Анализи

За администрацијата се троши три пати повеќе отколку за инфраструктура

Последните десет години, властите потрошиле вкупно 25 милијарди евра народни пари, но само 1,2 милијарди евра се инвестирале во градежни објекти

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

За изградба на патишта, железнички пруги, училишта, но и за објектите од проектот „Скопје 2014“, властите последните десет години инвестирале вкупно 1,2 милијарди евра. Анализата на БИРН на завршните сметки на буџетите од 2007 до 2015 година и податоците за извршување на буџетот за 2016 година, покажува дека сумата за градежни и други објекти е само 4,8% од вкупно 25 милијарди евра народни пари што ги потрошиле властите.

По одделни години, најмногу пари во градежни објекти државата инвестирала 2015 година, вкупно 176,4 милиони евра, а најмалку 2007 година, кога се инвестирале 78,5 милиони евра.

Дури ниту овие 1,2 милијарди евра не се потрошиле целосно за развојни проекти. Се проценува дека половина од парите завршиле за изградба на зградите, фасадите, спомениците, плоштадите и сите други објекти од проектот „Скопје 2014“ којшто, според последните пресметки од базата на податоци на БИРН, чини над 671 милион евра.

Универзитетски професор чијашто специјалност е токму инвестициската политика, Методија Несторовски, објаснува дека постои заблуда оти сите пари наменети за капитални инвестиции во буџетот имаат развоен ефект.

„Под капитални инвестиции во буџетот се книжат и купувањето возила или мебел, коишто се, всушност, само еднократен трошок без никаков економски ефект. Единствено вложувањето во градежни објекти може да обезбеди развој на долг рок, но важно е и какви објекти се градат, дали патишта или железници или пак, објекти како оние од проектот ‘Скопје 2014’“, вели Несторовски за БИРН.

Професорот Несторовски којшто му беше ментор на постдипломските студии на поранешниот премиер Никола Груевски, оценувајќи ја инвестициската политика на власта последните десет години, вели дека „учењето е едно, а политиката сосема друго“.

Тој вели дека дури и да се анализираат само градежните објекти што се реализираа последните десет години, во коишто доминираат зградите, плоштадите и спомениците од проектот „Скопје 2014“, тоа се исто така изгубени пари од економски аспект, затоа што овие објекти не се основа за пораст на економијата на долг рок.

„Овие инвестиции имаат ефект врз порастот на економијата само во моментот додека се реализираат преку интензивирање на градежните активности. Градежните компании ги собрале парите, прикажале профити и тоа се квантифицирало во зголемување на бруто домашниот производ (БДП). Тоа е единствениот ефект за економијата“ вели Несторовски.

Несторовски: Важно е и какви објекти се градат, дали патишта или железници или пак, објекти како оние од проектот „Скопје 2014“.

Тој појаснува дека кога се вложува во автопати, железница или други инфраструктурни проекти „се создаваат услови на долг рок бизнисите да ги намалуваат трошоците на работење, на пример, преку заштеда на гориво, време за транспорт, и за сметка на тоа тие ќе работат со поголеми добивки, ќе отвораат нови работни места, па дури и ќе го шират бизнисот“. 

Вкупните капитални инвестиции, пак, во коиштоm освен градежните објекти што опфаќаат 44,6% од оваа ставка, се вкалкулирани и парите потрошени за купување опрема и машини, мебел, возила, капитални дотации до општините, последните десет години изнесуваат речиси 2,7 милијарди евра.

За споредба, во истиот период, за плати на јавната администрација се потрошиле речиси 3,8 милијарди евра, а за пензии, над 5,8 милијарди евра.

Интересно е што ниту една година последните десет, властите не успеале да ги реализираат планираните инвестиции. Иако биле испланирани 3,4 милијарди евра, сепак, реализацијата не надминува 80%.

Освен тоа, анализата покажува дека властите не успеале ниту една година реално да ги проектираат вкупните приходи и расходи, па така секогаш реализираните суми отстапуваат од планираните, а некои години, потфрлањето во полнењето на државната каса доведе и до неколку ребаланси. Ревидирањето на јавните трошења, пак, се правело според вообичаената формула – одземи од капиталните инвестиции, додади за плати, пензии и набавка на стоки и услуги.

Овие податоци што покажуваат како се трошело секое едно евро што власта го собирала од граѓаните од даноци и придонеси, или пак, го позајмила со издавање еврообврзници или преку кредити, го карактеризираат државниот буџет како доминантно социјален, бидејќи 90% од сите пари се потрошиле за тековни, односно непродуктивни цели.

Професорот Несторовски којшто му беше ментор на постдипломските студии на поранешниот премиер Никола Груевски, оценувајќи ја инвестициската политика на власта последните десет години, вели дека „учењето е едно, а политиката сосема друго“.

ММФ и Светска банка бараат вложувања во инфраструктура

Меѓународните финансиски институции веќе предупредија инвестициите во инфраструктурата да не се кратат оти се клучни земјите во развој како Македонија да создадат основа за побрз економски раст и сугерираа властите да ги преструктуираат јавните расходи.

Светската банка во својот последен Редовен економски извештај за Западен Балкан, оцени дека „пролонгирањето на изведувањето на проектите поради одолжувањето на изборниот циклус, ги намали капиталните трошења до најниско ниво од 2006 година“. Во исто време, Светска банка алармира дека „пензиите се зголемуваат изминатите пет години, достигнувајќи третина од севкупните трошоци на централната влада во 2016 година“.

Шефицата на Мисијата на ММФ за Македонија, Џесмин Рахман, во своето интервју за БИРН, исто така потенцираше дека „властите треба да направат фискален простор преку ефикасност во трошењето за вложувања во инфраструктура со цел спротивставување на економските кризи“.

Европската комисија во последниот Извештај за напредокот на земјата, исто така во неколку наврати ја истакна потребата властите да вложуваат повеќе пари од буџетот во изградба на транспортната инфраструктура за сметка на тековните трошоци.

„Економијата има значителни потреби од инвестиции, меѓу другото и во јавната инфраструктура, што ја прави помалку конкурентна во споредба со другите“, пишува во Извештајот.

Комисијата евидентира дека Националниот инвестициски комитет е основан во јуни 2015 година и негова задача е да подготвува и да спроведува инфраструктурни инвестиции, но искажа загриженост во поглед на неговата ефикасност.

Економскиот раст последните години е резултат токму на експанзијата во градежништвото, односно градежните компании коишто државата преку тендери ги ангажираше да го градат проектот „Скопје 2014“.

„Управувањето со јавните финансии не се подобри и уште повеќе се зголеми јавниот долг. Потребно е подобрување на насоченоста на јавните финансии кон раст, особено преку целосно спроведување на испланираното приоритетно трошење во јавни инвестиции“, наведува Европската комисија и додава дека „постои мала транспарентност во врска со извршувањето работи од голем обем во јавна инфраструктура преку државните претпријатија“.

Неспорно е дека голем дел од економскиот раст последните години е резултат токму на експанзијата во градежништвото, односно градежните компании коишто државата преку тендери ги ангажираше да го градат проектот „Скопје 2014“. На пример, економскиот раст од 2,4% лани би бил преполовен доколку се одземе ефектот на градежништвото како сектор, но растот според економистите би бил и поголем доколку спомениците и фасадите се заменеа со патишта, железница или хидроцентрали.

Бизнисмените исто така посочуваат дека парите што ги собираат властите од даноци, придонеси и царини, како и тие што ги позајмуваат, мора да ги трошат попродуктивно.

Извршниот директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Фатмир Битиќи, оценува дека проектите во инфраструктурата треба да имаат приоритет според реалните потреби на економијата или според протокот на луѓе и стоки.

„Иако се пропагира дека сме настроени кон економски раст и развој, ние не успеавме да имаме раст кој ќе биде на ниво од 5%-6% со кој би се ‘преродила’ економијата. Очигледно е дека голем дел од растот на БДП се должи на градежништвото, односно фамозниот проект ‘Скопје 2014’ и некои други инфраструктурни проекти, кои реално не ѝ помагаат на економијата на долг рок“, истакна Битиќи.

Светска банка сугерира земјите во развој да инвестираат околу една четвртина од БДП (што во нашиот случај би било над 2,5 милијарди евра) во капитални проекти за да се забрза економската активност. Кај нас, ниту една влада досега, не одвоила повеќе од 4%-5% од БДП за јавни инвестиции.

Всушност, најголема сума за капитални инвестиции од 4,8% од БДП е реализирана 2008 година, додека пак, лани е евидентирана најмал удел од само 2,8% во БДП.

„Чоколади“ финансирани со задолжувања

Во услови кога последните десет години се трошело повеќе за тековни потреби, а само малку за продуктивни инвестиции или како што поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески ја симплифицираше оваа политика во една реченица:  „Трошиме на чоколади, а немаме за леб“, јавниот долг се зголемил двојно.

Ако 2007 година јавниот долг изнесувал 25,8% од БДП, на крајот од 2016 достигна 47,8%. Или, во апсолутни бројки, од 1,57 милијарди евра, долгот за десет години е поголем за дури 3,14 милијарди евра. 

Економскиот ефект, пак, од оваа политика на задолжување, изразен преку економскиот раст е просечна стапка од 2,8% за десет години.

ММФ изрази загриженост токму поради брзото зголемување на јавниот долг од една страна, и непродуктивното трошење на позајмените пари од друга. 

Македонија нема веќе простор за задолжувања, бидејќи земјата е на чекор да направи престап на црвената линија што ја постави ММФ.

„Најголемиот дел од ова зголемување се должи на зголемени тековни трошења, наспроти капиталните трошења кои влијаат врз зголемувањето на потенцијалниот раст на една земја. Затоа нашата загриженост е во врска со брзиот раст на јавниот долг и начинот на користење“, истакна Рахман од ММФ.

Таа посочи дека не постои универзално договорен безбеден праг на задолжување за сите земји, па дури ниту за сите земји во развој. Според проценките на ММФ, прудентниот опсег на јавниот долг за економиите на земјите во развој е околу 50-60% од БДП.

„За Македонија, го препорачуваме  долниот праг на овој опсег, имајќи го предвид режимот на фиксен девизен курс и идните фискални обврски кои произлегуваат од стареењето на населението и потребите за инвестиции во инфраструктурата.“

Со други зборови, Македонија нема веќе простор за задолжувања, бидејќи земјата е на чекор да направи престап на црвената линија што ја постави ММФ.

Но, плановите на државата според последната Фискална стратегија усвоена кон крајот на минатата година се разликуваат од проценките на ММФ.

Оваа стратегија предвидува јавниот долг годинава да се искачи до 53,1% од БДП, 54% од БДП догодина и 56% од БДП 2019 година.