Еден од силните критичари од позицијата на пратеничка беше и сегашната кандидатка за претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова. Сега, во едно од соочувањето со нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски, таа го прецизираше ставот.

„Преговарачката рамка ја прифаќаме. Ние не го прифаќаме само елементот врзан за уставните измени“, рече Сиљановска-Давкова.

Иако многу опозициски претставници инсистираа дека ќе бараат промена на преговарачката рамка, таквите пораки завршија со одговори од европските функционери дека репреговарање не е возможно.

Но, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ е убедена дека е можно ако им објасни дека вето треба да се употребува само ако е во прашање неисполнувањето на Копенхашките критериуми. Со други зборови, за партијата е прифатливо да има вето за основните европски начела, но не и односите со Бугарија.

Ставот на движењето „За наша Македонија“ (ЗНАМ), горе-долу се совпаѓа со програмските определби на ВМРО-ДПМНЕ, а нивниот лидер Максим Димитриевски изгледа како да не пропушта момент да го адресира ова прашање.

„Ние можеме да изгласаме измени на Уставот, но претходно мора да добиеме гаранции дека тие ќе се применуваат откако Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ“, вели Димитриевски.

Целата процедура во нивната програма се предвидува да трае 300 дена. Во првите сто, експертите ќе преговараат за промена на рамката, а во следните 200 дена ќе ги предложат уставните измени, кои би стапиле во сила кога Македонија ќе стане членка.

Пораката против уставните измени е испишана и на партиското седиште во Скопје | Фото: БИРН

Левица, пак, е најрадикална. Односите со Бугарија и уставните измени ги споменува во различни поглавја во партиската програма. Во делот обвинителство ветуваат и кривичен прогон против поранешниот премиер и министрите, кои ги нарекуваат квислинзи, за сторено кривично дело против државата, со прифаќање на т.н. француски предлог.

Се обврзуваат и на „целосно отфрлање на т.н. француски предлог за преговори со ЕУ, како неприфатлива и понижувачка рамка за продолжување на евроинтеграциите“.

Партијата се обврзува дека ќе ги поништи и договорите со Бугарија и со Грција и Охридскиот рамковен договор.

Уставните измени како изгубен натпревар

Сцената со македонскиот фудбалер, кого бугарскиот, францускиот и грчкиот противник во шеснаесетникот го спречуваат да даде гол е од предизборен спот на СДСМ. На крајот до него застанува Димитар Ковачески и тој дава гол. Но, така е само во спотот.

Партијата, која под негово водство стави сѐ на картата Европска Унија, ја почна процедурата за уставните измени, иако беше јасно дека нема да може да обезбеди мнозинство за да може да ја заврши.

Ковачевски како премиер стави се на картата ЕУ | Принтскрин: изборен спот на СДСМ

Главното ветување што провејува низ програмата е дека Македонија ќе стане членка на Унијата до 2030 година, но дека од клучна важност „е да имаме успешни уставни измени и одржување на втората меѓувладина конференција“.

„Што се однесува до мене, уставните измени може да ги гласаме денес, може да ги гласаме утре, може да ги гласаме задутре, може да ги гласаме пред формирањето влада, по формирањето влада, на ист ден со формирањето влада, како ќе кажат – така“, вели  Ковачевски.

За разлика од него, двете коалиции на Албанците, Европскиот фронт предводен од ДУИ и движењето „Вреди“, поставуваат конкретни рокови како услов за формирање на идната влада.

Во програмите не споменуваат точни термини, но ги испорачаа во изјавите.

ДУИ во програмата инсистира да се заврши оваа обврска што е можно поскоро оти за нив „тоа е црвена линија од која нема повлекување и не може да бидеме дел од политичките компромиси“.

Но, дека инсистираат измените да се случат веднаш навестија и на почетокот на кампањата, кога на партиски настан симулираа собрание, со кое претседаваше лидерот Али Ахмети. На него тие веќе ги изгласаа уставните измени.

„За ДУИ и Европскиот фронт, главен услов за формирање на идната влада се уставните измени“, вели Крешник Бектеши, нагласувајќи дека ќе инсистираат веднаш да се пристапи кон измените.

Нивните опоненти во албанскиот политички блок „Вреди“ не се толку временски прецизни како ДУИ, но, сепак, и тие споменуваат рокови за уставните измени.

Обвинувајќи ги ДУИ дека сакаат да спречат ново парламентарно мнозинство, Изет Меџити го спомена рокот од шест месеци по формирањето на владата. И другите лидери од ова движење, Биљал Касами од Беса и Африм Гаши од Алтернатива тврдат дека тие се гарант во евентуална идна влада дека Бугарите ќе влезат во македонскиот Устав.

Ова како услов Мицкоски веќе го отфрли. Тој бара време за да се добие „појасна и попрецизна позиција на ЕУ“.

„Да видиме што во суштина за нас има план Европа и дали воопшто има план“, вели Мицкоски.

Според досегашните најави од партиите од албанскиот блок, прашањето секако ќе биде фактор и во преговорите за формирање влада.