Законски измени наменети за ослободување на конкретни луѓе. Вака ги коментира судија за БИРН предложените законски измени во Кривичниот законик, кои, како што вели, како да се насочени директно кон обвинети што треба да бидат ослободени од одговорност преку побрзо застарување на делата.
А речиси и да нема обвинение од поголемите случаи на поранешното специјално јавно обвинителство што не би било погодено од овие итни законски измени.
Од набавката на опремата за УБК во предметот „Трезор“, потоа предметот за градбата на автопатиштата „Траекторија“, до случајот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, двата предмета „Талир“…
Но, тоа не е сѐ. Погодени од овие промени би биле и отворените истраги, како на пример за проектот „Скопје 2014“, во кој, едно од делата е злоупотреба на службената положба и овластување.
Тоа значи дека голем број поранешни функционери би се офајдиле од предложените измени. За нив веднаш или за кратко време би запрел кривичниот прогон. Трошоците за водењето на судските постапки би паднале на товар на државниот буџет.
Со предлог-законот се бришат ставови и се пропишуваат пониски казни за кривичните дела сторени со корупција.
Некои од случаите би требало да бидат затворени веднаш штом се изгласаат измените. За други, пак, значително се намалува времето на застарување.
За протнување слични законски измени, со кои се интервенира во казнената политика, веќе еднаш во 2018 се кренаа на нозе граѓанските организации, и по притисокот од јавноста и законските измени не поминаа онака како што беа предложени во парламентот.
Ургентни измени (со европски ѕвездички)
Додека работната група при Министерството за правда подготвува целосно нов Кривичен законик, се појавиле „одредени ургентни прашања“, поради кои, владата на пратениците им предлага измени по скратена постапка.
Тие измени се предлагаат додека да се донесе целосно нов Кривичен законик и според образложението, со нив се усогласуваат одредбите со меѓународните стандарди.
Со ова објаснување и со потпис на премиерот Димитар Ковачевски, законските измени на 40-тина страници, на кои го има европското знаменце, влегоа во парламентот.
Ова би биле 40-те промени откако е донесен Кривичниот законик во 1996 година. Нив ќе ги брани заменичката на министерот за правда, Викторија Аврамовска-Мадиќ.
Покрај другите промени, кои воведуваат ново кривично дело екоцид, или безобѕирно управување со возило, како и доуредувањето на проширената конфискација, потрес во кривичната правда ќе предизвика промената на членовите за злоупотреба на службената положба и овластување.
Тоа се оние членови што влегуваат во корпусот кривични дела сторени со корупција, а кои се против службената должност и против јавниот ред.
Со измените, всушност, се рекомпонира целиот член за злоупотреба на службената положба и овластување. Службената положба нема да се злоупотребува со искористување, туку само со пречекорување на овластувањата или со неизвршување на службените дејствија.
Членот 353
Но, клучна измена е бришењето на ставот 5 од членот 353.
Овој фамозен став 5 се однесува на злоупотреба на службената положба, со која е предизвикана штета на буџетот. За неговото реформирање одамна има академска дискусија, но додека нема друго решение што би било замена за постојното, најголемиот дел од обвиненијата на СЈО се поднесени токму според постојниот член 353.
Уставниот суд веќе се изјаснувал за членот 353 во 2007, во 2009 и во 2018 година и не повел постапка за уставноста.
Членот 353 постои во Кривичниот законик 19 години. Воведен е во 2004 година, а со измени во 2009 година, биле заострени затворските казни на најмалку 5 години затворска казна, а максималната казна е 20 години затвор.
Сега власта предлага бришење токму на петтиот став.
Ако поминат измените, сите случаи што се водат по овој член и став ќе будат загрозени, бидејќи, според начелото во кривичната правда, за обвинетите се применува поблагиот закон. А за обвинетите овие одредби се поповолни.
Со измените се намалува и пропишаната затворска казна и во ставот 3, па наместо меѓу 3 и 20 години затвор како што е сега, се пропишуваат од една до максимум 4 години затвор. Тоа значи дека за повеќе од половина се крати времето за застарување на делата и поголема е можноста за добивање условна казна.
За кривични дела што се под пет години затвор не ќе може да се применуваат посебни истражни мерки во случаи кога станува збор за ваков вид кривично дело.
Се менува и членот 394 за злосторничко здружување.
Таму се намалуваат казните, или како што пишува во законот, зборовите „до десет години“ се заменуваат со зборовите „до три години“. Скратени се казните и во вториот став на овој член, па наместо „од шест месеци до пет години“ затвор ќе се одговара „до две години“.
Ќе се офајдат обвинетите функционери
Талир 1, Талир 2, ТНТ, Титаник… Во сите овие предмети на СЈО, обвинет е поранешниот премиер Никола Груевски.
Но, тој може да биде обвинет дури е во сила постојниот Кривичен законик. Ако бидат усвоени новите законски измени, во многу од овие предмети за него би настапила апсолутна застареност на кривичното гонење.
Па така, со законските измени, Груевски нема да одговара во ниеден од двата предмета „Талир“, кои се однесуваат на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и за градбата на партиското седиште.
Едниот предмет е во фаза на судење, а другиот, во кој неправосилно е осуден Груевски, е пред жалба во Апелациониот суд. Доколку се усвојат измените, тој би куртулил од прогон и во двата случаи.
Еден од предметите за кој би настапила застареност е и „Траекторија“ за противзаконскиот избор на изведувач за изградба на автопатските делници Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип. Штетата на буџетот, што обвинителството пред судот докажува дека ја направиле обвинетите, е 155 милиони евра.
Таму обвинетите ги презеле дејствијата во 2013 година. Со постојниот Кривичен законик, делото апсолутно застарува за 40 години, односно во 2053 година. Но, ако се усвојат новите измени би застарело годинава во октомври, бидејќи апсолутната застареност што се предлага е 10 години.
Предметот се суди од 2017 година. Неколкупати почнуваше одново, а до денес нема првостепена пресуда.
Законските измени би биле одлучувачки во предметот со масовното прислушување „Таргет-Тврдина“. Со членот 353 и ставот 5 се обвинети четворица. Идентичен е случајот со предметот „Тарифа“ за противзаконската набавка на софтвер за ЕЛЕМ.
Чиј е спорниот предлог?
„Реликт од казненото законодавство во поранешна Југославија“, стои во образложението за потребата од бришење на овој став. Главната „мана“ на овој член е дека станува збор за „апстрактна инкриминација“, што придонесува кон „различно толкување во нејзината примена“.
Со други зборови, предлагачите имплицираат дека членот е некаква „корпа“, која ги собира сите злоупотреби на функционерите што, пак, остава можност за широко толкување.
Во образложението како пример се посочува Германија, каде што во Кривичен законик не постои вакво кривично дело.
„Сите членови се усогласени со работната група“, рече заменичката на министерот за правда, Викторија Аврамовска-Мадиќ за БИРН.
Овие предложени измени биле ставени за коментирање на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), но бидејќи поминале на седницата на владата на 29 август, текстот бил повлечен и пратен во Собранието.
„Оваа верзија се приближува кон она што ќе биде решение во новиот Кривичен законик“.
Мадиќ рече дека ќе ги брани овие предложени измени, бидејќи „верува дека се добри“.
Но, тројца проминентни членови на работната група за измена на Кривичниот законик, судија, обвинител и универзитетски професор, се изненадени од ваквиот предлог. Ни кажаа дека не предложиле ваква интервенција во ставот 5 од членот 353.
Член на работната група, кој повеќе не е дел од неа, пак, ни изјави дека дискутирале за други аспекти на овој член, но не и за бришењето на ставот што се однесува за штета на буџетот.
„Ова е шверцерски обид за менување на Кривичниот законик“, ни рече тој.
„Со ваквото законско решение, многу обвиненија и истраги за висок коруптивен – финансиски криминал сторен на штета на државата ќе се соочат со застареност“, реагираа од Транспаренси интернешнел Македонија.
Посочуваат дека „штетата што може да настане како последица на ваквите законски решенија, каде што практично доаѓа до неказнивост би била огромна“.
Велат дека не смее да се дозволи „тивка амнестија“ на сторителите на коруптивни кривични дела на штета на граѓаните. Предлагаат овие измени да бидат повлечени.
Македонија е потписник на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата. Со членот 19, кој е насловен „злоупотреба на функциите“, таа е обврзана да усвои законодавни и други мерки што се однесуваат на „злоупотреба на функциите или позициите“.
А вака срочените законски измени нема да значат само пропаѓање на случаи на СЈО, туку и фрлање на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција „во технолошки вишок“, бидејќи само за членот 353 ставот 5 лани се воделе 40 предмети против 107 луѓе. Меѓу нив се тројца поранешни министри, осум актуелни и поранешни градоначалници, 29 административни службеници, пет судии, стечаен управник, адвокат, раководни лица, поранешни функционери…
Од Обвинителството за гонење организиран криминал велат дека лани воделе 12 предмети против 57 луѓе за злосторничко здружување.
Но, и покрај овие бројки, законските измени најмногу од сѐ со ова ќе предизвикаат дополнително топење на довербата на граѓаните во правната држава.