Министерството на хрватски бранители во четвртокот соопшти дека во Негославци, село во источна Хрватска, се пронајдени посмртни останки на две лица, за кои се верува дека се жртви на војната во 1990-тите години.
„При теренски истражувања во Негославци, пронајдени се останки на две лица, кои, според првичните сознанија, датираат од Татковината војна“, се вели во соопштението на Министерството.
По ексхумацијата, останките се транспортирани во Заводот за судска медицина и криминалистика во Загреб, на понатамошна обработка и идентификација.
Негославце, село во близина на Вуковар, е претежно населено со српско население.
За време на тримесечната опсада на Вуковар, во 1991 година, во ова село биле стационирани Југословенската народна армија (ЈНА) и српските паравоени единици.
По падот на Вуковар, во ова село биле донесени некои хрватски бранители и цивили, по што им се губи секоја трага.
Во своето соопштение, Министерството потенцира дека од септември се спроведуваат теренски испитувања и истражувања на 12 локации во оваа област. Бидејќи иницијалните сознанија не се потврдени, теренските истражувања ќе продолжат.
Министерството посочи дека „сè уште трага по 1.872 нерешени случаи од Татковинската војна, при што најголем број жртви, 530, се од Вуковарско-сремскиот округ“.