Раздвижено беше денеска (15.6) во зградата на македонската влада. Премиерот Заев, иако зафатен со куп обврски, состаноци и телефонски разговори, сепак одвои време за разговор со БИРН, пред историскиот настан што го очекуваат Македонија и Грција. Кабинетот на премиерот и придружните тимови засилено работеа на последните подготовки за церемонијата на која ќе биде потпишан договорот, во постојани телефонски консултации со нивните колеги од Кабинетот на Ципрас. Премиерот Заев веднаш ги расчисти дилемите каде ќе се потпише историскиот договор помеѓу Македонија и Грција.
„Беше предложена, и остана – Преспа. Во мое, и во присуство на премиерот Ципрас, и други министри во двете влади, Договорот за конечно решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство помеѓу двете земји ќе го потпишат двајцата министри за надворешни работи. На церемонијата се поканети и доаѓаат високи гости и наши пријатели од ЕУ и од ООН, од кои добивавме целосна поддршка низ прoцесот“, вели премиерот.
Церемонијата ќе се одржи во недела и ќе има две содржини.
„Потпишувањето на договорот ќе се случи на грчката страна на езерото, а официјалната средба и ручекот со делегацијата на грчката влада и со гостите ќе биде на нашата, на македонската страна. Очекувам овој настан да биде и да остане симбол на поврзување во регионот и пошироко“, вели Заев.
Иванов не ја препозна перспективата
Искрениот и тежок дијалог, и повеќемесечните напори за решавање на спорот дадоа резултати. Она што остана „темна дамка“ на домашен терен, е отсуството на дијалог од страна на претседателот Иванов, односно „неславните 120 секунди“ што завчера им ги посвети на премиерот и на шефот на дипломатијата.
„Претседателот Иванов, за жал, не успева да ја види, да ја препознае перспективата што се отвора за нашата земја, а притоа не сака да поддржи решение со кое се јакне и се признава идентитетот, како никогаш досега. Добиваме кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонци, Македонец, Македонка, македонско. Како дома, така и во странство. Преведено, без ограничувања на сите јазици во светот. Идентитет за севкупна употреба. Конечно, Република Грција го призна нашиот идентитет. Јазикот ќе се користи слободно секаде, во ОН, НАТО, ЕУ, во сите официјални институции, активности и настани. Гледате, не им е лесно и ним, се соочуваат со интерпелација, со протести. Не се лесни компромисите, но кога ќе се направат со заднички напор носат прогрес“, вели Заев.
Добиваме кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонци, Македонец, Македонка, македонско. Како дома, така и во странство. Преведено, без ограничувања на сите јазици во светот. Идентитет за севкупна употреба.
Но, кога станува збор за Иванов, проблемот не е само во отсуството на сенс за значењето на договорот.
„За жал, претседателот Иванов не само што не го гледа тоа, или не сака да го прифати, сеедно, туку со својот настап и речник овие денови поттикнува нови делби, поттикнува конфликт во македонското ткиво. Тоа не е одлика на еден претседател кој треба да биде претседател на сите граѓани и кој треба да повика со внимание и разумно да му се пристапи на договорот“, укажува премиерот.
Притоа потсетува дека со овој договор јасно и транспарентно се утврдуваат чекорите според кои се предлага тој да биде реализиран.
„Во договорот недвосмислено стои дека конечната одлука ќе ја донесат граѓаните – на референдум. Иванов со своето однесување, практично, им го порекнува тоа право на граѓаните, на сите граѓани. Кој му го дава тоа право?“, прашува премиерот.
Јавноста речиси и нема евиденција колку километри се изминаа за потребите на бројните рунди преговори, колку часови поминаа во тешки преговори, и со колку разговори преговарачите го дочекаа утрото.
„Премногу е вложено за да стигнеме до овој договор. Овој договор не е на Зоран Заев, на Никола Димитров, на Владата. Овој договор е создаден во името на највисоките национални интереси на граѓаните на нашата земја, за граѓаните на нашата земја, и им е даден за да одлучат самите тие. Република Македонија конечно го добива својот имотен лист како земја, како држава на која ѝ се оддава целосно признание за нејзиниот суверенитет, со лична карта со полн – македонски идентитет. Заради сето тоа, јас нема да дозволам некој да шета наоколу и со манипулации и лаги да го плаши народот, да се заканува и да му оневозможува на народот да си донесе одлука за својата македонска иднина“, дециден е премиерот.
Тврди дека до крај останува целосно посветен, со сиот негов жар да укажува на фактите кои овој договор го прават решение за најголемиот проблем што го кочеше развојот на земјата од независноста до денес.
„Нема веќе камен околу нашиот врат, нема товар на плеќите. Нема кочници за нашите аспирации. Сега колку можеме да постигнеме во иднина, зависи само од нас. За жал, Иванов не смогна сили да се извлече од сенката, или од притисокот што над него го прават оние кои веќе се тажно минато. Иванов е на иста линија со пораките од протестите пред Собранието… Нема да дозволиме нов 27 април…“, порачува премиерот.
Отворена покана
Го прашувам премиерот, дали претседателот Иванов во меѓувреме им се извинил нему и на Димитров за однесувањето во претседателската резиденција при последната средба.
„Не. Немаме никаков конкакт од тогаш“, кусо одговара Заев.
А токму Иванов даде забелешка до бугарскиот премиер Бојко Борисов, дека со неговото откажување на средбата со македонскиот претседател, покажал дека не го почитува дијалогот како демократска, европска вредност. Може ли Иванов да зборува за стандард кој воопшто не го практикува дома, особено кога одби да разговара за решенијата од историскиот договор?
Со чист образ застануваме пред Светите Кирил и Методиј, Светите Климент и Наум, пред Крсте Петков Мисирков, пред Гоце Делчев, пред Кочо Рацин, пред Блаже Конески. Нема веќе ФИРОМ. Македонскиот јазик или македонскиот народ повеќе нема да биде оспорен пред ниту еден меѓународен форум или настан. Свои сме на своето, и тоа конечно e признаено од сите наши соседи, од Република Грција и од меѓународната заедница.
„Целиот демократски свет, сите наши пријатели, партнери и поддржувачи порачаа дека овој договор е чекорот со кој нашата земја станува дел од европското и светското заедништво. Сите ни најавија отворено добредојде во НАТО и ЕУ. А нашиот претседател не сака ниту да разговара за содржината во договорот. Ако сакам да одам и со политичка поента, можам да кажам дека тој, и другите што не сакаат да ги видат визионерските решенија во договорот за иднината на нашата земја и за нашите граѓани, всушност се опираат на соочувањето со сопствениот пораз. Тој, или неговите истомисленици, претходни и актуелни, не можат да се соочат со фактот дека 30 години беа политички неинвентивни, споредни актери во решавањето на ова прашање. Улога што сами си ја определија – намерно или несвесно, сеедно. И сега, наместо да бидат дел од иднината, тие избираат да останат во матните премрежија на минатото. Сакаат да продолжи агонијата на нацијата“, оценува премиерот.
Но, и покрај тоа, Заев на сите им подава рака.
„Останувам со отворена покана сите заедно и разумно, со поглед свртен кон иднината, да им пристапаме на потенцијалот и на перспективата што се отвораат со овој договор. Тоа се моите пораки до Иванов, и до другите собрани околу оваа негова штетна, многу штетна определба, со која се обидуваат да им ја укинуваат иднината на сегашната и на сите идни генерации Македонци“, порачува Заев.
Имаме победнички концепт
И додека премиерот испраќа пораки за обединување околу перспективите на Македонија, на протестите пред парламентот повторно дефилираат луѓе во фантомки исто како и на 27 април 2017 година, опремени со молотови коктели, со повици за „чиста Македонија“ и други изливи на националистичка реторика. После сите влогови за Македонија како едно општество за сите, можат ли ваквите протестни активности да го поразат тој обединувачки концепт?
„Тој концепт никогаш не може да биде поразен. Затоа што концептот ‘Едно општество за сите’ во својата суштина е победнички. Го повикувам Иванов да се изјасни дали е тој истомисленик со повиците на протестите што се организираа веднаш по неговата прес-конференција? Дали се согласува со повиците со смртни закани кон нашите сограѓани? Го повикувам да се произнесе дали се согласува со повикот ‘Чиста Македонија’? Нека им објасни на граѓаните зошто треба да се чувствуваат загрозени за нивната безбедност? Зошто мораат да ги читаат заканите за нивните животи? Затоа што изнеле свое мислење? Нека им го каже неговиот став за овие прашања на сите граѓани, а посебно на оние што беа собрани пред парламентот и што фрлија молотови коктели кон зградата на парламентот. Оваа Влада нема да дозволи уште еден 27 aприл. Доста е“, категоричен е Заев.
Го повикувам Иванов да се изјасни дали тој е истомисленик со повиците на протестите што се организираа веднаш по неговата прес-конференција? Дали се согласува со повиците со смртни закани кон нашите сограѓани? Го повикувам да се произнесе дали се согласува со повикот „Чиста Македонија“? Нека им објасни на граѓаните зошто треба да се чувствуваат загрозени за нивната безбедност? Зошто мораат да ги читаат заканите за нивните животи?
Вели дека како никогаш досега, најсилен е поривот низ дебата, низ убедувања, низ соочување на аргументи, низ јасно разјаснување што е добро и што е лошо, со сите сили да се работи на афирмација на животот и на вредностите на концептот „Едно општество за сите“.
„Историјата потврди, нашата современост докажува секој ден – национализмот ништо добро не ѝ донесе на нашата земја. Имаме општество во кое гледам дека граѓаните се обединуваат околу постигнатиот договор за името, и околу хоризонтот што ни се отвора“, вели премиерот.
Прашањето е дали и опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе се приклучи на тој хоризонт, и дали ќе ги сфати придобивките од договорот за иднината на земјата?
„За жал, првите реакции на ВМРО-ДПМНЕ говорат дека челниците на партијата немаат капацитет да ги видат тие придобивки. Иако од таму се јавија и разумни гласови. Треба да ја прифатат шансата да затвориме едно трауматично поглавје од нашата историја. Да препознаат дека имаме шанса. Еве, јас ги повикувам уште еднаш да си ги постават следните прашања: Дали го изгубивме зборот ‘Македонија’ од името на државата? Дали го задржавме означувањето на јазикот како ‘македонски јазик’? Дали националноста е јасно определена како ‘македонска’? Дали е јасно определена дистинкцијата помеѓу словенското наследство што во себе го носи одредницата ‘Македонија’, и хеленското наследство? Дали денеска сме помалку Македонци од вчера? Дали договорот ни ги отвора портите на НАТО и ЕУ? Дали Македонија треба да влезе во НАТО и во ЕУ? Дали сегашните и идните генерации заслужуваат подобар живот?“ прашува премиерот.
Но, и финишира со последното.
„Ако искрено се соочат со одговорите на овие прашања, дали се подготвени да се соочат и со себеси, и да си одговорат на најважното прашање: Дали сме подготвени партиските интереси да ги оставиме зад себе во име на нашите национални стратегиски интереси и да бидеме дел од иднината? Овие одговори им ги должат на сите граѓани на нашата земја“, вели Заев.
Пријателство со Грција
Премиерот се залага за искрено пријателство меѓу земјите и меѓу политичарите. Таков однос гради и со грчкиот колега Алексис Ципрас.
„Пријателството расте и се развива, од моментот кога се запознавме и особено сега кога постигнавме историски договор. Верувам дека моето пријателство со Ципрас ќе биде водилка за македонско-грчките односи во иднина. Најважно е нашето стратегиско партнерство за кое ќе потпишеме договор, да се преточи во уште поголемо секојдневно пријателство на граѓаните на двете земји за кои сите знаеме дека се во постојан контакт. Врие од Македонци на плажите во Грција, врие од Грци во рестораните во Гевгелија, Дојран и Битола. Ете тоа пријателство ќе го јакнеме“, вели Заев.
Во овие моменти, кога Македонија и Грција се пред потпишување на историско решение, а кое Заев го смета за „решение на сите наши, вековни стремежи“, има неколку пораки до граѓаните.
„Со решението го јакнеме идентитетот македонски: македонски јазик, македонски народ, Македонец, Македонка, заштитени и зајакнати, еднаш засекогаш. Со чист образ застануваме пред Светите Кирил и Методиј, Светите Климент и Наум, пред Крсте Петков Мисирков, пред Гоце Делчев, пред Кочо Рацин, пред Блаже Конески. Нема веќе ФИРОМ. Македонскиот јазик или македонскиот народ повеќе нема да биде оспорен пред ниту еден меѓународен форум или настан. Свои сме на своето, и тоа конечно e признаено од сите наши соседи, од Република Грција и од меѓународната заедница“, порачува премиерот.
Притоа, цврсто е уверен дека добиваме нов пријател.
Ги повикувам ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш да си ги постават следните прашања: Дали го изгубивме зборот „Македонија“ од името на државата? Дали го задржавме означувањето на јазикот како „македонски јазик“? Дали националноста е јасно определена како „македонска“?
„Градиме пријателство со Грција, од каде некои ни порачуваа дека не прифаќаат ни М од Македонија. Сепак, во актуелната влада во Грција препознавме силни поддржувачи, партнери и сојузници. Трасираме пат за заедничко стратешко партнерство. Издигнавме пријателство помеѓу двете земји и двата народи, пријателство кое никогаш не било поголемо. Сакам да им порачам на сите наши сограѓани: Во наши раце е клучот за отворање на европската перспектива за економски развој и подобар живот за граѓаните. Перспектива и место во заедницата на европските народи, за најдобра заштита на достоинството, идентитетот и иднината на македонските граѓани. Кога сите мислеа дека нема излез, ние се одваживме, и тргнуваме напред! Еднакви со другите во регионот, ја отвораме како никогаш досега можноста да бидеме рамноправна членка во НАТО и ЕУ. Да седиме рамо до рамо со најсилните и најразвиените“, набројува премиерот.
На крајот премиерот порачува – наместо да му робуваме на минатото, да одиме кон иднината: „Македонската иднина сега е во наши раце и зависи само од нас, од нашите граѓани. Нема веќе пречки за просперитет, да ја зграбиме оваа историска можност и конечно по децении да прогласиме национален успех!“