Регион

Србија ги испраќала на боишта бегалците од Хрватска и од БиХ

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Зоран Рајшиќ, Ивана Жаниќ, Војкан Симиќ и Јована Колариќ, на презентацијата на досието на ФХП во Белград. Фото: БИРН

Во новото досие, што денеска го објави Фондот за хуманитарно право (ФХП), се вели дека во текот на 90-тите години, во Србија биле уапсени илјадници српски бегалци од Босна и Херцеговина и од Хрватска, кои подоцна биле мобилизирани и биле вратени во зоните на конфликт.

Во досието на ФХП се нагласува оти во летото 1995 година, српското Министерство за внатрешни работи, присилно мобилизирало околу 10.000 бегалци од Хрватска и од БиХ, кои потоа ги вратило на територијата контролирана од Војската на Република Српска (ВРС) во БиХ и Српската војска на Краина (СВК) во Хрватска.

ФХП посочува дека враќањето на бегалците на боиштата во БиХ и во Хрватска, било резултат на договор постигнат меѓу властите на Република Српска Краина (РСК), Република Српска (РС) и Сојузна Република Југославија (СРЈ).

Присилната мобилизација на бегалците започнала во 1993 година, стои во досието насловено како „Присилена мобилизација на бегалците“.

Во него се цитира записник од седница на Врховниот совет за одбрана (ВСО), одржана кон крајот на 1993 година, на која српскиот претседател, Слободан Милошевиќ, рекол дека „има цел корпус на воени дезертери кои се занимаваат со криминал во Југославија и избегнуваат да ја бранат својата земја (БиХ и Хрватска) и дека е „бесмислено оттука да одат доброволци (на линијата на фронтот), додека тие (бегалците) се шетаат овде по Белград и Србија“.

Ивана Жаниќ, извршен директор на ФХП, изјави дека ова покажува како српските власти ги третирале бегалците во војната.

„Значи, до крајот на 1993 година, веќе беше јасно како властите во Србија ги перцепираат бегалците, не како некој што дошол на српска територија да најде спас, туку како некој што дезертирал од војската и кој во Србија, односно Сојузна Република Југославија во тоа време, се занимава со криминал и слободно шета по улиците“, нагласи Жаниќ.

Но, бидејќи југословенските власти се плашеле дека меѓународните организации можат да ги обвинат за присилна мобилизација, на следната седница на ВСО, Милошевиќ рекол дека се договорил со претседателот на РС, Радован Караџиќ, и со претседателот на Народното собрание на РС, Момчило Крајишник, да испратат допис во кој ќе побараат, нивните граѓани да бидат вратени во ВРС или СВК.

Авторот на досието, Јована Колариќ, истакна оти бегалците биле земани од центрите за бегалци, од домовите на нивните роднини, од работните места, студентските домови, па дури и од улица.

„Меѓу присилно мобилизираните бегалци имало лица со регулиран бегалски статус, но и оние кои го немале регулирано тој статус. Имало и граѓани на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, кои во одреден момент од животот живееле или поседувале имот во БиХ или во Хрватска, а мобилизирани биле и помал број на жени“, нагласи Колариќ.

По апсењето, бегалците им биле испорачувани на ВРС, СВК или на доброволните единици во БиХ и во Хрватска.

Еден од нив бил и Зоран Рајшиќ, кој на претставувањето на досието изјави дека од Хрватска избегал во август 1995 година.

Тој со семејството дошол во Банатско големо село, во северна Србија, каде се регистрирале како бегалци. Еден ден подоцна, пристигнала полиција.

„Имаше околу 12 или 13 полицајци, еден автобус и комбе. Ни беше речено дека одиме на фронтот, дека се враќаме таму … И, сите бевме, помалку или повеќе, облечени во воени униформи. Со автобусот отидовме во Кикинда“, истакна Рајшиќ.

Во Кикинда биле донесени и други луѓе, кои биле уапсени на други места, со кои биле префрлени во кампот за обука во Ердут, со кој командувал Жељко Ражнатовиќ Аркан.

„Таму бевме пречекани од Српската доброволна гарда. Ниту ’добра вечер’, ниту нешто слично, само навредливи зборови – дека сме предавници, пијаници и така натаму“, раскажа Рајшиќ.

Досието на ФХП се базира на сведочења на повеќе од 500 мобилизирани бегалци или нивни семејства, на докази од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и на судски документи од повеќе од 120 случаи, во кои Србија е тужена за надомест заради присилна мобилизација.

Жаниќ додаде дека ФХП застапувал повеќе од 720 лица, во вакви случаи.