„Jaдна е онаа правда што мора да се правда“.
Владимир Булатовиќ-Виб
Што имаат заедничко тепихот и правосудството? Ако треба да им се најде најмал заеднички содржател, тогаш тоа е: чистењето. Тепихот (каков-таков: домашен, персиски, германски), мора да се чисти, ама и правосудството да се про-чистува.
И ова стана толку честа медиумска тема, што таа слика во јавноста почна да наликува на онаа за митските Авгиеви штали. Приказната вели дека биле толку валкани, што никој не се нафаќал да ги чисти, па митскиот јунак Херакле ја добил таа задача.
Но, да ги оставиме митските паралели. Во нашиот случај, симбол за „чистка“ е метлата. Се вади повремено од ќошот или од плакарот (по потреба на политичките состави), само за да се крене прашина (како во вицот кога вештачки се клати возот, само за патниците да имаат чувство дека се возат). Потоа се остава до следна употреба.
За една таква „чистка“ во правосудството, првата асоцијација ми е герила-акција, кога до скулптурата на Јустиција, божицата на правдата, во ресорното Министерство за правда, беше оставена „златна“ метла. Пораката беше недвосмислена: божицата да го подзачисти најважниот сектор во општеството, за кој, со години, се бруи дека е полн со штогоде.
Амбиентот во кој стотици граѓани и фирми не гледаат ажурно и стручно правораздавање, природно е да биде агрегатор на недоверба. Но, сè останува на шушкање, односно на шум.
Елем, подоцна го видовме и тоа чудо: примопредавање на метлата на челниците во правосудството, иако не знаеме каде заврши.
Но и без метла, прочистувањето почна. Од именските фрази. Првин беше гласно најавенo како „ветинг“, па како „реизбор“ и на крај како „прочистување“ или „филтрација“ (како што милувате). Дали тоа се должи на несигурноста на планот или на „ферментацијата“ на идејата, знаат само „идеолозите“.
Бидејќи често се менуваа именките како што минуваше времето, низата може да се збогати и со други: одзатнување или одмастување во судството (како што се валка и замастува тепихот). Не оној од приказната на адвокатот кој потврдил дека наводно таткото на актуелниот министер за правда, како поранешен јавен обвинител побарал и добил тепих како подарок за завршена услуга, туку оној со кој се покриени животите на луѓето што бараат правда.
А покриени се затоа што во пристојна држава не би требало да се задоволиме со „читањето“ на мотивот за дискредитација на министерот, туку со прашањето зошто ваква корупција не била пријавена во институциите? Кусогледи се тие што мислат дека вадењето на оваа случка на ниво на тривија од нафталин ќе ја натера јавноста да дознае дали била навистина завршена работата и каков бил тепихот.
Слична ваква епизода беше обвинителската најава за „тресење од гаќи“ на судиите, која траеше една недела и остана само најава.
Затоа не е изненадување кога обвинителите не се ни обидоа да откријат од каде им истекуваат информациите за записниците од истрагите за еден од поголемите случаи од независноста на Македонија.
Но, токму таквите случки, не само што „зјаат“ како нејаснотија, туку ја продлабочуваат огромната пукнатина од недоверба во правосудството. Затоа оправдан е скептицизмот и прашањето дали зафатов ќе биде превентивен или палијативен.
Актуелен судија, свесен за јавната недоверба во правната држава, во неврзан муабет ми рече: „Какво мнение има за нас судиите во јавноста, ќе почнат да нè тепаат на улица“. И тоа непосредно пред објавата дека Македонија не мрднала од мртва точка кога е во прашање корупцијата.
Многумина ќе речат дека правдата е интимно доживување (секогаш ќе има незадоволни), а правото е сосема друга работа. Да, но и кога е правото во прашање, државата е резерват на децениски нерешени предмети, мрзливи судии, шпекулации за тарифи и врски, чудни унапредувања на судии… Гласно се шушка и за адвокатски лоби-групи, неоткриени службени белешки…
А на „лентата“ се нови и нови приказни за избор на обвинители, судии, нотари… Кој на чие столче ќе седне, кој какви „стебла“ има за поддршка и слично. Така е и деновиве за наследникот на државниот обвинител.
Дали е непримерно да се направи ваква проста математика: Aко само за две години застареле над 3.000 предмети, дали тоа значи дека за десет години застареле 30 илјади предмети?!
Амбиентот во кој стотици граѓани и фирми не гледаат ажурно и стручно правораздавање, природно е да биде агрегатор на недоверба. Но, сè останува на шушкање, односно на шум.
Сите тие луѓе што чекаат правда имаат семејства, нивните семејства имаат пријатели, па пријателите имаат пријатели… Овие концентрични кругови на недоверба репликативно се умножуваат од уво до уво и од уста до уста. Тоа шушкање е всушност неправдата, која некои „лоши“ странци ја мерат во проценти и така ја генерираат сликата за недовербата, а ние тоа велиме дека е перцепција.
Замислете, годинава предметот „Армиско оружје“ во Кривичниот суд ќе одбележи нов „јубилеј“ – 14 години како нема конечна пресуда. А беше најавуван со помпа и со камери како мегаскандал во јавноста. Ова особено ако се знае дека врховните судии им напишале на колегите од првостепениот суд дека единствено точно во пресудата за овој предмет е тоа што им зеле имиња и презимиња на обвинетите.
Ако овој предмет го зафати бранот прочистување, логични би биле следните прашања: Дали за тоа ќе одговараат судиите што одлучувале и се пензионирани, веќе разрешените судии или унапредените во повисоките судови? Како обвинетите во овој случај да одговорат на прашањето дали веруваат во правосудството?!
Кога сме кај „јубилеите“, годинава има уште еден: „Маѓар телеком“. Одбележува 10 години. Без ниту една пресуда.
Веројатно уште поиндикативен е предметот „Ровер“, во кој трипати беа донесувани различни пресуди за истото обвинение. Пресмета ли некој колку пари од буџетот ќе се одлеат за судски трошоци за девет години судење? Или колку пари нè чини пресудата за „Тенковски делови“ за адвокатски услуги за период од 12 години?
Да не нè чуди што Обвинителството за Јавна соба отвора истрага по една година. Па, има многу такви предмети како музејски експонати низ обвинителствата.
Еден таков е со работно бројче 57/13 од 2013 година. Полицијата поднесе кривична пријава за перење пари и злоупотреба на службената положба на стотина страници. По осум години, поминати се сите рокови за одлучување, а конечна одлука дали ќе има истрага, нема. И да, за тоа време едно од делата застарело.
Спорно е дали се доволно „чисти“ и стручни и самите „прочистувачи“? Имаме обвинител кој ја изигнорира одлука на антикорупционерите за судир на интерес, а неговите колеги во тоа го поддржуваат, ама и такви кои во животот не напишале обвинение, а треба да одлучуваат за работата на тие што имаат обвинителска кариера по две децении.
За настаните од 27 април 2017 почнаа да излегуваат осудени од затвор, но за тројцата обвинители за кои има отворено дисциплинска постапка за непостапување, уште се води.
Низата вакви примери е непримерно долга. Поранешните членови на ДИК што си поделија бонуси и беа изложени на јавна критика и поднесоа оставки, станаа судии. Судскиот совет го фалат дека разрешил 10 судии, а се заборава на тоа дека некои од предметите се отворени пред повеќе години.
Изминатите состави на Советот бледо ги изгледаа најконтроверзните епизоди во правосудството. И се вратија во судовите од каде што дошле. Нивните политички хипотеки се приказна, која на секои шест години добива само нови ликови.
Дали е непримерно да се направи ваква проста математика: Aко само за две години застареле над 3.000 предмети, дали тоа значи дека за десет години застареле 30 илјади предмети?!
Неправедно е да се прозива целото правосудство за кабает. Довербата е пеплосана токму затоа што воопшто, или многу ретко се персонализира одговорноста. Честопати слушаме „судот одлучи“, „обвинителството отвори постапка“. За одговорност прозиваме институции, а правда делат луѓе со име и презиме.
Кога прашав обвинител кој несомнено има знаење и искуство зошто не сака да гони организиран криминал ми одговори дека затоа што однапред се знае за кого се „таксани“ местата. Токму затоа оние судии и обвинители што навистина заслужуваат кариерен напредок, многу ретко се пријавуваат на огласите. Им го оставаат небранетиот простор на оние другите (десеттите, наместо првите од листата).
Едно е јасно: на правосудството му е неопходна интервенција, прашањето е каква и дали ова е начинот? Според досега виденото, се чини како со витамини да сакаме да излечиме хронична болест, кога се упатува дека спасот би бил – хируршки зафат.