Анализи

Владина или партиска – двојни улоги во кампањата „за“

Зоран Заев настапува како премиер на Владата, а Владата не е во кампања | Фото: Коалиција за европска Македонија

Секој ден, премиерот Зоран Заев, министрите, други функционери, а понекогаш и странските гости, излегуваат на трибини пред граѓаните да ги убедуваат да гласаат за прифаќање на договорот со Грција на референдумот на 30 септември. Тие водат една од теренски најактивните и најскапи кампањи во предреферендумскиот период.

Владата официјално не е во кампања, туку овие активности ги прави коалицијата „Заедно за европска Македонија“, во која членуваат триесетина политички партии, граѓански здруженија и други. Но, премиерот и министрите на трибините се претставени и настапуваат како носители на државни функции, а и официјалната интернет-страница izlezi.mk е регистрирана од владиниот Генерален секретаријат.

Како лица за контакт во врска со интернет-страницата на излези.мк е наведена електронската адреса на Кирил Самарџиоски, помошник раководител во секторот за информатичка технологија и воедно овластено лице во одделот на Владата за заштита на личните податоци, и Илија Жупаноски вработен во комуникацискиот сектор на Владата.

Ова не е единствената кампања за позитивно изјаснување на референдумот. Свои кампањи водат и Собранието и група невладини организации.

Коалиција без листа на членови

Пораките во кампањата може да се сведат на една – ќе се живее многу поубаво | Фото: Коалиција за европска Македонија

Коалицијата „Заедно за европска Македонија“ редовно ја ажурира својата интернет-страница и своите профили на повеќе социјални медиуми, а прес-служба испраќа по повеќе соопштенија дневно, со најави и со извештаи од настапите на Заев и на другите учесници.

Наспроти ажурноста во лиферување соопштенија, Коалицијата за европска Македонија, ниту на сајтот, ниту на поставените прашања на БИРН нема објавено информации кој сѐ ја сочинува, како се финансираат нејзините активности, дали станува збор за пробоно активности, односно кој го плаќа поставувањето на бините, снимањето на говорите, изработката на видеоспотовите, спонзорираните објави, рекламите итн.

Веќе беше објавено дека коалицијата се формираше на 30 август и во неа се вклучија триесетина политички партии предводени од СДСМ и ДУИ, но дека во неа се приклучиле и невладини организации и други субјекти. Целосна листа на членови, сепак, не успеавме да најдеме.

Формално членовите на Владата се вклучени како членови на своите партии и на коалицијата, но Владата велат дека таа официјално не е дел од овие активности. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски изјави дека нивното учество завршило со интернет-страницата.

„Тоа е во рамките на одлуката на Владата да одвои 6.500 евра за промоција на референдумот на социјалните мрежи. Меѓу другото, со тоа е покриено и регистрирањето на страницата. Освен со тоа, Владата не е вклучена во кампањата“, вели Бошњаковски.

Многу кампањи за европска, ниедна за Северна Македонија

Своја кампања за евроинтеграциите има и делегацијата на ЕУ | Фото: Коалиција за европска Македонија

Државните пари за кампањата, околу 80 милиони денари, ги троши Собранието. На телевизиите се објавуваат рекламни спотови на кои парламентот е наведен како нарачател. Генералниот секретар Цветанка Иванова вели дека тоа е посебна кампања што е неповрзана со коалицијата „Заедно за европска Македонија“. Сепак и двете кампањи користат исти спотови, како што е тој со хумористот Љупчо Бубо Каров како повикува да се гласа „за“. Имено, спотот се  емитува во име на Собранието на телевизиите, а коалицијата го објавува на социјалните мрежи.

Од друга страна, десет невладини организации водат независна кампања за поддршка на референдумот под мотото „зачекори напред“. Во неа се вклучени ФООМ, Евротинк, МОФ, НВО Инфоцентар, Хелсиншки, ЕСЕ, ХЕРА, ЦИВИЛ, Центар за современа уметност и Рурална коалиција. Тие организираат трибини, издаваат бесплатен весник „Еурека“ и споделуваат содржини на социјалните мрежи.

Во исто време, Делегацијата на Европската унија во земјава води кампања под мотото „Замисли иднина заедно“, со која се објаснуваат можните придобивки за земјата од зачленувањето во ЕУ. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој јавно се декларираше дека е за бојкот, обвини дека оваа кампања е во функција на референдумот и дека тоа е нелегално.

Критичарите и противниците на договорот со Грција, пак, забележуваат дека во сите кампањи се  повикува на излезност на референдумот за „европска Македонија“, но речиси не се споменува дека државата тогаш би се викала Северна Македонија.

Мед и млеко во ЕУ, но кога

Пораката дека членството во ЕУ носи бесплатни здравствени услуги насекаде наиде на потсмев | Фото: БИРН

Пораките што во кампањата ги упатуваат поддржувачите на договорот се сведуваат на една – ќе се живее подобро. Спогодбата со Грција ќе овозможи членство во НАТО, а понатаму и во ЕУ, што ќе донесе поголема безбедност, пристап до поголеми пазари за македонските производи, повеќе европски фондови за инфраструктура, развој на земјоделството, можности да се подобрат образованието, здравството итн.

Во обидите да се вети, повеќе се пласираат и погрешни информации, како таа дека со влезот во ЕУ ќе се овозможи бесплатно здравствено лекување за македонските граѓани насекаде низ Европа. Билбордите со оваа содржина беа поставени, па отстранети од улиците, откако наидоа на потсмев, особено меѓу иселениците што живеат во европските држави.

Затоа, пак, сѐ уште се употребува пораката дека со членството во ЕУ, македонските државјани ќе можат да работат насекаде низ унијата без работни дозволи. Ова е дел од кампањата „Зачекори напред“, додека од кампот на „Излези за“, во кој учествуваат премиерот и министрите, се ветуваат поголеми можности за вработување и дома и надвор. Не е споменато дека при последните проширувања беше пракса дел од постарите земји-членки да го ограничат пристапот до својот пазар на трудот за новопримените. Бугарија и Романија станаа дел од ЕУ во 2007 година, а имаа отворен пристап за работа во сите земји од 2014. Државјаните на Хрватска сѐ уште не можат да работат во Австрија.

Дел критичари забележуваат дека се создава впечаток како земјата да е пред зачленување во ЕУ, иако, ако се исполни договорот, до членството ќе се чека уште неколку години. Следната година ќе се донесе одлука за почеток на преговорите, до кога треба да се исполнат повеќе услови, меѓу кои е и договорот со Грција. Потоа ќе следи преговарачкиот процес, кој за земјите што се придружија на ЕУ во последните бранови траел по осум години.