Судскиот совет не може да избере судии и да ги пополни над 150-те празни места во судовите, бидејќи нема кандидати со завршена Академија. Само во 2014 година, поради пензионирање или разрешување, од судовите заминале околу 50 судии, а биле избрани само тројца во скопскиот суд.
Новите закони кои предвидуваат судиите во Македонија да се избираат со задолжително завршена Академија за судии ја оставија земјава без кандидати за судии. Во судовите во моментов има над 150 празни места за судии, но нема кандидати од кои Судскиот совет би можел да избира судии.
Во текот на 2014 биле избрани само тројца судии, годинава ниту еден, а судството го напуштиле над 70 судии во овие две години, од кои 50-тина само во 2014 година.
Според математиките на Судскиот совет, до 2017 година од основните судови треба да се пензионираат уште 52 судии, а првите кандидати што ќе ја завршат обуката во Академијата за судии на „располагање“ ќе бидат од јануари 2016 година.
Но, во оваа генерација, која брои 13 кандидати, само 7 се за судии, а другите 6 треба да ги пополнат празните обвинителски места.
Идните судии се сопнаа на строгите критериуми за влез на Академија
Бројката од потенцијални 7 нови судии, ни оддалеку не може да ја реши кризата во која западна македонското судство, посебно за основните судови за каде што нема кандидати за судии со завршена Академија.
Проблемот настана што за петтата генерација „академци“ се заострија критериумите, па на Академија може да се запише студент од Правен факултет со просек од најмалку 8,5 со завршени постдипломски студии, положен правосуден испит, сертификат за познавање на англискиот јазик просек над 8, како и да ги положи тестовите на приемниот испит.
Поради ова, 5 пати се повторуваше огласот, бидејќи немаше заинтересирани кандидати. На последниот обид беа примени 13, наместо 26 кандидати, колку што се бараа, а неколкуте неуспешни огласи го развлекоа времето и настана проблемот со кадрите.
„Огласот за шестата генерација ќе биде распишан во октомври, ќе се спроведат приемните и овие кандидати ќе учат одвоено, посебно за судии, посебно за обвинители, бидејќи со новиот ЗКП обвинителите се странки и не можат да бидат заедно со судиите. Правиме напор да ги испратиме еден месец на обука во Судот за човекови права во Стразбур, како што тоа го прават и другите земји, а сега бараме средства да испратиме и двајца актуелни судии на обука од 6 или 12 месеци во Стразбур, за да ги зајакнеме капацитетите”, вели Анета Арнаудовска, Директор на Академијата за обука на судии.
Генерацијата која треба да биде запишана овој месец ќе заврши дури во 2017 година. Судскиот совет и покрај недостигот на судии, реши на Академијата оваа година да се запишат само 20 кандидати, иако имаше предлози да се запишат 60 кандидати, кои би биле подготвени да влезат во судница во втората половина на 2017.
Сепак, членовите на Судскиот совет оценија дека Академијата за обука на судии нема толкав капацитет за да едуцира нови кадри и на крајот се решија само за 20 кандидати.
Според проектираната систематизација, во судовите во Македонија треба да има 740 судии во сите степени на судството, а сега има 582 или 158 помалку. Оваа бројка е за 27-те основни судови, 4 –те апелациски, двата управни судови и Врховниот суд.
Според нашите истражувања, во сите судови недостасуваат: дванаесет судии во Основниот суд Скопје 1, единаесет во Апелација Скопје, девет во Основниот суд Скопје 2, осум во ОС Куманово, 7 во ОС Прилеп и ОС Радовиш. Шест непополнети судиски места има во Вишиот Управен суд, Апелацискиот суд во Штип и во основните судови во Тетово, Струмица, Кочани и Кавадарци. Пет судии им недостасуваат во Врховниот суд на Македонија, Управниот суд и судовите во Велес и Гевгелија.
Со четворица судии помалку работат Основниот и Апелацискиот суд во Битола, како и судовите во Кичево и Крива Паланка. По тројца судии помалку има во гевгелискиот и делчевскиот суд, а по двајца судии помалку од предвидената систематизација има и во судовите во Крушево, Охрид, Ресен, Струга, Дебар, Виница, Берово, Неготино и Кратово.
По еден судија недостасува само во Апелацискиот суд во Гостивар и во Основниот суд во Свети Николе.
Притисок за промена на законот
Здружението на судска администрација бара да се направи измена на законот и да се прифати старото решение, половина од судиите да бидат избрани со завршена академија, а другата половина од редот на постојните судски соработници во судовите, кои имаат најмалку 7 години стаж по полагање на правосудниот испит.
Ако се подели бројот на решени предмети со бројот на судии, излегува дека секој судија решил во просек по 883 предмети во текот на една година
Вакво барање имаа и политичките партии на Албанците, кои се свесни дека поради високите критериуми на Академијата малку кадри од редот на другите заедници би влегле, а со тоа не може да се постигне принципот на правична застапеност при изборот на судии.
Во Република Македонија, во сите судови, на почетокот на 2014 година имало нерешени 183.174 предмети, во текот на годината биле примени 497.368 нови предмети, па од вкупниот број на предмети, 680.542, на крајот на 2014 година биле решени 536. 985 предмети, а за решавање во 2015 биле префрлени 143.557 предмети.
Ако се подели бројот на решените предмети со бројот на судиите, излегува дека секој судија решил во просек по 883 предмети во текот на една година. Доколку бројот на нерешените предмети се подели со просечниот број на решените предмети по судија, излегува дека на Македонија ѝ требаат уште 162 судии кои би работеле цела година за да го совладаат заостанатиот прилив.
Сепак, пред да ја утврди новата бројка на судии во Македонија, Судскиот совет бара мислење од судиите на Врховниот суд за тоа дали и во кои судови да се намали или зголеми постојната систематизација, според која сега недостасуваат 158 судии.
Судскиот совет за најголем број од судовите за 2014 оценил дека се ефикасни и ажурни, бидејќи успеале да го совладаат годишниот прилив на новопримените предмети и го намалиле заостатокот за 39.617 предмети во цела Македонија.
Но, оваа оценка не важи за најголемиот суд во земјата, Апелацискиот суд во Скопје, кој бил апсолутно неажурен и неефикасен и кому, поради недостиг од 11 судии, ќе му требаат години за да ги реши илјадниците заостанати предмети. На негова територија се двата скопски суда, како и судовите од цело Повардарие, Куманово, Кратово и Крива Паланка.
Апелација Скопје најнеажурен суд
Според статистичките податоци на Судскиот совет, скопскиот Апелациски суд не успеал да го совлада годишниот прилив на предмети и го зголемил бројот на нерешени предмети за 2.645, па има нерешени над 6.270 предмети, наспроти апелациските судови во Штип, Битола и Гостивар кои имаат нерешено помеѓу 91 предмет (штипскиот), 461 (гостиварскиот) и 481 (битолскиот суд).
По акцијата „Јустиција“ и апсењето на скопските судии за прекршоци, по тројца судии од Куманово и од Тетово и по еден од Неготино и Прилеп беа делегирани да судат прекршоци во Основниот суд Скопје 1
Во текот на 2014 година Судскиот совет донел одлуки за престанок на судиската функција за 42 судии кои заминале во пензија со навршени 64 години, еден судија починал, двајца судии сами побарале да бидат разрешени, тројца судии биле разрешени од страна на Судскиот совет поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција, а еден судија бил разрешен затоа што бил лустриран.
Меѓу разрешените за нестручност има двајца судии од Радовиш, еден од Кочани и еден од Основниот суд Скопје 1. По три предмети веќе одлучил и Врховниот суд кој го потврдил разрешувањето на судиите.
Во текот на 2014 и 2015 година Судскиот совет дел од празнетите судиски места во судовите ги пополнувал со префрлање на судии од еден во друг суд, без да избира нови, бидејќи немал кандидати. Но, при префрлањето, Судскиот совет исполнувал и желби, како во случајот на две судијки од Кратово и Крива Паланка кои повеќе од пет години се префлени да судат во Основниот суд Скопје 2, а на испразнетото место на судијките од Крива Паланка и Кратово кои судат во Скопје, испратени се судии од кумановскиот во паланечкиот и кратовскиот суд.
Законот предвидува судија да биде упатен во друг суд за време најмногу до една година, што не е случај со овие примери.
Со одлука на Судскиот совет еден судија од радовишкиот суд е испратен да суди во Штип, а друг во Свети Николе. По еден судија од судовите во Берово и Кочани се испратени во Делчево, а една судијка од Штип е испратена на работа во Берово.
По акцијата „Јустиција“ и апсењето на скопските судии за прекршоци, по тројца судии од Куманово и од Тетово и по еден од Неготино и Прилеп беа делегирани да судат прекршоци во Основниот суд Скопје 1.
За судиите не важи продолжениот рок за пензионирање
Со надворешен претседател функционира и тетовскиот суд. Него го води судија на скопскиот граѓански суд, а таков беше примерот и со досегашниот претседател на радовишкиот суд, кој е исто така судија на скопска двојка, и кој по завршување на мандатот во Радовиш се врати во Скопје.
Македонија немаше да дојде до ваква пат позиција да нема кандидати за судии, доколку и на судиите, како и на сите други функционери, им се дозволеше да се пензионираат на 67, односно 65 години
„Одлуките за временото упатување на судиите, Советот ги донесе согласно членот 39 од Законот за судови, во случаи кога констатира состојба на значително зголемен обем на работа во овие судови, намалена ажурност со што би било доведено во прашање тековното работење на судот, а најдолго за време од една година беа упатени судиите од судовите кои имаат помал обем на работа и во кои ажурноста на судот може да се постигне и со помал број на судии определен со одлуката на Советот“- наведуваат од Судскиот совет.
Судии практичари посочуваат дека Македонија немаше да дојде до ваква пат позиција да нема кандидати за судии, доколку и на судиите, како и на сите други функционери им се дозволеше да се пензионираат на 67, односно 65 години. Сега, само за судиите не важи овој закон, наспроти професорите, обвинителите или кој било вработен во администрацијата.
Па така, вработените во судовите можат да го користат продолжениот рок за пензионирање, а судиите не. Поради ова, се создаде празен простор, бидејќи судиите родени 1950/51 година заминаа во пензија, а никој не побара дозвола за нивно продолжување на мандатот до завршување на идните кадри за судии.