Регион

Брамерц: Владата на Хрватска ги „блокира” предметите на воени злосторства

Ламија Гребо, Сараево

Серж Брамерц во Хаг во 2011 година | Фото: ЕПА/Робин Утрихт

Главниот обвинител на Механизмот на меѓународни кривични трибунали (ММКТ), Серж Брамерц, пред Советот за безбедност на Обединетите нации, наведе дека Владата во Загреб ефективно блокира предмети против поранешни припадници на Хрватската војска (ХВ) и Хрватскиот совет за одбрана (ХВО).

Серж Брамерц, главен обвинител на ММКТ, во својот извештај што во понеделникот во Њујорк го поднесе до Советот за безбедност на Обединетите нации, вели дека активностите на Владата на Хрватска, резултирале со блокирање на голем број предмети против поранешни припадници на ХВ и ХВО.

Во извештајот се вели дека хрватската влада не го повлекла заклучокот од 2015 година, со кој му е наложено на Министерството за правда во Загреб, да не соработува во одредени предмети на воени злосторства, со што Владата продолжила да врши притисок на судските постапки.

И покрај директните напори на обвинителството на ММКТ, да ја убеди хрватската влада да ја смени својата политика, постигнат е мал напредок, се вели во извештајот.

„Ваквата политика влијае на промоцијата на неказнивоста на сметка на жртвите во регионот, кои заслужуваат правда”, вели Брамерц во извештајот.

Тој ја повика хрватската Влада да го повлече овој свој став и „да му овозможи на процесот на правдата да продолжи, без понатамошно мешање”.

Брамерц во извештајот наведува дека намалената соработка на хрватските власти довела до значителни застои во истрагите и гонењата во соседните земји, како што е Босна и Херцеговина, каде што, заради судење, се бараат некои поранешни членови на ХВ и на ХВО.

Загреб одбива да соработува со соседните земји во оние случаи за воени злосторства, во кои во обвинението се наведува дека осомничените учествувале во здружен злосторнички потфат, заедно со хрватски политички и воени функционери.

Брамерц ја критикуваше одлуката што во октомври ја донесе Окружниот суд во Загреб, со која на Марко Радиќ, поранешен командант на баталјон на ХВО, му беше намалена затворската казна, затоа што хрватскиот закон не го признава терминот „заеднички злосторнички потфат”.

Радиќ, со пресуда на Судот на БиХ, беше осуден за злосторства против човештвото. Судот во Загреб подоцна се согласи да го преземе извршувањето на казната, а откако министерот за правда на БиХ го одобри барањето на Радиќ, казната да ја отслужува во Хрватска.

Окружниот суд во Загреб му ја намали казната од 21 на 12 и пол години затвор на Радиќ, така што тој, земајќи ја предвид казната што веќе ја има отслужено, ќе излезе на слобода до крајот на оваа година.

„На жртвите и на јавноста им е многу тешко да сфатат, како можело казна, за вакви сериозни злосторства, да биде намалена до таа мера, само врз основа на преземање на пресудата во Хрватска”, се вели во извештајот.

Пред Советот за безбедност на ООН, во понеделникот извештај поднесе и претседателот на ММКТ, Теодор Мерон, во кој се наведува дека може да се очекува, пресудата на поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, да му биде изречена во првите три месеци од следната година.