Постојат сериозни разлики и спротивставени тврдења во сведочењата на поранешниот разузнавач Зоран Верушевски и екс-вработениот во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Ѓорѓи Лазаревски за начинот на кој се ваделе и менаџирале нелегално снимените разговори од канцелариите на веќе трансформираната УБК.
Една од клучните разлики е тоа дека Лазаревски на ланското сведочење во судот тврдеше дека тој, всушност, бил посредник меѓу Верушевски и неговиот тогашен колега од УБК, Звонко Костовски. Наводно, Костовски ги вадел материјалите, му ги давал на дивиди и овој ги предавал на Верушевски.
Верушевски, пак, вчера во судница рече дека Лазаревски материјалите ги предавал директно во партијата СДСМ.
„Информацијата и документацијата не завршуваше кај мене, туку кај политичката партија“, изјави тој.
Имало ли директен контакт меѓу Лазаревски и Верушевски?
Лазаревски раскажа дека клучниот момент кога со колегата Звонко Костовски решиле дека ќе ги вадат нелегалните аудиофајлови од УБК е упадот на полицијата во А1 телевизија, кој се случи неколку дена пред крајот на 2010 година.
Тој објасни дека потоа случајно се сретнал со Зоран Верушевски и екс-разузнавачот го посоветувал дека материјалите треба да се чуваат и да се анализираат.
„Вистинското вадење на материјалите следеше откако контактиравме со него“, објасни Лазаревски.
Понатаму, тој тврдеше дека сите дискови што ги добивал од Звонко Костовски со „бомбите“ прво ги копирал на свој екстерен хард-диск, па потоа му ги предавал на Верушевски.
„Обично се среќававме неколку часа подоцна“, објасни Лазаревски за начинот како му ги предавал материјалите на Верушевски.
Сосема спротивно на ова, Зоран Верушевски вчера во судница негираше дека што било добивал од Лазаревски.
„Ѓорѓи Лазаревски беше еден од лицата што донесуваа документи до партијата“, рече поранешниот разузнавач.
Партиски функционер или човек што работи сам?
Втора дискрепанца меѓу двете сведочења е околу евентуалната партиска улога на Верушевски во моментите кога поранешниот разузнавач ги обработувал разговорите, кои, според него, биле доставувани во партијата. Лазаревски за време на ланското сведочење рече дека Верушевски го сметал за професионалец, кој не е конвенционален припадник на партија и човек што работел сам.
Верушевски, пак, вчера кажа дека бил одговорен за безбедноста во СДСМ и дека „добил чувствителни информации со кои постапувал“.
Според Лазаревски, тие престанале да влечат материјали во моментот кога тој под принуда си дал отказ. Заминал на 31 октомври 2013 и само уште еднаш, наредната недела во ноември Костовски му дал УСБ со материјали.
„Тука заврши соработката, Звонко не сакаше да се гледа со Верушевски, бидејќи тоа беше многу ризично“, изјави Лазаревски.
Во делот со Звонко Костовски и се поклопуваат двете сведочења, ланското на Лазаревски и вчерашното на Верушевски, бидејќи вчера екс-разузнавачот потенцираше дека со Костовски немал контакти.
Интересно е дека Лазаревски на сведочењето лани тврдеше дека токму Верушевски во еден момент побарал со Костовски да ги маркираат, односно да ги прислушуваат Никола Груевски и Сашо Мијалков.
„Слатко му се изнасмеавме“, рече тогаш Лазаревски и објасни дека не прифатиле зашто знаеле дека тоа е криминал и јасно им било дека системот за маркирање е поставен на таков начин што секако ќе оставеле траги дури кај три мобилни оператори.
Лазаревски оваа епизода ја откри како одговор на прашање на обвинителот од СЈО, а Верушевски до сега не се изјаснил конкретно по ова тврдење.
Ѓорги Лазаревски не беше достапен за да го коментира сведочењето на Верушевски.
„Лепени, сечени, монтирани“
Најмногу реакции вчера предизвика делот од сведочењето на Верушевски дека документацијата, се мисли на снимените разговори, доживеале „стравотна модификација и компромитирање“ откако во времето на власта на Никола Груевски беше притворен за случајот „Пуч“.
Ова беше повод експремиерот Никола Груевски да се јави од Будимпешта на Фејсбук со коментар дека ова е круцијалниот доказ дека „бомбите биле сечени, лепени и монтирани“.
Адвокатот Александар Тортевски смета дека Јавното обвинителство треба веднаш да го повика Зоран Верушевски.
„Треба Верушевски да каже на кои снимени разговори мислел кога рекол дека се модифицирани и тоа треба сериозно да се провери. Обвинителството треба да го соочи со Лазаревски и со Костовски. Доколку се утврди дека во претходната постапка, во предистрагата Верушевски кажал нешто сосема спротивно, тогаш треба да му се покрене постапка за лажно сведочење“, вели Тортевски и прашува зошто до сега Верушевски молчел.
Според Тортевски, изјавата на Верушевски за модифицирање на материјалите не може да влијае врз судбината на поголемиот дел од предметите на СЈО, освен оние чии пресуди се базираат исклучиво на „бомбите“.
„Во тој случај може да има проблем, ако вештачењето покаже дека токму тие снимки, врз основа на кои е донесена пресудата, се менувани. Во тој случај има правни алатки да се оспорат и пресуди.“
Сведочењето на Зоран Верушевски предизвика шок, бидејќи тој се сметаше за близок човек на премиерот Зоран Заев.
Верушевски и Заев маршираа заедно на празникот 11 октомври 2016 година, неколку месеци пред изборите по кои СДСМ ја презеде власта од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој од 2017 му е советник на премиерот за национална безбедност, од Владата за БИРН денеска потврдија дека сѐ уште го има тој статус. Од летово, пак, Верушевски има слична улога и во СДСМ. Таму е претседател на комисијата за внатрешни работи.