Вести

ВМРО ДПМНЕ веќе нема американски консултанти

Со последната исплата од 60.000 долари на 27 јули 2017 ВМРО-ДПМНЕ ги исполни последните обврски кон американската консултантската куќа „Дашл груп“, ангажирана за лобирање во Соединетите американски држави (САД). Исплатата во јули најверојатно се однесува на претходно спроведените активности.

„Дашл груп“ беше последната лоби група ангажирана од ВМРО-ДПМНЕ на која партијата вкупно, со последната исплата ѝ префрлила повеќе од половина милион долари. Оваа сума се однесува на активности од ноември 2015 до февруари 2017 година, кога и формално договорот престанува да биде на сила.

Оваа консултантска куќа со која ВМРО-ДПМНЕ има најдолг договор се смета за заслужна за средбата меѓу Никола Груевски и Џозеф Бајден во Вашингтон на 11 јануари 2016, неколку дена пред неговото демисионирање од премиерската позиција.

Претходно, партијата ги раскина договорите со лобистите и од „Глобал секјурити иновативес“ и од „Њу партнерс“.

Договорите со трите агенции формално се склучуваат во ист период, ноември – декември 2015 и сите се со различно времетраење. Договорот со „Њу партнерс консалтинг“ се прекинува во јануари 2016, со „Глобал секјурити иновативес“ во јули истата година, а „Дашл груп“ во февруари 2017.