Регион

Србија: Критики за учебник по историја заради „ширење на шовинизам“

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Учебникот по историја, чиј автор е српскиот историчар и член на владејачката Српска напредна партија (СНП), Радош Љушиќ, ги навредува етничките малцинства и соседите на Србија, се вели во критичката анализа на книгата.

Филип Рудиќ, Белград

Историчарот Радош Љушиќ, автор на учебникот по историја. Фото: Јутјуб

Учебникот, кој пред десет години го напиша историчарот и член на СНП, Радош Љушиќ, стана предмет на критики, по неодамна објавената анализа во која се вели дека станува збор за книга во која се навредуваат другите народи.

Во анализата објавена овој месец, на интернет страницата www.internetbilten.com, која потоа ја објавија и медиумите, како пример се наведува цитат кој во учебникот е земен од руски славист од 19 век, дека многу Босанци станале „фанатици” по прифаќањето на исламот во средниот век, за да го оправдаат своето религиозно “отпадништво”.

Во анализата се наведува уште еден цитат кој го користи Љушиќ, на писател од 19 век, во кој се вели дека оние кои го прифатиле исламот, за христијаните се „полоши” од „Османлиите, вистинските Турци”.

За соседна Црна Гора, во учебникот се вели дека постојат три важни фактори во историјата на оваа земја. Тоа се православието и врските со Русија и со Србија, при што се додава дека Црногорците „се колнеле во сите три, но никогаш искрено“.

Се додава дека во учебникот се спорни и квалификациите оти Црногорците се етнички Срби.

Немања Степановиќ, од Фондот за хуманитарно право (ФХП), исто така ја критикува содржината на учебниците, бидејќи користењето на навредлив јазик за другите народи, со „дехуманизација на непријателите” во медиумите и во јавниот дискурс, бил фактор во овозможувањето да се извршат воените злосторства во конфликтот во поранешна Југославија.

„Ако дозволиме такви содржини од медиумите да прејдат во учебниците, тоа е знак дека ги подготвуваме младите генерации за војни и конфликти, како и за трајно непријателство со народите кои не опкружуваат, а не за соживот и соработка”, изјави Степановиќ за БИРН.

Историчарот, Александар Милетиќ, во својата анализа заклучува дека учебникот, кој се користи во третата година во средните училишта во Србија, “се карактеризира со етноцентрични, еднострани, нереални, ирационални и често целосно шовинистички елаборации и забелешки”.

“Неприфатливо е такви навредливи забелешки кои поттикнуваат омраза и нетрпеливост, да се најдат во официјално и од страна на министерот за образование одобрен учебник наменет за адолесцентите”, пишува Милетиќ во неговата анализа.

Љушиќ одговори дека критиките се само „политички напад”, нарекувајќи го Милетиќ заговорник на интересите на милијардерот Џорџ Сорос.

Неговата критичка анализа е “напишана по наредба на оние кои ги спроведуваат” интересите на Сорос, вели Љушиќ за БИРН.

Опозициската Лига на социјалдемократи на Војводина, го повика министерот за образование, Младен Шарчевиќ, да го повлече учебникот.

Министерството за образование соопшти дека ќе спроведе анализа на контроверзниот учебник.

Стјепановиќ вели дека анализата на учебниците по историја спроведена од ФХП во 2015 година, покажала дека воените злосторства што Србите ги извршиле во 90-тите години и натаму се „табу” во учебниците и дека улогата на српското раководство во нив е сокриена.

„Комбинирањето на овој пристап со предрасудите што професорот Љушиќ ги промовира во своите учебници, се сигурен начин да се изградат темели за нови конфликти во регионот”, заклучува тој.