Општината Ново Село во близина на Струмица за петнаесетина години ќе мора да стави клуч на трите основни училишта ако продолжи трендот на опаѓање на бројот на ученици и на запишани првоодделенци кој ги има зафатено селата во тој регион.
За само десет години бројката на ученици и првачиња е преполовена, односно намалена за 50 отсто, а тоа се должи на падот на наталитетот, на масовното селење на младите брачни парови во Струмица или во Скопје, но и на напуштањето на државата во потрага по подобри услови за живот.
Пред десет години, во учебната 2006/2007 година, во трите училишта во оваа општина, „Климент Охридски“, „Мануш Турновски“ и „Видое Подгорец“ имало 1.134 деца кои учеле во основните училишта, а лани таа бројка е 609 ученици. Бројката и понатаму ќе се намалува, бидејќи секоја наредна генерација има сѐ помалку првачиња сѐ додека не згасне. Во учебната 2007/2008 биле запишани 160 првачиња, а минатата година само 51.
Базата на податоци за десетгодишно движење на бројот на ученици во сите 80 општини плус Градот Скопје, изработена од Центарот за граѓански комуникации врз основа на податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажува дека секоја година се намалува вкупниот број на ученици во основните училишта во државата. Се смета дека факторите кои најмногу влијаат на тоа се: падот на наталитетот и надворешната миграција, односно иселувањето.
Примерот со Иван и Евица во таа смисла е репрезент на ситуацијата кога родителите не гледајќи иднина за себе и за своите деца, ја напуштаат државата и заминуваат засекогаш.
Тие пред неколку години дадоа отказ на работните места кои не беа според нивната струка, се спакуваа, го напуштија Скопје и се преселија во Австралија. Со нив замина и тогаш двегодишниот Иван кој сега ќе беше прваче во некое од основните училишта во Скопје.
„Јас работев како шанкер, а сопругата во бутик. Двајцата сме со високо образование. Со месечните приходи не можевме пристојно да живееме и затоа заминавме за Австралија. И тука не беше лесно на почетокот, но сега двајцата имаме стабилни и добро платени работни места. Образовниот систем тука е далеку подобар од оној во Македонија и има голема разлика од училиштето во кое учи мојот син и осмолетката ‘Гоце Делчев’, поранешен ‘Ленин’, каде што завршив јас“, вели Иван.
Според официјалните податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС) само за десет години бројот на ученици во основните училишта се намалил за неверојатни 45 илјади или за околу 20 отсто. Од МОН, пак, тврдат дека бројот на ученици се зголемува од година в година.
Во учебната 2006/2007 година во Македонија имало 231.497 ученици во сите паралелки – одделенија. Девет години подоцна, во учебната 2015/2016 година во сите училишта во Македонија, имало вкупно 185.992 ученици. За помалку од една декада бројот на ученици во основните училишта во државата се намали за над 45 илјади деца.
Кога бројот на „загубените“ ученици би го поделиле со временскиот период на кој се однесува, десет години, тоа би значело дека Македонија секој ден губела по 12 ученици.
Во учебната 2007/2008 година беше воведен новиот проект на Владата – деветолетка, а првата генерација ја славеше полуматурата минатото лето. За тоа колку брои првата генерација која ја заврши деветолетката има различни податоци.
„Задолжително деветгодишно основно образование воведено е од учебната 2007/2008 година. Првата генерација ученици со завршено деветгодишно основно образование брои вкупно 21.865 ученици“, ни изјави Ардијана Ќамили од МОН.
Сепак, според надлежното министерство, бројот на ученици во Македонија не опаѓа:
„Според податоците на Министерството за образование и наука споредено во последните неколку години, бројот на запишани ученици во прво одделение има тенденција на раст“, ни кажа Ќамили.
Според податоците на Државниот завод за статистика на први септември 2007 година во основно училиште тргнале 22.403 првачиња. Девет години подоцна таа генерација броела 22.217 полуматуранти според ДЗС, односно 21.865 според МОН. Тоа наведува на заклучок дека во тие девет години 186 односно 538 основци, само од оваа генерација, ја напуштиле државата заедно со нивните родители. Имено доколку мигрирале на друго место во Македонија би биле во податоците на МОН и статистиките на ДЗС.
Начинот на кој МОН се подготвува за наредната учебна година и ги планира активностите, односно потребата од нови паралелки, стручен кадар или училишта е преку матичните книги на новородените.
„Државниот просветен инспекторат секоја година од страна на Централна полициска служба добива податоци за деца родени во годината која одговара на возраста за поаѓање во училиште“, велат од МОН.
Сепак, точно колку првачиња ќе има во секоја општина никој не може со сигурност да тврди поради процесот на внатрешна миграција село – град и град – град како и поради масовното напуштање на државата.
Според нашите извори, голем проблем при утврдувањето на точната бројка на ученици и изготвувањето на статистиките е неажурноста на основните училишта кои некогаш намерно не ги пријавуваат учениците кои повеќе не посетуваат настава, бидејќи за нив добиваат општински и државни пари.
„Како што младите кои ја напуштаат Македонија не се одјавуваат, а должни се да го сторат тоа, така и училиштата не ги пријавуваат децата кои се испишуваат. Тоа се должи на фактот што за секое дете општината исплаќа парични средства на училиштето и добива пари од Буџетот во зависност дали е во урбана средина или не или пак дали таму учат деца со посебни потреби“, вели нашиот соговорник, висок службеник во МОН.
Ана Мицковска Ралева од Центарот за истражување и креирање политики (ЦРПМ) смета дека мора да има повеќе податоци за трендовите на иселување и профилот на иселеници, за да може со сигурност да се потврди колку емиграцијата ги опфаќа и учениците.
„Генералниот тренд на намалување на ученици по генерација (од 1-8/9 одделение) може донекаде да се објасни со трендот на иселување од Македонија. Според Заводот за статистика годишно се иселуваат 700-800 лица, половина од нив се во брак или во репродуктивна возраст, иако реалната бројка на иселеници е веројатно повисока, бидејќи не сите го пријавуваат своето иселување. Сепак, нема доволно податоци за трендовите на иселување и профилот на иселеници, за да може со сигурност да се потврди колку емиграцијата ги опфаќа и учениците, објаснува Ралева.
Во моментов во Македонија има три приватни основни училишта – „Јахја Ќемал“, чија судбина во моментов виси на конец поради новонастаната политичка стотјба во Турција и поврзаноста со Македонија, училиштето „Нова“ и училиштето „Вудроу Вилсон“. Во нив учат околу триста основци во сите генерации.
Во 78 од 80 општини во Македонија ,во последната декада е намален бројот на ученици во основно образование.
Падот на наталитетот и белата чума ги погоди речиси сите општини во Македонија. Падна и митот дека во општините со претежно или доминантно албанско население има зголемен наталитет и голем број деца во училиштата. Како и во источниот дел од Македонија така и таму, училниците се празни или речиси празни. Неколку одделенци учат во една училница, а еден наставник ги држи часовите за прво, второ, трето и четврто одделение.
Перцепцијата дека во општините со претежно или доминантно албанско население наталитетот е во пораст ја негираат и податоците со кои располага ДЗС.
Во таа смисла индикативни се податоците за општините Липково, Гостивар и Дебар, една рурална и две градски.
Така во Липково, општина со доминантно албанско население, кое брои 27.058 жители според стариот попис, има шест основни училишта во повеќе села во кои во моментов учат 3.117 ученици, што е за 36 отсто помалку од учебната 2006/2007 година кога таму имало 4.876 деца. Бројот на првачиња во овие училишта исто така е во пад, па од 513 пред десет години сега има 305 или неверојатни 40 отсто помалку. Овие триста и пет деца се генерацијата 2009 година, кога според официјалните податоци на ДЗС и МВР во општината се родиле вкупно 361 бебе.
Гостивар како општина со претежно албанско население има три основни училишта во градот и уште седум во селата кои спаѓаат во неа. Според официјалните податоци во Гостивар има 81.042 жители по новата територијална поделба. Бројот на ученици во Гостивар е намален за 36,14 отсто, односно од 10.099 во 2006 на 6.449 лани. Истото се однесува и на бројката на нови ученици во прво одделение каде што е намалено за 22,5 отсто, односно од 960 на 744 деца.
Во Дебар, пак, во учебната 2006 година имало точно 3.000 ученици, а сега само 2.066, додека во прво одделение лани се запишало 231 дете што е далеку помалку од 329 колку што ги имало една декада порано.
Трендот е присутен и во податоците од општина Карбинци каде што бројот на ученици во основното училиште „Страшо Пинџур“ е речиси преполовен. Во учебната 2006/2007 година таму учеле 600 деца, а лани имало само 351 ученик. Истото се однесува и на бројот на запишани првоодделенци каде што во истиот период бројот паднал од 120 на 43 деца. Според Државниот завод за статистика во Карбинци во 2010 година имало 62 новороденчиња кои сега треба да тргнат на училиште. Лани оваа бројка падна на 45 новородени деца.
Оваа состојба не е само во малите рурални општини составени од неколку неразвиени села кои се наоѓаат во внатрешноста на Македонија.
Ако се споредат официјалните податоци од 2006 година и лани, во Ресен бројот на ученици во основни училишта е опаднат за 33,42 отсто, а бројот на запишани првоодделенци за 24,22 отсто, во Струга има за третина помалку ученици, а 25 отсто помалку првоодделенци, додека во Тетово има за 21,29 отсто помалку деца во основните училишта и за 8,13 отсто помалку деца запишани во прво одделение.
Слично е и во Велес каде што општината брои 55.108 жители според официјалните информации. Во градот има седум основни училишта и уште три во селата што ѝ припаѓаат на општината. Пред десет години во училиштата во оваа општина имало вкупно 5.559 ученици, а лани таа бројка е 4.441 што е 20 отсто помалку.
Попусто реклами и кампањи на Владата , училниците наскоро ќе зјаат празни. Наталитетот паѓа во целата држава, бројката на новородени деца изминатите дваесет години е намалена за пет и пол илјади.
За магнитудата на иселувањето од градот илустративен е и податокот според кој генерацијата 2007/2008 година во Велес броела 996 првачиња, а од нив само 618 го завршиле основното образование во општината, што наведува дека за деветте години 378 деца со нивните семејства го напуштиле Велес.
Единствени две општини во Македонија каде што е зголемен бројот на ученици во основните училишта се Центар со 1,74 отсто и Вевчани со 11,01 отсто. Гледајќи по одделенија, најголем пораст на запишани првооделенци има во општините Новаци – 32,14 отсто и Росоман – 30,77 отсто, а во Скопје општините Аеродром каде што е забележан пораст од 15,13 отсто и Центар со 14,46 отсто поголем број запишани првачиња.
Според познавачите на оваа проблематика, барем за скопските општини порастот се должи на внатрешната миграција во Македонија и огромниот број луѓе кои од внатрешноста се преселија во главниот град.
Базата на податоци за ученици во основното образование е изработена според податоци од Државниот завод за статистика, обработени од страна на Центарот за граѓански комуникации. Насловната фотографија е на Маја Златевска