Нема напредок.
Со eдна реченица, Европската Унија годинава, во најновиот извештај го „закопа“ напредокот на земјава за реформите во правосудството.
Лани имавме ограничен напредок. Годинава ни толку.
Комисијата, не само што не гледа прогрес, туку предупредува дека владата и парламентот се мешаат и вршат притисок врз правосудството.
„Повторените изјави од високи политичари претставуваат прекумерно влијание и заплашување и ја поткопуваат независноста на судството“, пишува во извештајот.
Во документот никој не е спомнат со име и презиме.
Но, еден од оние што е најгласен во коментарите за правосудството е премиерот Христијан Мицкоски. Една од таквите последни изјави беше за пресудата за случајот „Онкологија.“ Мицкоски кажа дека чувствувал мачнина, затоа што „со вакви одлуки, судиите и обвинителите не ги заслужуваат ни сегашните плати, а не, пак, да бидат повисоки.“
Премиерот, како и секој граѓанин, може да има впечаток дали одредена одлука е праведна. Но, правдата е чувство, а правото е систем од норми. Оттука, не е негово да кажува дека не е задоволен од некоја санкција што ја изрекол судот, затоа што многу одлуки се законити, но дали се праведни е лично чувство.
Настрана од тоа, реформите во правосудството не се мерат според емотивните реакции на премиерот, туку по судници, каде што власта ќе обезбеди елементарни услови за правораздавање.
Но, власта не мисли така.
Кога судијката Даниела Алексовска-Стојановска донесе одлука што не ѝ се допадна на власта, министерот за правда ја избрка од работната група за Кривичниот законик. Судскиот совет подоцна утврди дека одлуката ѝ е законска.
Но, кого го интересира законот, кога има политичка „правда“?
ВМРО-ДПМНЕ одржа неколку прес-конференции за да ја напаѓа судијката поради тоа што донела пресуда во претходната постапка за младичот што ја прегази Фросина Кулакова, со која му доделила воспитна мерка.
Во тие настапи, од партијата не кажаа дека таа е истата судијка што им конфискуваше 90 проценти од имотот.
Мицкоски во име на народот

Никој повеќе не говори за понеделникот на Мицкоски | Фото: БИРН
Во политичката непристојност да се биде „политички врховен судија“, власта не препознава мешање, туку поттик судиите да судат правилно (доколку тоа се поклопува со желбите на самата власт).
Мицкоски, минатиот месец директно им се закани на судиите и на обвинителите: „Да почекаме да завршат локалните избори и ќе видите какви чекори ќе преземеме.“ Изборите завршија, заканите останаа. Исто онака како што завршија и многу понеделници, во кои премиерот најавуваше робусна акција против судии и обвинители.
Брисел го нотира и повикот на владините претставници до членовите на Судскиот совет да поднесат оставки по интерпелацијата во парламентот. Мицкоски, во март годинава говореше дека ако не се случи тоа, се плаши дека „може да им се случи народ, да се самоорганизира и да протестира“, а тоа би било со негова поддршка.
Интерпелацијата за членовите на Судскиот совет, која помина во парламентот, беше обид да се замени предизборното ветување дека ќе се распушти ова тело и Советот на јавните обвинители.
Премиерот наскоро ќе треба да објасни како ќе го разрешуваат државниот обвинител Љупчо Коцевски, кога, според извештајот на ЕУ, интерпелацијата што му беше изгласана во парламентот, „не е правна основа за негово разрешување.“
Но, извештаите на ЕУ, одамна политички не возбудуваат никого, па ниту власта.
Платите и рејтингот
Неодамна прашав една обвинителка зошто во судница не ја носи обвинителската тога.
„Па, немаме тоги“, ми рече.
Тоа е веројатно и најмалиот проблем во правосудството, но го исцртува односот на државата. Ако со години нема пари да се купи парче ткаенина што обвинителите се законски обврзани да ја носат во судница, што да се каже кога недостасуваат записничари, стручни соработници и друг персонал без кои судството не може да функционира?
За да се критикува судството, државата првин мора да обезбеди сѐ за овој сектор да функционира финансиски независно. На тој начин ќе им го одземе аргументот за критика на политичарите.
Од Обвинителството веќе се жалат дека немаат одобрение за ниедно ново вработување во предложениот буџет за 2026 година.
А извештајот на ЕУ е критичен токму во необезбедувањето пари за правосудството. Буџетот за судството едвај стигнал до 0,3 отсто, далеку од законски предвидените 0,8 отсто, кои се клучни за судската власт.
Кога се парите во прашање, ЕУ го критикува и тоа што Ленче Ристоска, како обвинителка за врски со Европравда, наместо да „биде целосно оперативна“ и да замине во Европравда, таа уште работи од Македонија. Причина е тоа што не е донесен законот за платите на јавните обвинители.
Мицкоски токму за Ристоска, без да ја именува, говореше дека често обвинителот за Европравда земал „ненормално голема плата“, па затоа се заложиле платата на Ристоска да биде на ранг на третиот човек во македонската амбасада во Брисел.
Ристоска го демантираше и кажа дека зема плата како основен јавен обвинител.
На последниот брифинг за судството, го прашав Мицкоски зошто министерот за правда ги сменил сите работни групи што дотогаш работеле на измени на законите во правосудството, меѓу другото, и на Кривичниот законик, кои Брисел бара да го донесеме.
Одговори дека е „логично кога има нова власт, министерот да постави луѓе од доверба.“ Можеби е логично за него, но правилата налагаат во нив да седат професори и професионалци, а не политички номинирани личности.
А со менувањето на работните групи, постапките за реформските закони почнаа одново.
Извештајот на ЕУ не го занемарува тоа што довербата на граѓаните во правосудството е на ниво на статистичка грешка. Напротив, го нотира како сериозен проблем.
Мицкоски постојано говори дека судиите и обвинителите со два проценти рејтинг треба да си заминат.
Политичарите упорно ја користат слабата доверба на граѓаните во правосудството како аргумент против судиите, заборавајќи дека едноцифрени бројки за доверба немаат само судиите.
Според последната анкета на ИРИ, само три отсто од испитаниците изјавиле дека целосно им веруваат на политичарите.
Тивки и потчинети
Извештајот на ЕУ не го отсликува само односот на другите власти кон правосудството.
Се критикува изборот на претседател на Врховниот суд, па пишува дека членовите на Судскиот совет „не дадоа суштински аргументи зошто избраниот кандидат е посоодветен од конкурентот.“
Судскиот совет и Советот на обвинители треба да ги „засилат своите напори за заштита на независноста, интегритетот и професионализмот“, стои во документот.
Со други зборови, советите на судиите и обвинителите да застанат во одбрана на независноста, а не да бидат неми набљудувачи.
Во таа улога на статисти често се наоѓаат и еснафските здруженија на судиите и на обвинителите, кои кога ги напаѓа извршната власт, или молчат, или излегуваат со бледи соопштенија.
Во едно од последните не му го спомнаа ниту името на премиерот, кој говореше дека не си ги заслужуваат платите. Со таква култура на сервилност и конформизам нема зошто да се лутат кога граѓаните не им веруваат.
Не така далеку, на повеќе од 400 километри северно, над 400 судии и обвинители во Србија, со име и презиме ја осудија изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека „обвинителите што нема да го штитат поредокот и законот, ќе бидат сменети.“
Такво нешто за македонските судии и обвинители е незамисливо.












