Фондот за хуманитарно право од Косово, во Приштина отвори Центар за документација на воените злосторства, кој нуди информации за петте случаи поврзани со Косово, кои беа судени пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).
Дие Морина, Приштина
Од Фондот за хуманитарно право (ФХП) на Косово, велат дека новиот Центар за документација на воените злосторства во Приштина, го отвориле за да можат луѓето да бидат подобро информирани за злосторствата извршени во војната 1998-1999.
„Иако секогаш слушаме луѓе кои велат дека знаат што се случило за време на војната, ако побарате повеќе детали, многу малку од нив ги знаат точните информации”, вели за БИРН, Беким Блакај, извршен директор на ФХП на Косово.
„Денес, воената тема се генерализира, (во фрази), како што се ’20. 000 силувани жени’, ‘илјадници убиени’, но ништо повеќе од тоа. Не можеме да формираме колективно сеќавање за војната врз основа на факти, на овој начин“, рече Блакај.
Додаде дека освен семејствата на жртвите, многу малку луѓе ги знаат точните информации или факти за жртвите на војната.
„Се надеваме дека преку овој центар, информациите за жртвите од војната ќе бидат зачувани во сеќавањата на подетален начин”, истакна тој.
Фотографија на Вејд Годард фотографирана во текот на војната во Косово, поставена на изложбата во новиот Центар за документација. Фото: БИРН |
Првите материјали на овој центар се девет краткометражни филмови во времетраење од 10 до 12 минути, базирани на податоците од петте судења во Хашкиот трибунал – случаите против Слободан Милошевиќ, Властимир Ѓорѓевиќ, Никола Шаиновиќ, Рамуш Харадинај и Фатмир Лимај.
Наративот во филмовите е во продукција на Центарот за транзициска правда СЕНСЕ, а самите филмови објаснуваат како МКТЈ ги истражувал, реконструирал и ги гонел злосторствата извршени во Косово, во 1998 и 1999 година.
„Овие филмови се поделени во различни теми, како „Злосторство што чекаше да се случи“, „Одложен увид на местото на злосторството“, „Последниот егзодусот на дваесеттиот век“, „Преживеаните од косовските полиња на смртта“, „Нема труп – нема злосторство“, „Надвор од разумно сомневање“, „Вишок препреки, недоволно докази“ и „Команден синџир без командант““, објаснува Блакај.
На отворањето на Центарот за документација беа поставени и две привремени изложби.
Едната се фотографии на фотографот Вејд Годард од Нов Зеланд, направени за време на војната во Косово, а втората е изложба на скулптури од оружје на косовскиот скулптор, Исмет Јонузи.
Хеликоптер направен од оружје, дело на скулпторот Исмет Јонузи. Фото: БИРН |
„Центарот секогаш ќе биде отворен за секој кој смета дека може да придонесе, да биде вклучен во проектот на каков било активен начин, било преку публикации или уметнички дела”, нагласи Блакај.
Тој ги охрабри оние кои ја преживеале војната во Косово, а кои сакаат да се слушнат нивните приказни, да го посетат центарот и да ги документираат.
„Ова е вистинското место за оние кои ја преживеале војната и сакаат да ги споделат своите приказни или за оние кои имаат некои предмети од војната”, рече тој.
Истакна дека кога новиот специјален суд на Косово, формиран за да ги гони поранешните герилци на Ослободителната војска на Косово за злосторства извршени во и по војната, ќе започне со сослушувањата во Хаг, и тоа ќе биде документирано во овој центар.