Регион

Дефиле по повод Денот на Република Српска

Данијел Ковачевиќ, Бања Лука

Полицајци, пожарникари, затворски стражари, воени ветерани, спортисти, студенти, па дури и членови на Здружението на ловците на РС, маршираа во вторникот по главната улица на Бања Лука, по повод Денот на РС, спорен празник на овој ентитет, чие одбележување на 9 јануари, Уставниот Суд на Босна и Херцеговина, го прогласи за неуставно.

Низ Бања Лука, која е административен центар на РС, беа поставени знамињата на РС и билборди со слоганот „Мислете на татковината”.

Овогодишната прослава беше најголема досега. Со неа беше одбележана 26-годишнината од формирањето на РС во 1992 година. Овој настан многу Бошњаци го сметаат за увод во војната која избувна неколку месеци подоцна.

Претседателот на РС, Милорад Додик, ја искористи оваа можност повторно да побара поголема автономија во рамките на БиХ, испраќајќи закани за оживување на идејата за одржување на референдум за независност.

„Српскиот народ има две држави: Србија и Република Српска, и ние сакаме да бидеме едно”, рече Додик.

Додаде дека РС моментално не е ангажирана на формални активности за одржување на референдумот за независност, но не ја исклучи можноста референдумот да се одржи во иднина.

„Никогаш нема да престанеме да се стремиме кон тоа, но важно е самиот чин внимателно да се одбере и да биде во констелација со можните меѓународни и други реакции кои би се случиле”, рече Додик.

На „коцкањето” поврзано со Денот на РС, во голема мера се гледа како на обид на Додик, да ги тестира граници до кои може да оди во маневрирањето со кревката централна власт во повоена БиХ.

Меѓу присутните на парадата беше и Дарко Младиќ, синот на Ратко Младиќ, кој стоеше на сцената на главниот плоштад во Бања Лука, заедно со политичарите од Србија и од РС.

Присутен беше и Анатолиј Бибилов, претседател на грузискиот регион Јужна Осетија, како и членови на екстремно десничарската Слободарска партија на Австрија.

Од Србија, пак, на прославата присуствуваа поранешниот претседател Томислав Николиќ и сегашните министри за одбрана и за внатрешни работи, Александар Вулин и Небојша Стефановиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не присуствуваше на прославата, но испрати порака дека „Србија секогаш ќе биде со РС“.

Во Бања Лука, заедно со својата сопруга Катарина, допатува и Александар Караѓорѓевиќ, престолонаследникот на последниот владетел на некогашното Кралство Југославија.

На парадата, во Палатата на Републиката, ѝ претходеше церемонија на доделување на признанија, кои им беа доделени на Николиќ, на австрискиот вицеканцелар и лидер на Слободарската партија, Хајнц-Кристијан Штрахе и на српскиот режисер, Емир Кустурица.

„Од срце Ви посакувам независност“, изјави Николиќ на церемонијата.

Прославата предизвика остри реакции на некои бошњачки политичари.

Пратеникот на Социјалдемократската партија во државниот парламент, Денис Бечировиќ, од раководството на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ, побара, на следната седница, да се дискутира за одбележување на „сеќавањето на жртвите на воените злосторства и геноцидот“, извршени од страна на, како што рече, „самопрогласената и нелегелна“ Република Српска .

Активисти на десничарската организација „Босанско движење на националната гордост“, во вторникот залепија плакати низ Сараево и Грачаница, на кои пишуваше „Смрт за геноцидната република“.