Врховниот суд на Косово го ослободи поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Фатмир Лимај, од обвиненијата за воени злосторства извршени во 1999 година во притворниот центар Клечка.
Пишува: Арбен Ќирези, Приштина
Врховниот суд ја одбил жалбата на Специјалното обвинителство на Косово, на претходните ослободителни пресуди што му беа изречени на поранешниот командант на ОВК, Фатмир Лимај и на уште девет други лица, обвинети за воени злосторства извршени во 1999 година, во т.н. „случај Клечка“.
Во овој притворен центар, за време на војната во Косово, членови на ОВК тепале и малтретирале цивили и затвореници од албанска и од српска националност.
Но, според одлуката на Врховниот суд, жалбата поднесена на ослободителните пресуди била неоснована.
Имено, на 12 мај 2017 година, судскиот совет на Врховниот суд, составен од двајца меѓународни и еден локален судија, го отфрли барањето за заштита на законитоста, што на 12 август 2016 година, го поднесе државното обвинителство, жалејќи се на одлуката што претходно во случајот „Клечка“ ја донесе Апелацискиот суд.
Флорин Вертопи, адвокат на еден од обвинетите, на својата Фејсбук страница напиша дека „случајот Клечка конечно заврши. Барањето на Специјалното обвинителство за заштита на законитоста е одбиено“.
Адвокатот на Лимај, Тахир Реци, за БИРН изјави дека „Лимај, сега, конечно е невин“.
Случајот Клечка беше отворен во 2011 година, кога обвинителот на ЕУЛЕКС поднесе обвинение. Судењето започна во јануари 2012 година, но процесот се базираше само на сведочењето на еден сведок, Агим Зогај, кој, додека беше под заштитен надзор на ЕУЛЕКС, изврши самоубиство во Германија.
Со обвинителниот акт беа опфатени 10 лица – Лимај, Арбен Красниќи, Насер Красниќи, Неџми Красниќи, Бехлул Лимај, Рефки Мазреку, Насер Шала, Сабит Шала, Шабан Шала и Бесим Шурдај.
Во март 2012 година, беа ослободени петорица обвинети, додека Лимај и уште тројца обвинети беа ослободени два месеци подоцна. Судот одлучи случајот „Клечка“ да го подели на два случаи „Клечка 1“ и „2 Клечка“.
Во јануари 2013 година, Врховниот суд ја прифати жалбата на Специјалното обвинителство и наложи повторно судење. Тогаш на Лимај му беше одреден притвор.
Во декември 2013 година, Основниот суд во Приштина го ослободи Лимај и другите, по одржаното судење во кое многу сведоци ги сменија своите претходни изјави. Во мај 2016 година, како одговор на жалбата на Специјалното обвинителство, Апелацискиот суд донесе одлука со која ја потврди пресудата на Основниот суд.
Специјалното обвинителство потоа побара заштита на законитоста, поднесувајќи жалба против одлуката на Апелацискиот суд.
Сепак, Врховниот суд, како последна судска инстанца, на 12 мај ја отфрли жалбата и оваа своја одлука во средата им ја врачи на адвокатите.