Регион

Во подготовка мјузикл за Слободан Милошевиќ

Филип Рудиќ, Белград

Милошевиќ и некогашниот претседател на САД, Бил Клинтон, во 1995 година. Фото: Википедиа/ЦИА

Од Српската драма на Народниот театар од Приштина, велат дека намерата е да се раскаже приказна за животот во Косово, во форма на мјузикл, во кој се зборува за поранешниот југословенски претседател, Слободан Милошевиќ, и за неговата сопруга, Мира Марковиќ. Мјузиклот, својата премиера ќе ја има во март.

„Ова не е само претстава за Слобо и Мира, туку, пред сѐ, за луѓето кои живеат таму (во Косово)”, вели режисерот на мјузиклот, Ненад Тодоровиќ.

Во српскиот народен театар во Белград, веќе течат подготовките за овој мјузикл на Српската драма на Народниот театар, чие седиште во 1999 година се сели во Грачаница.

Тодоровиќ за БИРН објаснува дека првиот дел од мјузиклот, насловен како „Лифт”, повлекува паралела помеѓу животите на семејството Милошевиќ и на обичните луѓе во Косово, во време на растечките тензии во деведесеттите години.

Во вториот дел, претставата преминува во „трагедија во стилот на Расин”, во кој Милошевиќ пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг, се брани од обвиненијата за воени злосторства.

Милошевиќ почина од срцев удар во неговата ќелија во Хаг, во март 2006 година, пред да му биде изречена пресудата.

Додека се подготвувал за мјузиклот, Тодоровиќ прочитал десетици илјади страници од судска евиденција на Хашкиот трибунал, која, како што вели, содржи „релативно идиотски обвинувања”, но и „јасни докази за сериозни злосторства”.

„По моето истражување, Милошевиќ лично ги гледам само како паметен политичар, кој сакаше да биде на власт, а кој е фатен во историски околности кои помогнал да се забрзаат, а кои би се случиле и без него”, вели Тодоровиќ.

Нагласува дека поранешниот претседател го гледа како „трагичен протагонист” кој може да се опише и како „балкански касапин”, и како жртва на околностите, но дека мјузиклот не се обидува да одговори на прашањето, кој бил Милошевиќ.

Смета дека Милошевиќ го персонифицирал она што Србите како народ го сакале во деведесеттите години, а тоа е, како што истакна, „реформи” на Југославија, со цел да се врати статусот што го имале во Кралството Југославија, пред уставот од 1974 година, со кој им е дадена поголема автономијата на покраинските раководства на Косово и на Војводина.

„Ова очигледно беше невозможно, а најголемата цена на ова (ваквата политика) ја плати населението, вклучувајќи не и нас, Србите од Косово”, додаде тој.

Верува дека Србите од Косово живеат во „последниот европски апартхејд” во изолирани енклави и во страв нивните деца да не прозборат српски кога ќе влезат во продавници во сопственост на Албанци.

Тодоровиќ не очекува реакција на косовските Албанци на портретот на Милошевиќ.

„Откако не истераа од Приштина во 1999 година, не комуницираме … приштинските власти, јавноста и интелектуалците нè игнорираат, па не очекувам реакција”, објаснува тој.