Регион

Протест поради промоција на книга, што го негира масакрот во Тузла

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Протест кај Тузланска капија. Фото: БИРН

Бројни граѓани протестираа вчера во Тузла, изразувајќи незадоволство поради објавувањето на книгата „ Тузланска капија – режирана трагедија“ во Србија, во која се тврди дека ВРС, на 25 мај 1995 година, не ја гранатирала Тузла.

Присутните на протестот изразија лутина поради минатонеделната промоција на книгата, чиј автор е Илија Бранковиќ, во Домот на војската во Белград.

„Најлошо е сознанието дека книгата, која на најгруб начин го омаловажува најголемото воено злосторство во историјата на Тузла, доби директна поддршка од Владата на Србија, односно од српското Министерство за одбрана“, изјави членот на управниот одбор на Советот на младите од Тузла, Ади Селман.

Во книгата се тврди дека ВРС не го нападнала градот, туку дека се работело за експлозија на направа, што некој ја поставил кај Тузланска капија.

Зинета Хидановиќ, мајка на загинатиот Алем Хидановиќ, која имал 15 години кога се случил масакрот, изјави оти институциите и на БиХ, и на Србија, не смеат да ја негираат вистината за тоа што се случило.

„Не знаеме колку долго ќе траеме, но додека траеме, не дозволуваме да се шират лаги“, рече Хидановиќ.

Во април 2014 година, Судот на БиХ го осуди Новак Ѓукиќ, воен командант на тактичката група „Озрен“ на ВРС, на 20 години затвор, прогласувајќи го за виновен за давање на наредба за гранатирање на Тузла. Но, Ѓукиќ не се појави на издржување на казната, туку избега во Србија.

Властите на БиХ во неколку наврати побараа од Србија да го преземе извршувањето на казната, но судот во Белград сè уште не донел одлука по ова прашање.

Рочиштата во овој случај, досега неколку пати беа одложувани.

Претседателот на здружението „25 мај-Капија“ Тузла, Един Хуриќ, истакна дека, од една страна, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на БиХ ѝ пружа братска рака на помирување и соработка, а од друга страна, Белград отворено го финансира негирањето на злосторствата.

„Осудениот злосторник е слободен. Србија е гарант на неговата слобода и Србија е земјата што ја поддржа книгата што нѐ негира нас и нашата болка“, рече претседателката на Советот на младите, Асја Диздаревиќ.

Дуња Мијатовиќ, комесар за човекови права на Советот на Европа, го критикуваше Министерството за одбрана на Србија, велејќи дека „дава јавни платформи за пропагирање на ставови што ги негираат воените злосторства“, со тоа што е домаќин на вакви промоции.

Министерството одговори дека „секој обид за поинакво гледање на граѓанската војна во БиХ, е големо злосторство, доколку доаѓа од Србите“.

„Србите многу пати биле и сè уште се жртви на двојни стандарди и честопати биле судени и се судат за туѓи злосторства“, се вели во соопштението на Министерството.

Инаку, промоцијата на книгата на Бранковиќ, дојде само 10 дена откако на Белградскиот саем на книгата, Министерството за одбрана организираше промоција на новата книга на поранешниот генерал на Војската на Југославија, Небојша Павковиќ, кој се наоѓа во затвор поради воени злосторства извршени во Косово.