Главниот осомничен како организатор на групата што планирала препродажба на пет тони марихуана низ Србија, наводно шверцувана од Македонија, Александар Мијајловиќ е сосопственик на друга фирма за производство на медицински канабис во нашата држава, открива БИРН.
Станува збор за компанијата „Грин лајф“ од Валандово, која засега не се појавува во информациите за истрагите на македонската и на српската полиција, ниту во мрежата на канабис-производители од кои МВР викендов соопшти дека се запленети околу 40 тони канабис.
БИРН, во овој текст го открива и она што од официјалните соопштенија до сега не беше јасно – врските на Мијајловиќ со скопската фирма „Алфафарм“, која засега е фокусот на истрагата во двете држави.
Македонските органи на прогонот истражуваат како работеле „Алфафарм“ и други две фирми од Струмичко, со кои таа соработувала.
Од другата страна на границата, српското обвинителство за организиран криминал, по откривањето на канабисот во Крушевац, води истрага против Мијајловиќ, кој е во бегство, како и против Иван Драгниќ, Небојша и Раде Спасојевиќ и Урош Младеновски.
БИРН имаше увид во наредбата за спроведување истрага во Србија, со која овие пет лица се сомничат дека во текот на јануари организирале синџир на набавка, складирање и дистрибуција на марихуана.
Според таа наредба, Александар Мијајловиќ (поранешно презиме Вулиќевиќ), како организатор на криминалната група, му наложил на Иван Драгниќ да обезбеди марихуана во Македонија. Драгниќ потоа го организирал транспортот со товарни возила до Крушевац, каде што дрогата била складирана во објекти, во селото Коњух кај Крушевац, во сопственост на таткото и синот – Раде и Небојша Спасојевиќ.
Од тие магацини, марихуаната понатаму ја презел српскиот државјанин Урош Младеновски, кој со сопствено возило ја превезувал дрогата кон Белград за понатамошна продажба.
Српски сопственици и нивните врски со македонските „Алфафарм“ и „Грин лајф“

Запленетета марихуана во Крушевац | Фото: МВР на Србија
Додека истрагите траат, БИРН Србија и БИРН Македонија ги анализираа деловните врски што водат кон нашата држава.
Според податоците на БИРН, фирмата „Алфафарм“ е основана летото 2023 година во Скопје. Меѓу основачите биле и инкриминираниот Иван Драгниќ, потоа Предраг Брковиќ, Јована Мијајловиќ, Александар Милошевиќ – сите од Крушевац – како и Роберт Живковиќ, македонскиот државјанин Драган Крстев и Австриецот Даниел Савасци.
Од основањето до акцијата на српската полиција се случуваат неколку сопственички промени: Александар Милошевиќ излегува од сопственичката структура во декември 2025 година. Неговиот профил на Линкдин, на кој се наведува дека е дел од „Алфафарм“, е избришан, но БИРН поседува принтскрин од страницата.
Австрискиот државјанин Даниел Савасци, пак, излегува од сопствеништвото на 27 јануари 2026 година, два дена пред српската полиција да ја спроведе акцијата за заплена на пет тони марихуана. Драган Крстев ја напушта фирмата порано – во јуни 2024 година.
Вреди да се спомене и податокот дека од јануари 2025 година доаѓа до нагло зголемување на основачкиот влог во фирмата „Алфафарм.“ Првпат уделите биле зголемени за 193.000 евра, а потоа, во јуни 2025 година, за дополнителни 336.050 евра, со што вкупниот основачки влог достигнал речиси 530.000 евра.
Тековни сопственици се Брковиќ, Драгниќ, Живковиќ и Јована Мијајловиќ, при што, според македонскиот регистар на вистински сопственици, околу 73 отсто од „Алфафарм“ ѝ припаѓаат на четириесетгодишната Јована Мијајловиќ, која, според податоците на БИРН, живее во Крушевац.
Според увидот на БИРН во личните документи на основачите на компанијата, таа во Крушевац живее на иста адреса со Иван Драгниќ, кој на 29 јануари беше уапсен во акцијата за заплена на пет тони марихуана и кој е сосопственик на македонската фирма „Алфафарм“.
Врските на Савасци, пак, кој два дена пред акцијата во Србија излезе од сопствеништвото на скопскиот „Алфафарм“, според истражувањето на БИРН и увидот во личните документи на Австриецот, исто така водат кон Крушевац.
Имено, српското обвинителство, во рамките на истрагата, околу пет тони марихуана замрзна три недвижности на извесна Јелена Вуличевиќ од Крушевац, која, пак, поседува фирма регистрирана на виенската адреса на Савасци и нејзиното презиме е исто со поранешното на првоосомничениот Александар Мијајловиќ.
Во српскиот катастар е впишана забрана за отуѓување, што ги потврдува врските опишани во овој текст.
Најголемата заплена на марихуана во Македонија

Сцена од заплената во Македонија | Фото: МВР на Македонија
„Алфафарм“ и „Грин лајф“ ги поврзуваат две лица. Драган Крстев, кој е поранешен сосопственик на „Алфафарм“, а бил и управител на „Грин лајф“, и Мијајловиќ, кој е главен осоменичен за шверцот на марихуаната, кој е сосопственик во валандовската фирма.
„Грин лајф“, пак, во Македонија е формирана во 2018 година, а во следната година добива лиценца за одгледување марихуана за медицински цели. Низ годините, нејзини сопственици биле македонски државјани и фирми од Србија, претежно од Крушевац.
Истата година, кога е формирана, сосопственик станува „Расина инвест“, а две години подоцна, „Иван промет“ од истиот град. Од 2021 година до денес „Грин лајф“ е на фирмата „Бионатуралс“, каде што сопственици се Александар Мијајловиќ и Огњен Николиќ.
Крстев бил управител на „Грин лајф“ од 2022 до 2023 година, односно заминува речиси во исто време кога станува основач на „Алфафарм“.
Во четвртокот, на 5 февруари, истиот ден кога полицијата спроведуваше акција во фирмата „Алфафарм“, сместена во скопски „Охис“, премиерот Христијан Мицкоски, во интервју, најави рекордни заплени на дрога.
Полицијата, пак, излезе со информациите дури за време на викендот, наведувајќи дека станува збор за обемна и сè уште тековна акција, во која досега се запленети околу 40 тони марихуанa.
Контролата се одвивала во едно правно лице во Скопје, од каде што биле одземени околу девет тони марихуана и повеќе од 1.300 шишиња канабисово масло, додека од правни лица во источниот регион биле запленети повеќе од 31 тон марихуана и биомаса.
Иако Министерството не ги соопшти имињата на фирмите во струмичкиот регион, владејачката ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција изнесе тврдења дека станува збор за компанијата „ЦБД Медплант“, поврзувајќи ја со поранешниот премиер Зоран Заев и неговиот брат Вице Заев.
Заев ги демантираше обвинувањата, оценувајќи ги како „безобразна лага“, и изјави дека на ниту еден начин не е поврзан со случаите на заплена на канабис што деновиве се презентираат во јавноста. Тој побара јавно извинување од ВМРО-ДПМНЕ, најавувајќи дека во спротивно ќе поднесе тужба за клевета и навреда.
Додека политичките препукувања продолжуваат, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е во комуникација со Обвинителството за организиран криминал на Србија, со „цел размена на информации, кои би помогнале во утврдување евентуална поврзаност меѓу случаите и потеклото на марихуаната“.
Поврзаноста на случаите во Србија и во Македонија, во прашање ја доведе премиерот Мицкоски.
„Од каде информацијата дека од државата излегле пет тони марихуана? Од каде знаете дека потекнуваат одовде? Јас не знам, а мислам дека ни МВР не знае“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Досега, од институциите во двете земји не се објавени информации што би ги расветлиле клучните прашања поврзани со транспортот на марихуаната, вклучително и како пет тони дрога успеале да ја поминат државната граница.
Според формалната надлежност, македонската царина е одговорна за контрола на стоката што ја напушта земјата, додека српските царински органи се надлежни за влезната контрола и известување на полицијата и обвинителството при откривање нелегален товар. Истрагите во двете држави сега треба да дадат одговор како толкаво количество марихуана поминало покрај сите надзорни и контролни механизми.
Случувањата во Србија

Не е прв пат да се заплени марихуана од домашното легално производство | БИРН
За време на претресите на објектите во Коњух биле пронајдени илјадници пакети марихуана спакувани во картонски кутии, опрема за пакување, вклучително и вакуум-машини, како и пари во износ од речиси 30.000 евра . Запленето било и оружје: автоматски пушки без видливи сериски броеви, муниција и рачен ракетен фрлач „зоља“ со ознака РБР 64 мм М80.
Раде Спасојевиќ, според податоците од српската Агенција за стопански регистри (АПР), е сопственик на фирмата „Флораком“ од Коњух кај Крушевац. Медиумите известуваа дека е член на владејачката Српска напредна странка и дека за време на локалната изборна кампања во 2023 година учествувал во промотивни активности на таа партија. Одделни медиуми наведуваат и дека е близок до министерот за одбрана, Братислав Гашиќ, кој по апсењето на Спасојевиќ се огласи со соопштение, во кое наведе дека „во Србија нема заштитени.“
Името на Братислав Гашиќ не се споменува првпат во врска со случаи со марихуана. Сведочејќи на судењето во предметот „Јовањица“ во 2023 година, инспекторот на белградската полиција, Душан Митиќ изјави дека неговата намера и намерата на неговите колеги била апсење на тогашниот директор на БИА – Гашиќ и на Мирко Шкеро, тогаш прв човек на белградскиот центар на БИА, бидејќи доказите покажувале блиски контакти на првообвинетиот Предраг Колувија со високи функционери од безбедносниот сектор, меѓу кои бил и Гашиќ.
Обвинителството за организиран криминал истакнува дека прибраните докази во случајот со заплената на пет тони марихуана во Коњух укажуваат на меѓународен карактер на случајот, пред сѐ поради набавката на дрогата во Македонија. Во продолжение на постапката ќе бидат сослушани осомничените и сведоците и ќе бидат спроведени други доказни дејствија за утврдување на сите околности и евентуална кривична одговорност, наведува ТОК.
Единствената дополнителна информација доаѓа од изјавата на главниот обвинител на српското обвинителство за организиран криминал, Младен Ненадиќ, дадена на трибина на Правниот факултет во Белград.
Тој наведе дека заплената од пет тони „доаѓа од земја во која е познато кој има фирма“ и потсети на предмет од 2019 година, во кој се споменува истата држава и марихуаната, додавајќи дека „кога ќе се поврзат некои податоци, којзнае што сè може да испадне.“
Иако Ненадиќ не прецизираше на што конкретно мисли, овие наводи упатуваат на предметот „Јовањица“ од 2019 година, кога беа запленети 66.000 растенија психоактивен канабис, наменети за извоз во Македонија.
Како што БИРН претходно истражуваше, првообвинетиот Предраг Колувија, во Македонија поседувал неколку фирми во кои имал сопственост или сосопственост. Сепак, според досега достапните податоци, овие врски не можат да се потврдат, ниту, пак, евентуални директни врски со политички структури, освен индицијата дека заплената во Србија се случила во објект, во сопственост на Раде Спасојевиќ, член на СНС, кој, според медиумските наводи, е близок до српскиот министер за одбрана, Братислав Гашиќ.

