Репортажи

Заборавени на балканската бегалска рута

Секој наоѓа своја занимација во кампот каде што времето бавно тече | Фото: БИРН

Секој наоѓа своја занимација во кампот каде што времето бавно тече | Фото: БИРН

Околу 300 бегалци, повеќето жени со деца, буквално се заглавени во двата бегалски кампа во Македонија, на Табановце и во кампот „Винојуг“ во Гевгелија. За нив нема ни напред ни назад – откако во март годинава и официјално беа затворени границите за сите бегалци, тие живеат во бегалските кампови, кои веќе се претворени во мали села.

Сите се знаат меѓусебно, заедно ручаат, разговараат. Додека децата им одат во импровизираната градинка, жените плетат на клупите, перат алишта, чистат или се шетаат низ кампот. Секој наоѓа некаква занимација, бидејќи времето бавно поминува кога движењето е ограничено, а иднината неизвесна.

Дел од нив се тука со месеци, а дел пак, се фатени како нелегално преминуваат од Грција во Македонија и се донесени во камповите. Овие луѓе кои потекнуваат од посиромашните слоеви не можат да го продолжат патот и од формални и од неформални причини. Правната пречка е тоа што границите се затворени, па единствениот начин да се продолжи патот се нелегалните преминувања од држава во држава, додека не стигнат до посакуваната дестинација. Од друга страна, дури и да тргнат кон таков ризик, најголем дел од нив немаат пари за да го продолжат патот, па нивни единствен дом станува бегалскиот камп.

Четиримесечната Марија расте во бегалски камп

„Здраво, како сте“, беа зборовите што нè дочекаа во бегалскиот камп „Винојуг“ во Гевгелија, а ги изговори дете на околу 7 години, бегалец од Сирија.

„Голем дел од нив веќе го научија македонскиот јазик. Имаме градинка, па сега веќе децата што се во кампот научија и да бројат на македонски, знаат да си побараат вода, ги научија основните термини“, ни рече еден од вработените во Црвениот крст.

Во импровизираната градинка во „Винојуг“ децата го учат македонскиот и англискиот јазик | Фото: БИРН

Во импровизираната градинка во „Винојуг“ децата го учат македонскиот и англискиот јазик | Фото: БИРН

Иако дел од бегалците веќе се при крајот на трпението, сепак, не може да се избегне чувството дека луѓето веќе се привикнуваат на правилата и начинот на живот во кампот. Се знае кога е појадокот, потоа ручекот и вечерата. Секое семејство си има свој „дом“, климатизирана монтажна барака. Децата одат во градинка, имаат сала за пинг-поинг, сателитска телевизија со арапски канали… Волонтерите од невладините организации кои работат во кампот, ја знаат судбината на секој бегалец. И не само тоа, тие го знаат нивниот карактер.

„Немојте да одите кај таа жена. Има љубоморен сопруг, почекајте да дојде и тој, па потоа направете ѝ интервју“, ни рече еден од волонтерите кога сакавме да пристапиме до една од бегалките.
Таков проблем немавме кога се сретнавме со 28-годишната Зенеп Хаси, од Алепо, Сирија. Нејзиниот сопруг е во Германија, а таа не успеала да стигне – била во последната група бегалци кога се затворија границите, била затекната на македонска територија и оттогаш е тука.

На преубавото лице на Зенеп се рашири насмевка кога ја замоливме да ни одговори на неколку наши прашања.

„Само да ѝ дадам храна на ќерка ми и ќе дојдам“, ни рече.

За десетина минути, од својот импровизиран дом таа излезе со својата ќерка – четиримесечната Марија, облечена во убава и чиста розова облека.

Begalka Sirija

Четиримесечното бебе не знае за друг живот освен за бегалскиот камп | Фото: БИРН

Во својот краток живот, Марија не знае за ништо друго, освен за бегалскиот камп во „Винојуг“. Тука е родена, на клиниката во Скопје, а во бегалскиот камп „Винојуг“расте веќе 4 месеци. Пелените ѝ ги повиваат на дрвени клупи. А таа не заплака ниту еднаш во тој еден час што го поминавме со неа и со нејзината мајка Зенеп. Напротив, постојано се смееше.

Бегајќи од војната во Сирија, Зенеп тргнала на пат во осмиот месец од бременоста.

„Бев сама, јас и мојот син, 4-годишниот Хусан. Сопругот претходно замина, успеа да стигне до Германија и сега има германски пасош и лична карта. Мене ме одбија кога поднесов барање за азил. Не ми е јасно зошто, во образложението на германската полиција пишува дека не сум го знаела јазикот и дека не сум била погодна мајка. Како можат да го знаат тоа кога никогаш не ме виделе?!“, прашува таа и додава дека нејзиниот сопруг веќе ангажирал адвокати за да се обиде да го обжали решението на германските власти и да ја повлече својата сопруга во Германија.

„Тука не ми е лошо, луѓето се добри со мене. Но, јас само сакам да стигнам до мојот сопруг, ништо повеќе. Понекогаш губам трпение и нерви, но ова малечко суштество и мојот син ми ја даваат сета сила на светов.“

Со ништо Зенеп не оддаде впечаток дека е на работ на трпението. Напротив, оваа жена која до пред половина година во својата земја работела како физиотерапевт, беше толку смирена, а истовремено и убедена дека сè ќе биде во ред.

„Винојуг“ го чекаат нови жители – неколку жени се во поодмината бременост

Бројот на „жители“ во „Винојуг“ несомнено ќе расте. Во бегалскиот камп има неколку жени кои се во поодмината бременост, а дел се соочуваат и со здравствени проблеми.

Двесет и седумгодишната Гулехин Хусаини од Авганистан пред десетина дена самата се пријавила во „Винојуг“. Била во седмиот месец на бременоста, а со двете деца се движела нелегално низ македонска територија, обидувајќи се да стигне до Србија, а потоа до Холандија. Не успеала, бидејќи почнала да крвави.

„Морав да побарам помош. Полицијата дојде и лошо се однесуваше кон мене, но кога им ја покажав крвта се смилуваа и веднаш ме донесоа во кампот, а потоа во болница“.

Begalka Avganistan

Бегалскиот камп „Винојуг“ ќе има принова – Гулехин Хусаини од Авганистан треба да се породи за 2 месеци | Фото: БИРН

Плодот на Гулехин е спуштен и таа мора да мирува. Одмор најверојатно ѝ е потребен и од многу други причини. Оваа жена, која во Авганистан била модна дизајнерка, сега изгледа како да го носи на плеќи сиот свет.

„Имав ситуација кога цели 18 саати пешачев без престан. Патувавме 2 месеца, а поминавме 15 дена низ планини. Имавме само бисквити, кои ги делевме, за да имаме по една за сабајлето, а по една за вечерта.“

Таа и нејзините две деца навистина поминале многу. Биле жртви на криумчари, закани, изнуди на пари.

„Со мене немам ама баш ништо. Бразлетни, обетки, пари, буквално сè ни зедоа. Овој пат, мене и мојата мајка, која сега е во Србија, нè чинеше повеќе од 9 илјади евра“.

Нејзиниот сопруг ја чека во Холандија. Но, сè поизвесно е дека тие нема да се видат наскоро. Доколку сè биде во ред, таа ќе се породи во Гевгелија или во Скопје, а ако побара азил ќе биде дислоцирана во Визбегово. Доколку не побара, пак, ќе остане во бегалскиот камп.

„Не сакам да останам во Македонија, нема да барам азил. Ми кажаа дека тука лошо се живее. Сакам да бидам со мојот сопруг во Холандија.“

До неа седи нејзината 13-годишна ќерка Фаришта. На течен англиски јазик таа ни вели:

„Моето име во превод значи ‘ангел’“ и низ смеа додава:

„Мајка ми ме родила кога била колку мене, ама јас решив да не се мажам толку рано, дури кога ќе наполнам 25 години“.

Во текот на нашиот разговор, Гухеин беше убедена дека ние можеме да ѝ помогнеме.

„Ве молам сторете нешто да ме однесат на нормална клиника, да ме прегледаат доктори. Плодот е спуштен, со раката можам да го допрам главчето на бебето, страв ми е да не му се случи нешто. Поминав низ сешто, ама нема да можам да пребродам ако го загубам.“

Од медицинските екипи на терен добивме информација дека Гухеин редовно добива медицински третман и дека ќе биде во ред, само доколку мирува и редовно ја прима препишаната терапија. Доколку сè биде во ред, за два месеца, „Винојуг“ ќе добие уште еден жител.
Жител, на кој буквално не може да му се предвиди судбината, бидејќи ќе биде заглавен на туѓа територија, во бегалски камп. До кога, никој не може да предвиди.