Највисоките државни функционери ретко присуствуваат на одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот во Хрватска. Тоа е затоа што на 1-ви мај се одбележува уште еден датум од хрватската историја, кој, се чини, му е поважен на раководството на земјата. На тој датум, во 1995 година, хрватската војска (ХВ), со операцијата Блесок, врати делови од Западна Славонија, кои беа под контрола на локалните српски бунтовници.
Стандардното одбележување на годишнината на Блесок на 1-ви мај, кога им се оддава почит на паднатите хрватски војници, додека цивилните жртви се игнорираат, оваа година не помина без инциденти. Имено, претседателот, Зоран Милановиќ, ја напушти комеморацијата во знак на протест, поради истакнувањето на паравоени симболи, оние што во раните 90-ти ги користеа Хрватските одбранбени сили (ХОС), паравоено крило на екстремно десничарската Хрватска партија на правата (ХПП).
Контроверзните ХОС се формирани во 1991 година, неколку месеци пред почетокот на воениот конфликт меѓу хрватските безбедносни сили и паравоените сили на етничките Срби, кои беа поддржани од Југословенската народна армија (ЈНА).
Иако броеја неколку илјади борци, хрватските власти ги распуштија ХОС на крајот на 1992 година, незадоволни од повременото одбивање да извршуваат наредби на владини претставници, но и поради загриженоста за лошото влијание што постоењето на ХОС го имаше врз меѓународниот углед на новоформираната независна држава Хрватска.
ХОС не беа само таму некаква националистичка милиција. Овие сили ги карактеризираше неапологетско бранење на колаборационистичкото усташко движење од Втората светска војна. Самото име на ХОС е алузија на терминот што го користеа хрватските фашисти кон крајот на Втората светска војна, а меѓу неговите симболи е и ноторниот поздрав „За дом спремни“,кој често се смета за хрватската верзија на германскиот поздрав „Sieg Heil“.
Членовите на ХОС го користеа римскиот поздрав и носеа црни униформи, а во нивното седиште беа закачени портретите на усташките лидери од Втората светска војна, додека паравоените единици носеа имиња на усташки генерали. Обидот на ХОС и на ХПП да ја изедначат модерна независна Хрватска со марионетската држава од Втора светска војна, на крајот ја принудија хрватската влада, ХОС да ги смета повеќе за пречка, отколку за помош во борбата на земјата за меѓународно признавање на Хрватска како независна држава.
Во почетокот на 1992 година, припаднците на ХОС беа регрутирани во новоформираната и редовна ХВ, а самата паравоена формација беше распуштена. Па, што тогаш бараат симболите на ХОС, на одбележување на настан од 1995 година, три години откако ХОС всушност престанаа да постојат?
Легален начин да се слават усташите?
Дел од присутните на одбележувањето на годишнината од операцијата Блесок, на 1 мај, носеа маички со поздравот, „За дом спремни“. Фото: Н1 ТВ.
Во последниве години, ХОС сѐ повеќе добиваат на популарност. Десничарските навивачи често го вејат знамето на ХОС, на кое е испишан усташкиот поздрав „За дом спремни“, на спортски настани, а нивниот грб го носат и на маички. Веројатно тие доживеале некаков вид на заживување, како националистички симбол, бидејќи истовремено може да послужат како јасно одобрување на фашизмот од Втората светска војна, но и негирање на оние кои ги носат нивните ознаки: за разлика од усташките симболи, симболите на ХОС не се нелегални, иако се речиси идентични.
Во 2017 година, здружение, кое вели дека ги претставува бранителите на ХОС, провокативно постави спомен-плоча со нивните симболи во Јасеновац, град, во кој, за време на Втората светска војна, се наоѓаше најголемиот усташки логор за истребување. Спомен-плочата подоцна, по негативната реакција на јавноста, беше префрлена на друга локација. Владата тогаш формираше комисија, како одговор на барањата од едната страна за легализирање на симболите на ХОС со усташкиот поздрав, но и како одговор на барањата на другата страна, за целосна забрана на овие симболи.
Комисијата предложи еден вид компромисно решение: сите симболи што го содржат поздравот „За дом спремни“ се нелегални, освен во случај кога се одбележува сеќавањето на паднатите доброволци на ХОС. Како што се очекуваше, ова само ја зголеми употребата на симболите на ХОС од страна на крајната десница.
Токму маиците со грбот на ХОС, што ги носеа неколкумина ветерани, беше причина за одлуката на Милановиќ да го напушти настанот по повод одбележувањето на годишнината од операцијата Блесок. Како што на крајот се испостави, тие што ги носеа маиците, никогаш и не биле членови на ХОС и тие ја криеле ознаката до последен момент, со очигледна намера да го испровоцираат Милановиќ.
Одговорните за инцидентот се членови на Здружението на ветерани нa специјалната полиција, кои во 2014 година организираа протест на ветераните против левичарската влада на чело со Милановиќ, кој во тоа време беше премиер. Повремено агресивните протести можеби придонесоа за изборниот пораз на Милановиќ следната година.
Непосредно пред вториот круг на парламентарните избори таа година, Милановиќ „го упропасти“ обидот за помирување со ветераните. Верувајќи дека нивната поддршка ќе му донесе дополнителна популарност, која му беше потребна, и ќе го донесе во позиција пред неговиот десничарски ривал, Милановиќ организираше тајна средба со ветераните, за подоцна да открие дека станува збор за ‘местенка’.
Имено, бранителите тајно го снимија разговорот, со кој премиерот се обиде да ги привлече, со цел дополнително да го дискредитираат. При обидот да ги придобие, Милановиќ користеше националистички говор, навредувајќи ја Србија и, што е од особено значење, велејќи дека „не му е гајле“ за усташкиот поздрав, што го користи ХОС и другите бранители.
ХОС станува прашање во изборната кампања
Спомен-плочата со врежаниот поздрав „За дом спремни“, во општина Јасеновац. Фото: Тамара Опачиќ
Со овие зборови за поздравот „За дом спремни“, Милановиќ очигледно сакаше да им вети на бранителите кои учествуваа на протестите, дека нема да се обидува да ги забрани обележјата на ХОС. Неговото ветување беше совршено во согласност со неговата ноншалантност околу ова прашање, за време на неговиот мандат како премиер од 2011 до 2015 година. На крајот, тајно снимената средба не му донесе нови приврзаници од десницата, туку придонесе да изгуби дел од поддршката на левицата.
По поразот, Милановиќ целосно се повлече од политиката, но прашањето за ХОС и усташките ознаки ескалираше со инцидентот на подигнување на спомен-плоча во Јасеновац во 2017 година. Кога Милановиќ реши во 2019 година да се врати во политиката и да се кандидира за претседател, неговиот слоган беше „Нормално“, што би значело „Умерено“. Поголемиот дел од неговата победничка кампања се засноваше на ветувањето дека ќе го истурка десничарскиот екстремизам надвор од политичкиот меинстрим.
Во исто време, тој вети дека нема да се конфронтира премногу со десничарскиот премиер, Андреј Планковиќ. Претседателската функција во Хрватска е претежно симболична, но претседателот игра важна улога кога станува збор за државните комеморации. Досега, Милановиќ, во голема мерка го исполни ветувањето дека ќе биде конструктивен и тој придонесе за деескалација на општествените тензии, кои се однесуваат на историските прашања.
Годинава, за прв пат од 2015 година, претседателот, премиерот и претставниците на Евреите, Србите, Ромите и антифашистите, на 22 април, заеднички присуствуваа на комемомацијата за жртвите од логорот Јасеновац, откако претходните години, претставниците на малцинствата и на антифашистите, го бојкотираа овој настан, заради толерантниот став на Владата, кон ревизионизмот на историјата од Втората светска војна.
По овој настан, Милановиќ искоментира дека спомен-плочата на ХОС, која беше подигната во 2017 година во близина на поранешниот логор, треба да биде „фрлена“. Оваа изјава, заедно со неговата подоцнежна одлука да го напушти одбележувањето на годишнината од операцијата Блесок, предизвика незадоволство кај десничарските медиуми, како и кај членовите на десничарската влада.
Наместо да биде фигура на „помирување“, Милановиќ сега го обвинуваат за потпалување на идеолошкиот конфликт, со цел да ѝ помогне на левицата на претстојните парламентарни избори.
Како и да е, се отворија сомнежи и за вклученоста на министерот за одбрана, Томислав Медвед, во провокативниот чин со маиците на ХОС, на одбележувањето на годишнината од Блесок. Бидејќи Медвед беше во координација со лидерите на бранителите кои протестираа во 2014-2015 година, беа изнесени сомнежи дека тој го сменил протоколот за настанот на 1 мај, без да го извести претседателот, со намера да го стави Милановиќ во незгодна позиција и да ги порамни старите сметки.
Еден ден подоцна, на 2 мај, се одржа уште една комеморација. Овој пат во Борово, кај Вуковар. Мала група на учесници, кои носеа црна облека и симболи на ХОС, се протуркаа во првите редови да се фотографираат во близина на левичарските политичари и сојузници на Милановиќ, што, впрочем, и беше нивната поента. Потоа, десничарската Хрватска демократска заедница (ХДЗ) ги објави фотографиите, исмевајќи ја опозицијата.
Не постои сомнеж дека ХОС и усташките симболи ќе бидат едно од прашањата во претстојната изборна кампања.
Какво влијание ќе има ова врз ветувањата на Милановиќ за враќање во „нормалноста“? Засега, знаците не се ветувачки. Можеби тој ја напушти комеморацијата на Блесок, но симболите на ХОС никогаш не биле поприсутни.
Тешко е да се ослободиме од впечатокот дека Милановиќ денес е прогонуван од својата воздржаност во минатото, да ги осуди симболите на ХОС.
Никола Вукобратовиќ е историчар и новинар од Загреб. Тој во моментов е вработен во Архивата на српската заедница во Хрватска.
Мислењата изразени во овој коментар се мислења на авторот и не ги одразуваат нужно мислењата на БИРН.