Регион

Конфузната приказна за амнестијата, нема да ги излечи раните на Косово

Искуството со Комисијата за вистина и помирување на Јужна Африка, покажува дека е потребно многу поголемо разјаснување на нештата, пред да се примени во Косово

На клупата наспроти нив седи сторителот на злосторството и тој раскажува како тој и неговите колеги запреле две момчиња на улица, ги провериле, ги одвезле некаде во темнина и ‘завршиле’ со нив. Тој ѝ открива на мајката детали за тоа како нејзиниот син навистина бил убиен и каде го погребале неговото тело.

Така, мајката ќе има барем можност да ги пронајде посмртните останки на својот син и достојно да ги погреба, на место на кое жртвата ќе може да почива во мир и каде семејството ќе може да се сеќава на неа. Честопати, во состојба на очај, мајката ќе му простеше на сторителот на злосторството во име на убунту, јужноафрикански израз за сочувство и хуманост.

Се вели дека единствениот начин, одредени сторители да седнат на клупата на Комисијата за вистина и помирување, е претходно гарантирана амнестија за злосторствата што ги сториле. Се вели и дека процесот повеќе се однесувал на откривање на вистината, отколку на постигнување на правдата. Со други зборови, повеќе стануваше збор за белиот режим и неговото признавање на злосторствата што ги направил.

Затоа, Комисијата за вистина и помирување имаше свои недостатоци. Но, таа воедно беше и многу успешна, главно затоа што нејзиното формирање беше иницирано со вистинска намера да се воспостави еднаквост во длабоко распарченото општество, но и заради извонредната репутација на Мандела, и на архиепископот, Туту.

Во Косово се смета дека сегашните политички проблеми произлегуваат од сомневањето дека е постигнат таен договор меѓу претседателите на Косово и на Србија; зборот „амнестија“, исто така, излезе на површина во изминатата година, што укажува на тоа дека (повторно) двајцата претседатели правеле планови за размена на амнестии за воените злосторства, меѓу Косово и Србија.

Постојат околу 24 места на злосторства во Косово, во народот наречени места на масакри, каде за време на војната 1998-1999 година, невини селани, Албанци, беа систематски убиени. Повеќето од злосторствата беа откриени пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), во предметот против Слободан Милошевиќ и другите, во 2005 година. Дел од нив се масакрот во селото Рачак, кога беа убиени 45 Албанци; масакрот во Меја, каде дојде до масовна егзекуција на 372 цивили, масакрот во Велика Круша, каде беа убиени околу 90 луѓе; селото Избица, каде беа егзекутирани околу 93 лица и градот Вучитрн, каде беа убиени 120 луѓе.

Познато е дека претседателот на Косово, Хашим Тачи, се залага за Комисија за вистина и помирување од 2017 година. „Целта на оваа комисија ќе биде вистината. Вистината го лекува општеството од одмазда и омраза“, изјави тој, таа година.

Учествував како набљудувач на еден од состаноците за предложената Комисија во Приштина и бев збунета. Се обидував да разберам кого претседателот на Косово се обидува да помири – Косово со Србија, од далеку, самиот? Или Србите и Албанците во Косово, со наметнување?

Како ги замислува сослушувањата? Дали тој би ги собрал локалните Срби да ги слушаат болните приказни на локалните Албанци и обратно? Кој би биле членовите и каде ќе се формира оваа Комисија за вистината и помирувањето? Со кого и како би преговарал за потенцијалната амнестија или пресудите за сторителите?

Да замислиме сценарио слично на она во Јужна Африка. Мајка, Албанка, ќе се претстави на сослушувањето пред Комисијата за вистина и помирување. Може да ја раскаже својата болна приказна за тоа како нејзиниот сосед, Србин, кој случајно бил полицаец, заедно со група српски војници, ги зел нејзините тројцата синови и сопругот во март 1999 година.

Во 2003 година, двајца нејзини синови се пронајдени во масовна гробница во Батајница, додека третиот син и сопруг сè уште се водат за исчезнати. Со оглед на тоа дека постојано слушаме слични приказни во изминатите 20 години, како оваа прераскажена вистина ќе го излекува општеството на Косово и зошто, овој пат, би навлегла подлабоко во Србија? Не е многу веројатно дека сторителот би бил присутен на ова сослушување, знаејќи дека најголемата масовна гробница во Србија се наоѓа во воената база во Батајница.

Српскиот активист за човекови права, Наташа Кандиќ, вели дека посмртните останки во овие масовни гробници ширум Србија, го обелоденуваат синџирот на одговорност што достигнува до највисоките нивоа на власта. Затоа, молкот околу масовните гробници е систематски и властите го држат добро под контрола сите овие години и, најверојатно, ќе продолжат да го прават тоа и во иднина.

Според ова, не е познато дали Комисијата за вистина и помирување на Косово, планира да ги амнестира српските сторители „во отсуство“ и на жртвите автоматски да им наметне процес на заздравување. Ова сценарио не ветува подобра иднина или исцелување, и покрај фактот дека (хипотетички) до тогаш би ја знаеле вистината.

Другото сценарио е Србинка да се појави пред Комисијата и да ја раскаже својата вистина за сопругот, лекар, кој бил киднапиран во јуни 1999 година од група Албанци и оттогаш е исчезнат. Таа побарала помош од мировниците на КФОР, од Мисијата на ООН во Косово и од тогашната привремена влада на Косово. До денес, никој од нив не го нашол нејзиниот сопруг. По ова сослушување, претседателот на Косово би имал повеќе ресурси да го идентификува сторителот, да утврди дали тој може да биде амнестиран или не, додека со признавањето на вистината и во овој случај, ќе обезбеди процес на заздравување за српската заедница во Косово.

Горенаведените сценарија се вистини што сите ги знаеме. Тие се вистини кои, всушност, ги истражуваше МКТЈ и за кои известуваше Амнести Интернешнл, кои ние ги знаеме и живееме близу до овие жртви.

Исто така, знаеме дека самата вистината не мора нужно да го излекува општеството од насилната траума; поверојатно е дека вистината, придружувана од правдата, ќе доведе до траен мир во поделеното општество и тоа ќе го отвори патот до здрава иднина.

Вистината, правдата и амнестијата се релевантни за преживеаните и за нивното семејство, за заедницата и за општеството, кои биле цел на масовно насилство. Да не заборавиме дека вистината на жртвите, правдата и амнестијата може да бидат релевантни за група сторители, која искуството ќе го втисне во својата колективна свест.

А треба да им се даде и шанса да ги поправат работите. Амнестијата може да биде ефикасна, но таа воедно е и лесен излез. Признавањето за насилството од минатото во име на извршителите е и ќе остане клучен чекор за градење на траен мир.

Конечно, ако обете страни признаат дека постои заедничко страдање, тоа може да претставува темелен елемент на идентитетот на групите, идентитет што останува релевантен во обликувањето на историскиот и културниот идентитет на поединците во општеството, како непосредно искуство на трауматска загуба, идентитет околу кој групата како целина може да гради кохезија.

Нора Велер е експерт истражувач за наследството на злосторствата и заштитата на културното наследство. Таа работи на Универзитетот во Кембриџ во Велика Британија.
Мислењата изразени во овој коментар се мислења на авторот и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН.