Ти фали еден документ! Оваа реченица речиси и да нема македонски граѓанин што не ја слушнал од шалтерскиот службеник, кога се обидувал да заврши некоја работа во државните служби.
Фрустрацијата расте секогаш кога административецот од другата страна на шалтерот ги разлистува документите. Растат и стравувањата дека ќе бидете вратени да обезбедите уште нешто пред да го добиете она за што сте дошле. Неретки се примерите и кога можат да ве вратат за документ што го поседува истата институција, но се очекува сами да си извадите од соседниот шалтер и да си го донесете. Ама си велите тоа е, државата бара и мора да се обезбеди, бидејќи алтернатива не постои.
Но, ако на шалтерските службеници им замеруваме дека непотребно знаат во екстреми да одат во барањата кога се работи за потребите на граѓаните, кога се работи за владата, стандардите одат во друга крајност. Па, така и се случи, кандидат што не исполнува речиси најголем дел од условите, да биде предложен токму од владата за директор на М-НАВ, државното акционерско друштво, кое ги контролира летовите на небото над Македонија. И никој да не каже дека на кандидатот му недостасуваат повеќето потребни документи.
Вработениот во Управата за цивилно воздухопловство, Илир Мемеди стана прв владин предлог за директор, но тоа траеше кратко време. Околу еден час, неговото име се вртеше во медиумите, сè додека во јавноста не се откри дека не ги исполнува критериумите предвидени во статутот на М-НАВ. По новата бура реакции, од владата излегоа со нов предлог-кандидат, Хекуран Асани, кој според нив ги исполнува сите услови.
За ваквата дилетантска постапка на владата, конкретен одговор не понуди премиерот Димитар Ковачевски. Тој даде одговор, кој може да се протолкува исто како и целата постапка, несериозен. Вели дека меѓу министрите немало контролор за летање за да ги знае измените на статутот на акционерското друштво. Тој статут инаку не е нов. Донесен е во февруари 2020 година, пред Ковачевски да стане премиер.
Ако се следи логиката на премиерот, освен што во министерските редови нема контролор за летање, нема ниту еден со Машински, или со Градежен факултет, но така тие не би можеле ни да одлучуваат за раководни кадри и на други јавни државни институции, како пример ЕЛЕМ, Водостопанство, Македонски шуми…
Ниту, пак, е работа на оние министри што се избрани да ги знаат биографиите на сите заинтересирани за позиции, или, пак, статутите на сите акционерски друштва и јавни претпријатија.
Тоа е работа на владините служби. Владата има сериозна бројка на вработени, чии работни задачи се определени и со систематизација, и со деловник на влада. Според последниот извештај за 2022 година, владината администрација имала вкупно 742 вработени, од кои 272 во Генералниот секретаријат на владата.
Токму Генералниот секретаријат е телото што ги организира седниците на владата и сè што ќе се најде за одлука пред министрите би требало да помине низ рацете на тие вработени. Владата има и разни комисии, кои исто ги проценуваат работите пред да дојдат на владина седница. Како што е на пример комисијата за именување, од каде што, како што рече премиерот, стигнал предлогот за Мемеди.
Ако комисијата за именување со која претседава вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ навистина заседавала, се поставува прашањето каква проверка воопшто направила за квалификациите на можните кандидати, за да достави ваков предлог на владата. Или, пак, владата, во обид набрзина да ги смири тензиите и да го превенира можниот штрајк, излегла со свој кандидат.
Истите механизми на проверки ги има и во големите компании. И таму има посебни оддели што се грижат сè да биде во согласност со законот и статутот на фирмата, па не само што ги премеруваат сите правни прашања, туку и кога имаат оглас за вработување, надлежниот оддел посветено ги чита биографиите на кандидатите за работа. Па, така не може во некоја од нив да се вработи човек со завршен Филолошки факултет, ако на нив им треба дипломиран фармацевт.
И таквиот кандидат што не ги исполнува бараните критериуми, нема ниту да стигне до тоа за нив да одлучува директорот или некој што се наоѓа на повисоките позиции во компанијата. Вработените задолжени за селекција на кандидатите, веднаш ќе го дисквалификуваат поради неисполнување на условите.
Но, тоа е така во бизнис-светот, ама не и во владиниот, во кој и ден по пропустот не може да се дознае точно кој затаил.
За разлика од шалтерите, каде што администрацијата педантно го прегледува секој документ на граѓаните или од компаниите, во кои инсистираат кандидатот да ги задоволува критериумите, во владата може да е оставено на меѓупартиските поделби на кадровскиот колач. Ако помине, помине.