Регион

Во Србија нема солзи за жртвите од Сребреница

Јелена Суботиќ, Атланта

Жена во Меморијалниот центар во Поточари, крај Сребреница, жали по жртвите, на одбележувањето на годишнината од геноцидот. Фото: ЕПА/Jасмин Брутус.

Силите на босанските Срби, во јули 1995 година, само за неколку дена го извршија најтешкото злосторство во Европа по Втората светска војна.

Тие ги држеа под опсада илјадниците бошњачки бегалци кои, во ужасни услови, без вода и храна, се засолнија „на сигурно“, во Поточари, крај Сребреница.

И, додека одговорните холандски мировници на Обединетите нации набљудуваа, српските сили влегоа и ги одвоија жените од мажите и од момчињата.

Во рок од 30 часа, депортирани беа 23.000 жени и деца, додека српските војници ги изнесоа сите машки лица, од 16 до 60 години, ги мачеа и убија околу 8.000 од нив.

Во планините околу Сребреница масакрот траеше неколку недели. По убиствата, српските трупи со булдожери ископаа масовни гробници и ги закопаа посмртните остатоци на жртвите по широкиот планински терен.

Иако најголемиот број на оние кои ги извршитја овие убиства беа од редовите на различните сили на босанските Срби под команда на Ратко Младиќ, помали групи на српски паравоени сили, вклучувајќи ја и особено бруталната единица позната како „Скорпиони“, беа директно испратени од Србија.

Доказите за вмешаноста на Србија излегоа на виделина во 2005 година, кога обвинителството, во предметот против Слободан Милошевиќ, пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), прикажа видео снимка на која јасно се гледаше погубувањето на неколку Бошњаци, во близина на Сребреница.

На снимката се гледа како српските парамилитарци ги измачуваат, понижуваат и вербално злоставуваат младите Бошњаци. Еден од „Скорпионите“ извика: „Сега ќе умреш како девица“.

Затворениците сами си ги ископаа своите гробови, беа принудени да стојат на работ на јамата, а потоа беа застрелани од зад грб. За време на овој чин, убијците се шегуваа и беа загрижени да не им се потроши батеријата на камерата, со која го снимаа погубувањето.

Бруталноста на оваа сцена, јасната идентификација на убијците и на жртвите, како и вистинскиот хорор на овој настан, на почетокот го потресоа српското општество. Снимката беше цела недела прикажувана на речиси сите телевизиски канали.

Српските обвинители ја искористија снимката за да ги идентификуваат извршителите, а во наредните неколку недели неколкумина од нив беа уапсени и обвинети за воени злосторства. Четворица од нив, во 2007 година, беа осудени на казни од 5 до 20 години затвор.

И тука завршува приказната за одговорноста на Србија за геноцидот во Сребреница, иако таа, всушност, овде требаше да започне.

Дваесет и три години подоцна, Сребреница не е нешто на кое во современа Србија се сеќаваат.

Единствениот српски политичар кој присуствуваше на официјалната комеморација во Поточари во средата, беше Чедомир Јовановиќ, претседателот на малата Либерално-демократска партија, која на последните парламентарни избори, во 2016 година, доби едвај 5 отсто од гласовите.

Вториот официјален претставник кој се осврна на годишницата беше Драган Марковиќ Палма, претседател на десничарската патија, Единствена Србија, кој негираше дека настаните во Сребреница претставуваат геонцид, дефиниција која тој ја разервираше само за депортацијата на српското население од Хрватска во операцијата „Бура“, во август 1995 година.

Иако целосното негирање на масакрот во Сребреница е релативно ретко, настаните од јули 1995 година се минимизирани, а нивната огромна историска и морална важност речиси целосно се игнорира

За сите останати политичари и официјални претставници во Србија, освен малите групи на посветени активисти за човекови права, како што се „Жени во црно“, 11 јули не е ден вреден за сеќавање, размислување и, секако не, за покајување.

Тука лежи главниот проблем на српското историско сеќавање на Сребреница, како и на големата војна која ја водеше Србија во деведесеттите години.

Иако целосното негирање на масакрот во Сребреница е релативно ретко, настаните од јули 1995 година се минимизирани, а нивната огромна историска и морална важност речиси целосно се игнорира.

Кога се соочени со непобитните докази за ова масовно злосторство и за директното учество на Србија во него, српските официјални лица и огромното мнозинство на граѓани го квалификуваат злосторството како легитимна воена операција против Бошњаците, бидејќи биле „воено способни“ или како вообичаен „воен екцес“ или како изолиран инцидент на корумпирана група паравоени психопати, кои делувале надвор од главниот команден ланец.

Со научен консензус е востановено дека бројот на жртвите изнесува околу 8.000, за што е раширен ставот дека Бошњаците и меѓународната заедница претеруваат. Заклучокот на МКТЈ, дека системското истребување на Бошњаците претставува геноцид, беше отфрлен.

Но, она што главно Сребреница претставува денес во српското јавно сеќавање, е иритирачки, а тоа е дека Сребреница е уште еден доказ за постоење на антисрпска пропаганда, во која меѓународните актери ја обвинуваат Србија за најстрашните злосторства, не осврнувајќи се на насилството извршено над Србите од страна на Бошњаците, на Хрватите и на косовските Албанци.

Сребреница – фундаментално непомирлива разлика помеѓу она како Србија се гледа себе си и како гледа на својата улога во војната во деведесеттите години и како на ова гледа останатиот дел од светот

Сребреница, во јавното сеќавање на Србија, воглавно се врзува за Србите – тоа е неправедно дефиниран масакр од страна на МКТЈ, како единствен случај на геноцид извршен во војните во поранешната Југославија, со што Србите неправедно се идентификувани како главни иницијатори на војните и како сторители на поголемиот број воени злосторства.

Тоа е, на крај, она што денес претставува Сребреница, фундаментално непомирлива разлика помеѓу она како Србија се гледа себе си и како гледа на својата улога во војната во деведесеттите години и како на ова гледа останатиот дел од светот.

Сеќавањето на Сребреница во Србија не е сеќавање на преплашениот 16 годишен тинејџер Азмир Алиспахиќ, чија мајка го идентификуваше на видео снимката на „Скорпионите“, на која тие го измачуваат и го убиваат, бидејќи српските националистички лидери го означиле како непријател на српскиот народ.

За да може вистинското значење на Сребреница – нејзиниот ужас, срам, бруталност и дамки – да се резонира во српското општество, сеќавањата не треба и понатаму да бидат трансакциски, при што секое спомнато српско злосторство веднаш се споредува со злосторствата извршени над Србите, каде што едното не постои без другото.

Она што е неопходно и она што недостасува е солидарност во сеќавањата, кога вложуваме во, и сочуствуваме со страдањето кое не е наше, кога сфаќаме дека изразувањето на одговорност поради болката на другите ја прави нашата историја поурамнотежена и поцелосна, а нашите општества поправедни.

Јелена Суботиќ е професор по политички науки на Државниот универзитет во Џорџија, Атланта. Авторка е на книгата „Киднапирање на правдата: Соочување со минатото на Балканот“. Во моментот пишува книга за сеќавањата на Холокаустот во Источна Европа.

Мислењата изразени во овој коментар се мислења на авторот и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН.