Регион

Во Хаг на разговор повикани уште двајца поранешни високи припадници на ОВК

Перпарим Исуфи, Арта Соли, Приштина

Сами Луштаку | Архивска фотографија: Атхе Мула/БИРН

Специјализираното обвинителство во Хаг, кое ги истражува воените и повоените злосторства во Косово, ги повика на разговор поранешните високи припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Сами Луштаку и Сокол Добруна, соопштија нивните адвокати.

Адвокатот на Сами Луштаку, денеска соопшти дека Специјализираното обвинителство во Хаг, го повикало поранешниот командантот на ОВК за регионот Дреница на разговор, на 14 јануари.

Опишувајќи го ова како „покана за разговор“, адвокатот, Арианит Коци, нагласи дека Луштаку „доброволно ќе се јави и дека е подготвен да ги разјасни сите околности што ги истражува специјалното обвинителство“.

„Тоа е сè што знаеме и ги молам новинарите да не го контактираат Луштаку за ова прашање“, додаде Коци.

Во март 2017 година, Врховниот суд во Приштина, го ослободи Луштаку од обвинението за воени злосторства.

Тој е трет висок припадник на ОВК, кој е повикан на разговор од страна на Специјализираното обвинителство во Хаг.

Во понеделникот, поранешниот шеф на воениот суд на ОВК, Сокол Добруна, изјави оти е повикан на разговор во Хаг на 12 декември.

„Ме контактираше лице што се претстави како Словенец и работник на обвинителството на специјалниот суд. Претпоставувам дека би можел да бидам или сведок, или обвинет, но не знам зошто ме повикаа“, изјави Добруна за приштинската телевизиска станица Т7.

Тој вети дека ќе соработува со Специјализираното обвинителство и негираше дека ОВК учествувала во какви било воени злосторства.

„Не, таа не вршеше злосторства. Се разбира дека ќе соработувам, но не знам под кои услови“, нагласи тој.

Минатата недела, и адвокатот на поранешниот командант на ОВК, Рустем Мустафа, изјави дека Специјализираното обвинителство го повикало Мустафа да даде исказ.

Судот во Приштина, во 2013 година, го осуди Мустафа, кој е и поранешен пратеник на Демократската партија на Косово, на четири години затвор, за мачење на воени затвореници во притворниот центар на ОВК во Лапаштица, за време на конфликтот со српските сили 1998-1999 година.

Специјализираниот совет и Специјализираното обвинителство на Косово, се дел од судскиот систем на Косово, со седиште во Хаг. Нивна задача е да спроведат истраги и да ги гонат осомничените за злосторства извршени за време и по војната 1998-2000 година во Косово.

Се очекува, пред овој таканаречен специјален суд ,да бидат обвинети високи личности на ОВК, за наводни злосторства поврзани со убиства, киднапирања, незаконско апсење и сексуално насилство.

Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, које е, исто така, поранешен борец на ОВК, изјави дека поканите од обвинителството во Хаг не се причина за загриженост.

„Овие покани не се крај на светот. Граѓаните на Косово, борците за слобода, немаат од што да се плашат, ако веруваат во себе и во својата слобода. Секој што е повикан нека оди таму и нека ја заврши својата должност. Јас сите би ги повикал, да го сфатат ова прашање, на овој начин“, рече Харадинај.

Од Специјализираното обвинителство досега не потврдија дека ги повикале овие три лица на разговор.

Минатата недела, портпаролот на обвинителството, Кристофер Бенет, за БИРН изјави дека „Специјализираното обвинителство не дава информации за статусот на истрагите, но оти има намера да обезбеди целосна истрага на сите наводи од извештајот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, кој беше напишан од швајцарскиот сенатор, Дик Марти“.

Во извештајот на Марти, објавен во 2010 година, се вели дека некои високи членови на ОВК се одговорни за сериозни повреди на човековите права.