Регион

Заостанати мини се уште одземаат животи во Босна

Процесот на деминирање во Босна и Херцеговина започнал по војната, а до денес, во експлозија на мини, загинале вкупно 53 деминери и 673 цивили

Смртта на двајца деминери, кои на 25 август оваа година, за време на деминерски активности, загинаа во близина на градот Ливно, во југозападна БиХ, повторно го актуелизира прашањето за опасностите со кои се соочуваат оние што работат на отстранување на неексплодираните боеви средства, заостанати од војната 1992-1995.

Деминираните кои загинаа во близина на Ливно, во неразјаснети околности, се меѓу 55 деминери во БиХ, кои ги загубија своите животи, додека ги извршуваа работните обврски, од 1996 година до денес, објави Центарот за отстранување на мини на БиХ, БХМАЦ.

Што точно се случило со тричлениот тим од БХМАЦ – третиот деминер е полесно повреден – ќе се знае по официјалната истрага.

Според извештаите, БиХ е една од земјите со најголем број неисчистени мини.

Според националниот план, до 2019 година, БиХ требаше да биде земја без мини, но тоа не се случи.

Најопасни мински подрачја во БиХ. Фото: БИРН

„Проблемот е присутен во 129 од 143 општини во земјава, а најопасни се подрачјата околу Добој, Теслиќ, Маглај, Усора, Завидовиќи, Горњи Вакуф, Сански Мост, Велика Кладуша, Травник и Илијаш“, изјави за БИРН, портпаролката на БХМАЦ, Свијетлана Лулеџија.

Според информациите од оваа институција, околу 15% од вкупното население – 545.603 лица – се изложени на ризик од неексплодирани боеви средства.

Недостигот на финансиски средства, го забавува процесот на расчистување на мините. Од 1996 година, расчистени се повеќе од 3.000 квадратни километри, но во последните 6 години, БХМАЦ има годишен буџет од околу 20, наместо 40 милиони евра, наведени во почетната стратегија на Владата на БиХ.

Крајниот рок за целосно расчистување на територијата на државата  од мини, сега е продолжен до 2024 година, а властите на БиХ, за да се заврши процесот, апелираа за меѓународни донации.

„БиХ сè уште има околу 1.000 квадратни километри сомнително минско подрачје и оваа стратегија, што во јануари ја усвои Советот на министри (Владата), предвидува да бидеме земја без мини до 2025 година. Ова подразбира дека БиХ треба да издвои околу 336 милиони конвертибилни марки (околу 170 милиони евра) од домашни и донаторски средства, што е голема сума“, рече Суад Џафиќ, од Министерството за цивилни работи на БиХ, за агенцијата Анадолија, во април 2019 година, на Меѓународниот ден на свесноста за опасноста од мини.

Според податоците на БХМАЦ, помеѓу 1996 и август 2019 година, во БиХ биле убиени 673, а повредени 1.769 лица.

Еден од оние кои ги загубиле животите во експлозија на мина, бил и Сеад Зукиќ, кој загинал во јули 2018 година, во близина на градот Живинице, североисточна БиХ.

 

Број на повредени во експлозии на мини. Фото: БИРН

Имено, она што требало за него да биде ден за лов со пријателите, се претворило во трагедија, кога тој случајно згазнал на мина.

„Тој беше искусен ловец … дури и денес не можам да сфатам како завршил на минско поле“, вечи за БИРН братот на Зукиќ, Елдин.

„На местото имаше обележано дека има мини, но којзнае, можеби тој бил уверен дека ги знае сите места (на кои се поставени мини) и не бил доволно внимателен“, додаде тој.

Во БиХ, од 1996 година до денес, додека биле на должност, во различни несреќи, биле повредени 132 деминери.

Големината на подрачјето за кое постои сомневање дека е загадено со мини, изнесува 1.018 квадратни километри, или 2,1 процент од вкупната територија на БиХ.

Иако, со текот на годините, бројот на инциденти се намалил, секоја година има случаи на повредени.

Проблемот е толку сериозен, што во 2016 година, една локална невладина организација, ги предупреди играчите на Покемон ГО, да избегнуваат да одат во потенцијално опасние подрачја.

Соседна Хрватска, исто така, има проблем со нагазни мини што останаа по конфликтот во 1990-тите.

Според Хрватскиот центар за деминирање, оваа држава има околу 400 квадратни километри потенцијално опасно подрачје со 32.000 мини.

Од крајот на војната во Хрватска, односно од 1995 година до денес, во експлозии на мини загинаале 200 лица, вклучувајќи и цивили и деминери, а 385 биле повредени.

Хрватска е потписник на таканаречениот договор од Отава, за отстранување на мините ширум светот, односно на Конвенцијата за забрана за употреба, складирање, производство и транспорт на противпешадиски мини и нивно уништување.

Оваа држава се надеваше дека ќе биде земја без мини до 2019 година, но, според извештаите на хрватските медиуми, тоа не се оствари.

Jutarnji.hr минатата година објави дека Хрватска, како единствена земја на ЕУ со системско загадување со мини, го продолжила крајниот рок за отстранување на сите преостанати неексплодирани боеви средства, до 2026 година.

 

Број на загинати во експлозии на мини. Фото: БИРН