Регион

Загрозен е планот Хрватска до 2026 година да биде земја без мини

Деминерите сметаат дека реализацијата на целта, земјата да биде исчистена од мини до 2026 година, е доведена во прашање, поради кратењето на владините финансиски средства

Хрватските деминери, кои работат на отстранување на мините останати од војната во 90-тите, денеска организираа протест пред зградата на Владата, бидејќи, како што велат, се плашат за своите работни места.

Некои области во Хрватска сè уште се контаминирани со неексплодирани убиствени средства, од кои, од 1996 година, смртно настрадаа 203 лица, меѓу кои 38 деминери. Владината стратегија за отстранување на мините, предвидува, Хрватска целосно да биде исчистена од мини до 2026 година.

Сепак, Новиот синдикат, кој ги претставува деминерите, ја обвини Владата дека не работи на деминирање на територијата онолку колку што е потребно, заради што, поради недостиг на работа, 70 деминери беа отпуштени.

Синдикатот посочува дека не е задоволен од исходот од разговорите со Министерството за внатрешни работи и приватните фирми за деминирање, и бара од властите, во наредните години, да го зголемат обемот на работа и, како резултат на тоа, да се заврши процесот на расчистување на мините во Хрватска.

Марио Ивековиќ, од Новиот синдикат, ја опишува целата ситуација како „апсурдна“.

„Зошто мора да протестираме Владата да го спроведе својот план, зарем тоа не е малку смешно?“, праша Ивековиќ.

„Не е лесно да се создаде деминер преку ноќ“

Машина за деминирање во Хрватска. Фото: Викимедија Комонс/Сурадник13

За време на војната во Хрватска, 1991-1995, фокусот на деминирање беше насочен кон потребите на борбените операции и создавањето услови за безбедно движење на луѓето.

По завршувањето на војната, во 1996 година, Хрватска донесе Закон за деминирање, а две години подоцна, за извршување на оваа задача, беше формиран и Хрватски центар за деминирање.

На крајот на 2002 година, беше проценето дека приближно 1.700 квадратни километри територија (од вкупно 56.594 квадратни километри хрватска територија) се контаминирани со мини.

Од хрватското Министерство за внатрешни работи, за БИРН посочија дека денес, според претпоставките, со мини се контаминирани 290,5 квадратни километри територија, „во осум области – 49 градови и општини“.

„Со цел да се намали површината, за која постои сомневање дека е минирана, се планира, во Република Хрватска, во 2020 година, да се спроведат операции за деминирање на 32,7 квадратни километри“, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.

До крајот на август годинава, е расчистена површина од 20,7 квадратни километри.

„Оваа година, операциите за деминирање се одвиваат според планот, освен во периодот од 23 март до 11 мај – 50 работни дена – кога беа привремено суспендирани поради епидемијата предизвикана од корона вирусот“, додаваат од Министерството за внатрешни работи.

Сепак, според Ивековиќ, за да можат околу 600 деминери да заработат целосна плата, но и за да се постигне крајната цел – Хрватска без мини, потребно е, секоја година, да се расчистуваат најмалку 45 квадратни километри територија.

Тој објаснува дека пред 20 години, со деминирање се занимавале државни фирми и институции, но дека сега овој процес е приватизиран, па денес приватни компании аплицираат на тендерите за деминирање на хрватското Министерство за внатрешни работи.

Тој нагласува дека во моментов има над 50 приватни регистрирани фирми кои работат на деминирањето и дека има повеќе работници отколку што Владата има работа.

Ивековиќ додава дека синдикатот се плаши оти може да биде загрозена имплементацијата на планот за целосно расчистување на територијата на Хрватска од мини до 2026 година, доколку работодавците продолжат да отпуштаат работници.

„Што ќе се случи ако тие 70 лица (кои веќе се отпуштени) заминат на работа во Германија, затоа што во моментов немаат работа тука? Постои специјална обука за деминери, не е лесно да се создаде деминер преку ноќ“, објаснува тој.

Според него, има уште два проблеми кои бараат внимание. Првиот се пензиите на деминерите, кои изнесуваат околу 400-460 евра, сума што тој ја смета за „навистина неприфатлива“. Вториот е тоа што деминерите ќе ја изгубат својата работа, кога територијата на Хрватска ќе биде исчистена од мини, и затоа е потребно да се осмисли стратегија за да се задржат овие работници во системот или тие да бидат оспособени за работа на други работни места.

„Во секој случај, сметаме дека премиерот и министерот за финансии, треба лично да бидат вклучени во решавањето на овој проблем … Ова е работа што мора да се заврши за неколку години“, вели Ивековиќ.

Несреќите се намалени, но опасностите сè уште постојат

Хрватското Министерство за внатрешни работи информира дека во оваа земја има уште околу 20.300 мини и други неексплодирани убиствени средства, „особено во областите каде за време на Татковинската војна се водеа интензивни борбени операции“.

Министерството верува дека најмногу ги има во Личко-Сењската, Сисачко-Мославинската и Карловачката област, кои се наоѓаат долж границата со соседна Босна и Херцеговина.

Ова е област каде што во моментов има илјадници мигранти и бегалци кои сакаат да влезат во Хрватска, со цел да заминат во западна Европа. Босна и Херцеговина, според извештаите, е една од земјите со најмалку расчистена територија од мини.

Од почетокот на војната во 1991 година до оваа година, во експлозија на мини во Хрватска се повредени вкупно 2.009 лица, од кои 523 случаи со фатален исход.

Во повоениот период, од 1996 година до денес, забележани се 598 инциденти, од кои 203 завршиле со смрт. Во овие инциденти имало и деминери – 131, од кои 38 загинале.

Според Министерството за внатрешни работи, последниот фатален инцидент се случил во октомври 2016 година, кога во Бродско-Посавската област загинал деминер, 2017 и 2018 поминале без инциденти, две лица биле повредени во 2019, а едно оваа година.

Мато Лукиќ, поранешен деминер, роден 1966 година, е еден од оние кои биле повредените во експлозија на мина.

„На 19 август 2001 година, во населбата Урије кај Лички Осик, ја деминиравме трасата на автопатот и во шумичка на делот од градилиштето згазнав на противпешадиска мина ПМА-2 и ја изгубив десната нога“, вели Лукиќ за БИРН.

По несреќата, тој работел во приватни фирми за деминирање и бил ангажиран во здружението кое им помага на жртвите од мини. Денес работи во одделот за технички надзор на Хрватскиот центар за деминирање.

Тој посочува дека безбедносните услови се подобриле во последниве години: „Машините (за деминирање) одат напред (пред деминерите), вегетацијата мора да биде исчистена … помалку деминери се повредени, со оглед на опасностите при работата“, додава тој.

Деминирањето е опасно, но ризиците може да се минимизираат, објаснува Лукиќ.

„Можете да видите дека има многу повеќе жртви по градилиштата или на трактор, отколку во минските полиња. И ако сте експерт … ако се придржувате до безбедносните услови, ако користите заштитна опрема и ги користите сите методи за да ги неутрализирате опасностите што ве очекуваат, тоа е работа како и секоја друга“, нагласува тој.

„Треба само психички да се подготвите и секогаш да бидете информирани“, додава Лукиќ.

Тој ни објаснува дека земјоделските области низ целата земја се исчистени и дека мините сега најчесто се наоѓаат во шумите, по ридовите и на планините.

Иако верува дека Хрватска ќе ја исполни својата цел во врска со деминирањето на целата територија, тој смета дека земјата нема да биде „апсолутно безбедна“ кога станува збор за случајните експлозии, бидејќи, како што посочува, и денес можат да се најдат мини од Втората светска војна.